1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борбата против даночни договарања продолжува

Барбара Везел
6 октомври 2017

Европската Комисија ја интензивира борбата против избегнувањето даноци од страна на големите меѓународни концерни. Брисел бара доплата на данок.

https://p.dw.com/p/2lFwB
Amazon Konzern  Jeff Bezos
Фотографија: Getty Images/D.Ryder

Комесарот на ЕУ за конкурентност, Маргрете Вестагер, во Брисел важи за неумолива и силна. Сега покажува дека сака да ја засили борбата против избегнувањето данок од страна на големите меѓународни концерни во ЕУ. Вестагер ја одработува секоја точка од Каталогот со престапи кои ѝ се познати од преземањето на работата на новиот состав на ЕК.

Комисијата неделава побара од Европскиот суд да се вклучи во судирот околу даночните предности за Епл и Амазон. Ирска, според барањето на ЕК, треба што е можно побрзо да си ги наплати 13-те милијарди евра плус камати што на име даночни предности ги добил Епл. Луксембург, пак, од Амазон треба да си побара назад 250 милиони евра што концернот ги „ќарил“ од даночни повластици. 

Нефер предности преку даночни договарања

Во принцип даночната политика е интерно прашање на земјите членки. Но, Комисијата веќе подолго време заради нелојална конкуренција следи големи концерни кои од земји членки на ЕУ добиваат предности во оданочувањето.

Brüssel, EU-Wettbewerbskommissarin Margrethe Vestager
Со Маргрете Вестагер нема шегаФотографија: Reuters/F.Lenoir

Одлуките против Амазон и Епл се само дел од цела серија истраги што ги водеше Службата за конкуренција. Во октомври 2015-та од американската фирма Старбакс побараа доплата на 30 милиони евра данок во Холандија. Во Луксембург се води истрага против ланецот за брза храна Мекдоналдс. Тука во прашање се една милијарда евра неплатени даноци кои може да се третираат како забранети субвенции.

Независно од тоа, Комисијата веќе ги казни и Гугл, Мајкрософт и Фејсбук заради други престапи на правилата за лојална конкуренција. Вестагер нема проблем да се замери со големи американски концерни.

Ќе одлучува Европскиот суд

Ирската влада во соопштението од минатиот вторник мерките на Комисијата ги оквалификува како „екстремно разочарувачки“. Владата покрена жалба и против првичната одлука од 2016-та, со која Брисел го обврзува Амазон да доплати даноци. Но, жалбата не го одлага извршувањето на одлуката, така што Даблин сега мора да ги наплати парите. Амазон исто така се заканува со тужба. Јасно е дека Европскиот суд ќе мора да донесе одлука која ќе служи како пример и за натаму, дали ваквите даночни олеснувања правно ќе бидат дозволени или фактички ќе бидат третирани како забранети државни субвенции.

Принципот зад овие случаи е ист: меѓу оперативното претставништво на една фирма и холдингот кој практично само фигурирал како фирма се трансферирале пари, така што, на пример, кај Амазон на крајот останувале само четвртина од средствата кои треба да се оданочат. Останатите три четвртини се на холдингот, а тие средства, според договорот од Луксембург за оданочување, се ослободени од данок.

Flash-Galerie Genies des Alltags Howard Schultz Starbucks Tasse
Oд американската фирма Старбакс e побараnа доплата на 30 милиони евра данок во ХоландијаФотографија: picture-alliance/dpa

И Луксембург, чија што економија профитира од тоа да привлекува седишта на големи фирми благодарение на ваквите олеснувања, размислува да преземе правни чекори против одлуката на Европската Комисија - иако, како што пофали Маргрете Вестагер, земјата во меѓувреме ги смени законите и случаи како со Амазон не би можеле веќе да се случуваат. По скандалот Лукс-Ликс меѓу земјите членки беше договорена и автоматска размена на информации за даночни договарања со што транспарентноста е барем малку зголемена.

Еврокомесарката ги отфрли инсинуациите дека особено во фокус се американските фирми. „Сите одлуки ги преиспитавме токму и од овој агол и не можеме да констатираме дека некаде сме зазеле страна", вели Вестагер. „Мора да играме сите на ист терен. Тука се работи за локалната конкуренција во Европа, без разлика на тоа кој под кое знаме работи и кои се сопствениците.“

Реакции и предлози за реформи

Европските политичари со радост ги примија одлуките на Вестагер. Свен Гиголд, експерт за финансии на Зелените во Европскиот Парламент, вели дека тие се „успех за даночната правда во Европа". Но, тој забележува дека бараните 250 милиони од Амазон се премала сума. Комисијата првично тргна од 400 милиони и потоа ја намали сумата. Тоа, според него, покажува дека „вистинска европска даночна политика" не може да биде заменета со правото за лојална конкуренција. Тој бара заедничка основа за пресметување на даноците во ЕУ.

USA Apple-Laden in New York
Ирска уште во јануари морала да ги повлече 13-те милијарди од Епл, но тоа го избегнувала од стравФотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Lennihan

Фабио ди Маси, пратеник од Левицата, бара реформа на правото за соучество за да овозможи казни кои би донесле пари во европскиот буџет. Пратеникот на ЦДУ Андреас Шваб пак го пофали заклучокот на Вестагер: „Собирањето даноци од претпријатијата не е условено од волјата на земјата.“ Ирска уште во јануари морала да ги повлече 13-те милијарди од Епл, но тоа го избегнувала од страв дека ќе ги загуби предностите што седиштето им се наоѓа таму.

Големите земји членки Германија, Франција, Италија и Шпанија на Самитот во Талин приложија заеднички документ за реформа во даночењето на интернет концерните. Во него се бара добивките да се даночат онаму каде што се направени, а не во произволно избрано претставништво на земја членка. Тоа би ја тргнало основата на ирскиот модел заради што и Даблин постојано покажува отпор на таквите реформски обиди. Заклучокот за такво нешто мра да се донесе едногласно, така што тешко е да се очекува напредок. Критичарите затоа бараат нпрво да се отстрани обврската за носење едногласни одлуки по прашањата за даноците. Дури тогаш во ЕУ даночењето на големите концерни би било поправедно.