1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Даночни трикови на штета на сиромашните

Штефани Хепнер
3 февруари 2018

Германија е една од земјите каде црните пари може да се скријат и да се исперат лесно. Со тоа земјата си создава проблеми не само себеси, туку и на земјите во развој.

https://p.dw.com/p/2rtgl
Symbolbild Korruption Bestechung
Фотографија: Colourbox/Erwin Wodicka

Странските диктатори можат во Германија да ги сокријат парите кои ги украле од својот народ, а мафијашките организации да ги исперат незаконски стекнатите средства, констатира извештај на Даночна правда, мрежа на невладини организации во Берлин. На т.н. индекс на  сива економија  на оваа мрежа, Германија го има седмото место, уште повлошен пласман во однос на оној од пред две години, кога беше на осма позиција. 

Во истражувањето биле вклучени 112 земји и територии - колку добро во нив може да се прикрие недвижен имот, пари или сопственост на фирма. Притоа биле испитувани меѓу другото законите и регулативата, а предвид е земан и уделот на одделна земја на меѓународниот финансиски пазар. Според извештајот, во рангирањето убедливо води Швајцарија, „мајката на сите даночни оази“, потоа следат САД, Кајманските Острови, Хонгконг и Сингапур. Германија, во поглед на тајноста, се наоѓа во средишниот дел, но со оглед на тоа што спаѓа во најважните финансиски локации во светот, и во неа сивата економија предизвикува огромни штети.

Инвестиции во сива зона

„Во Германија постои огромна сива зона. Би рекол дури дека постои картел, договорен молк во политиката во врска со овде присутните пари на странски диктатори“, истакнува Маркус Мајнцер, раководител на проектот Индекс на сива економија во разговор за Дојче веле. Така на пример, во Германија имале сокриено пари  камерунскиот претседател Пол Бија, поранешниот ирачки диктатор Садам Хусеин и либискиот екс-диктатор Моамер ал-Гадафи.

Ова е можно од една страна поради отсуството на јавен централен регистар на недвижен имот, критикува Мајнцер. „Тоа ги намамува странските клептократи да сокриваат пари во германски недвижности.“ Од друга страна, постојат дупки во регистерот на транспарентност, кој во Германија е воведен врз основа на ЕУ-одредбите. Претпријатијата во Германија мора да го соопштат вистинскиот сопственик, но сепак сѐ уште е едноставно основањето на фиктивни фирми. Оној кој ќе вклучи две фиктивни фирми меѓу германско претпријатие и странски сопственик, може да остане анонимен, зашто на таков начин се избегнува обврската за внесување во регистарот: „За споредба, тоа е како еден ограбувач на банка да биде ослободен од кривично гонење, зашто се послужил со украдено возило,“ вели Мајнцер.

Symbolbild Geldwäsche
И во Германија е релативно лесно перењето париФотографија: Imago/Westend61

Избегнување внимание

Од нелегалните текови на парите страдаат првенствено земјите од глобалниот југ, земјите во развој и оние во засилен економски развој. Ним им бегаат даночни приходи од 100 до 200 милијарди американски долари годишно, гласи проценката на ММФ за 2015. година. Но, со оглед на ниските даночни стапки, овие земји процентуално губат уште повеќе пари отколку побогатите земји од ОЕЦД. За тоа се одговорни повеќе проблеми: прво, богатите бизнисмени или диктаторите успеваат средствата, стекнати незаконски и со измама, со помош на фирми-поштенски сандачиња, да ги префрлат во странство, вели Мајнцер. „Парите треба да бидат внесени во финансиски систем во кој нема да побудат големо внимание, а нема да бодат очи ни во вкупната маса на таму присутните пари“. Таков систем постои и во Германија. Второ, се врши манипулација на извозните цени, објаснува Мајнцер. Почетните цени на суровините се утврдуваат многу ниско, така што добивката се реализира кај фирма-поштенско сандаче надвор од земјата во развој, која врши натамошна продажба на суровините по многу повисока цена. Освен тоа, често фирмите и плаќањето на данокот го вршат во правна сива зона, се прикажуваат непостоечки трошоци и се намалува даночниот износ.

Повеќе на темата: 

Им одзвони ли на даночните оази?

Борбата против даночни договарања продолжува

Колку пари остануваат?

Загубите од даночните примања притоа во одделни прилики ги надминуваат дури и сумите одделени за развој. Според проценките на хуманитарната организација „Мизереор“, членка на Германската мрежа Даночна правда, во 2016. година биле исплатени околу 142,6 милијарди долари наменети за развој. Со тоа можеби е пристигната помала помош во споредба со загубените 100 до 200 милијарди долари поради избегнати даноци.

„На ваков начин ги поткопуваме напорите во соработката во развојната политика, ако не успееме да спроведеме ефективни мерки против даночното оптимирање на транснационалните концерни. Пред сѐ е потребна поголема транспарентност“, потенцира финансискиот експерт Клаус Шилдер од „Мизереор“.

Од 2014. година постои автоматска размена на информации за билансите на претпријатијата, но земјите-учеснички тоа го вршат на база на реципроцитет. Многу земји од глобалниот југ не можеа тоа да го направат, но сепак би сакале да имаат увид во билансите на транснационалните концерни кои се активни и кај нив. „Итно ни се потребни дополнувања и подобрувања во регулативата, што значи зголемена размена и поддршка при обуката и опремувањето на даночните служби“, вели Шилдер. Во спротивно, стравува тој, коруптивните елити и натаму ќе се сокриваат зад странски фиктивни фирми и нетранспарентните финансиски пазари.