1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дојче Банк и Фолксваген: потресени од криза

Миша Ерхард
13 април 2018

Случајност е тоа што двата најголеми германски концерни во истовреме поставија нови менаџери. Причината за тоа и во двата случаи се кризите од минатото и предизвиците за иднината.

https://p.dw.com/p/2vw5T
Volkswagen und Deutsche Bank Logo
Фотографија: picture alliance/dpa/J. Stratenschulte D. Roland/AFP/Getty Images

На прв поглед двата случаи, Дојче Банк и Фолксваген не се поврзани. Но подлабоко погледнато може да се повлечат паралели. Двата концерна се западнати во сериозни кризи. И во двете компании кризите се интерно иницирани.

Проблемот со дизел моторите го „излизга“ Фолксваген. Матијас Милер пред три години ја презеде функцијата повеќе од чувство на одговорност бидејќи неговиот успешен претходник Мартин Винтеркорн беше незапирлив пред да се појави скандалот со дизелот. Последиците од скандалот беа повлекување на возила, казни тешки милијарди, пред сѐ во САД, бидејќи таму властите немаат милост за компании кои извршиле измама.

Прекршени моралните бариери

Ова искуство го доживеа и Дојче Банк: Во трка за профит во изминативе децении пред сѐ во инвестициското банкарство систематски се прекршени многу морални бариери: манипулирани каматни стапки се предмет на судска постапка во Лондон. Таму еден поранешен вработен во Дојче Банк треба да одговара за рекордните бонуси кои ги добил за својата работа. И таму вработени кои работеле за провизии – исто како и во другите банки – правеле дубиозни дилови со наивни инвеститори. Се додека не се распадна кулата од карти. Последицата е казни од милијарди долари и огромен број судски процеси.

Deutschland Christian Sewing
Кристијан Зевинг, новиот шеф на Дојче БанкФотографија: picture alliance/dpa/S. Prautsch

Повеќе:

-Дојче банк - крајот на една икона

-Дојче Банк „крвари“ поради проблемот со перење пари

-Дојче банк си ги бара парите од менаџерите назад

Казните за ова неславно минато ги погодија двата концерни во една фаза, во која парите се всушност неопходни за да се подготват за иднината. Дигитализацијата неуморно напредува. Банките мора да се прилагодат, особено нивните ИТ системи. Помали компании водени од новите трендови се обидуваат да им заземат дел од до сега класичните банкарски дејности. На пример, блокчејн технологијата веројатно посредниците како банките за трансакции ќе ги исклучи од игра. Тие не наплаќаат камати што дополнително ги намалува приходите на банките.

Скандали во Фолксваген

За Фолксваген дојде ерата во која концернот мора да развива нови технологии на погон на возилата. Возилата на струја изгледа се главното поле на кое компанијата мора да се фокусира за да остане конкурентна. Казните во висина од повеќе милијарди како последица на скандалот со дизелот и издувните гасови придонесоа Фолксваген да заостане зад своите капацитети. Сѐ уште не се поминати лошите времиња за концернот бидејќи како последица на скандалот постојано излегуваат нови лоши вести. Последна беше информацијата дека автомобилски концерни како Фолкваген правеле тестови со мајмуни за да го проверат влијанието на нивните издувни гасови. Во Германија сѐ уште се чека судската разрешница на скандалот.

Deutschland Wolfsburg Volkswagen Pressekonferenz
Херберт Дис, новиот шеф на ФолксвагенФотографија: picture-alliance/dpa/H. Hollemann

Повеќе:

-Токсични дизел гасови биле тестирани врз луѓе и животни

-Ќе се задуши ли Македонија со старите германски дизели?

-Забраната за дизел-возила во градовите е дозволена

Меѓу двата концерни има уште една сличност иако е различно димензионирана. Темпераментниот Матијас Милер покажа нервоза околу дебатата за висината на примањата на менаџерите. Неговата плата минатата година изнесуваше повеќе од 10 милиони евра на годишно ниво. Магазинот Шпигел го праша дали би можел со горна граница од 5 милиони евра. Тој пак одговори со контрапрашање: каде сето тоа би требало да води со оглед дека такво нешто веќе имало во источна Германија каде сѐ било регулирано.

Милите парички

И во Дојче Банк одново се разгоре дискусијата за исплатите на бонуси. За да ги задржи „добрите“ инвестициони банкари, банката има исплатено 2,3 милијарди евра бонуси. Притоа банката минатата година забележа загуба од 750 милиони евра. Дивидендите на акционерите изнесуваат 230 милиони евра, што значи само една десетина од од сумата исплатена за бонуси. Ова секако е доволно материјал за вжештена дебата на акционерските собранија во мај.

Главната разлика меѓу двете компании е во бизнис билансот. И додека банката минатата година забележа огромна загуба, Фолксваген бележи огромни добивки и покрај скандалите. Под водство на Милер, концернот оди од еден во друг позитивен рекорд. Дојче Банк е далеку од такво нешто, таа веќе три години по ред бележи загуби.

Да се учи еден од друг

Така погледнато стартната позиција им е нееднаква. Кристијан Зевинг кој од пред неколку дена е на чело на Дојче Банк треба да ја доведе банката повторно во плус. Наследникот на Милер, досегашниот бренд директор Хербер Дис во реорганизацијата тргнува со рекордни добивки. Оваа работа би требало уште полесно да ја спроведе со оглед на фактот дека во концернот е само три години, каде дојде од кај конкурентот БМВ со што има и објективно гледање на состојбите во фирмата. Кристијан Зевинг пак е десет пати подолго во банката со исклучок на само две години од неговата кариера кои ги има поминато на друго место. Тоа во случајов би можело и да му е од корист, бидејќи се вели дека ужива симпатии кај вработените. Двајцата би можеле многу да научат еден од друг. Тоа секако нема да биде на штета на концерните.