1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој уште сака грчки гаќи?

Милиона Марианти/ Дијана Ристова24 декември 2014

Грција со децении беше на врвот на светската текстилна индустрија. Но, со кризата, дојде и крајот на златно време. Дури и успешните производители никако не успеваат да се пробијат на недоверливиот германски пазар.

https://p.dw.com/p/1E9en
Фотографија: Modus Vivendi by Christos Bibitsos

Многу европски претпријатија со години нарачуваа гардероба кај грчките кројачи и фирми, без оглед на тоа, дали се работеше за облека од најлон или најфиниот памук. Северот на Грција е на посебно добар глас поради својата индустрија за облека и тоа уште од крајот на 19. век. Работите сега изгледаат поинаку. Една од причините за тоа се и проектите, помош од Европската унија, кои имаат за цел да изградат токму таков вид на индустрија во земјите како што се Бугарија и Романија. Последицата на тие потези беше масовното иселување на грчките претпријатија во овие две балкански земји, додека, грчкиот текстилен пазар речиси, сосема исчезна.

Погрешна политика

Христос Бибикос е еден од последните произведувачи на машка долна облека во Солун. Во неговата мала фабрика, секојдневно работат дваесетина жени на своите машини - произведуваат речиси сѐ: машки кошули, долна облека, костими за капење... Фирмата Modus Vivendi моментално е најважното име меѓу произведувачите на долна облека во Грција. Нејзиниот сопственик Бибикос, веќе 20 години живее и работи во Солун и преживеал многу подеми и падови на грчката индустрија за облека. „Историјата на грчката текстилна и индустрија за облека е многу тажна и тоа, покрај фактот дека нашиот текстил е со традиционално најдобар квалитет. Моментално се чини како сето тоа да е минато. Сметам дека, причините за тоа се погрешни политички одлуки и даночната политика. Мислам дека, поради тоа треба финансиски да и’ се помага на грчката текстилна индустрија, за да може полесно да се прошири во Романија и во Бугарија“, вели тој.

Symbolbild Liebestöter
Фотографија: Fotolia

Последицата од погрешната политика и економската криза доведоа до тоа, нарачателите да ја запостават Грција во корист на ефтините земји. Опстанокот и успехот на Бибикос не беа случајни: тој успеа да се преориентира кон странство навреме и вложи многу пари во сопствената марка. „За жал, ние овде во Грција многу малку се фокусиравме на сопствениот дизајн. Бевме многу добри по прашањето за избор на материјалот и производството на облека, но, секогаш моравме да работиме за некои други фирми. Никогаш не произведувавме сами за себе. Тајната на мојот успех би можела да послужи за успех на другите произведувачи. Тие би требало да развијат сопствен дизајн, своја препознатлива марка. Јас својот Modus Vivendi го создадов уште во 1989. година“, вели Бибикос.

Има ли криза?

Додека поголемиот дел од Грците трепери под товарот на кризата, неговата заработка во последните пет години се зголеми дури десет пати. Највисок раст бележи продажбата по пат на интернет. Додуша, пазарот во Германија и натаму е права загатка за ова претпријатие. Иако финансиската ситуација во Германија е далеку подобра од Грција, трговците водат огорчена битка околу цената, во која нарачките од Христос Бибикос се само дел од сложувалката.

„Трговијата на големо со англиските, француските, американските и австралиските купувачи, се одвива одлично. Но, германскиот пазар воопшто не го разбирам. Од една страна, Германците се први на светската листа на потрошувачи и купувачи преку интернет, но, нивните трговци на големо се многу воздржани. Како да немаат доволно доверба. Освен тоа, често се обидуваат да ги соборат цените. Ќе ја искористам оваа пригода за да ги прашам: Зошто го правите тоа? Дали има криза кај вас во Германија?“, вели Бибикос.