Дали Барселона е „жртва на заговор“?
5 април 2014„Ние сме најголемиот клуб на светот и можеби тоа некому не му одговара“, изјави претседателот на ФК Барселона Жозеп Мариа Бартомеу на прес-конференција. Тој ја коментираше едногодишната забрана за купување на играчи, која Светскиот фудбалски сојуз ФИФА му ја изрече на каталонскиот клуб поради кршење на прописите за трансфер. Неговиот клуб, додаде тој, веќе некое време забележува дека „некој се обидува да ѝ наштети на Барса“.
За Бернхард Петерс, директор на одделот за подмладок кај германскиот прволигаш Хофенхајм, одлуката на ФИФА да ја казни Барселона за „трговија со деца“ е сосема оправдана. Тој дури смета дека ФИФА требало да го стори тоа многу порано. „Оваа одлука нѐ изненади, но само затоа што престапите, кои се сега санкционирани, се познати веќе со години“, вели Петерс во интервју за еден германски весник. „Веќе долго е очигледно дека во Шпанија, но и во некои други земји, прописите на ФИФА не се сфаќаат сериозно“.
Германците ги почитуваат правилата?
Германскиот фудбалски сојуз и Германската фудбалска лига внимаваат во Првата и во Втората германска лига да се почитуваат правилата на ФИФА, тврди Петерс. Според нив, лицата помлади од 16 години „смеат да преминуваат од клуб во клуб во Европската унија само ако за тоа им е осигурана образовна и социјална поддршка“, укажува Петерс. „А на така млади луѓе кои не доаѓаат од членки на ЕУ воопшто не им се дозволени трансфери“.
На меѓународната сцена така се создал еден вид „сив пазар“ со многу млади играчи, тврди германскиот спортски работник. „За жал големите клубови сѐ порано ги врзуваат младите играчи“, вели Петерс.
ФИФА ја казни Барселона поради трансфер на малолетни играчи со една година забрана за трансфери (две сезони за купување: летен преоден период 2014 и зимски преоден период 2014/2015). Каталонците веќе најавија дека ќе поднесат приговор.
Можеби шпанскиот првак со години користел правна дупка во прописите на ФИФА. „Ако некој член на семејството на малолетен играч може да докаже дека има работно место во земјата во која се доселиле, а кое нема поврзаност со фудбал, неговото дете може, според прописите на ФИФА, да премине од клуб во клуб без никакви ограничувања“, објаснува Петерс. „Се разбира дека клубовите го користат тоа“.
„Кај нас е сѐ чисто“
Барселона, меѓутоа, се гледа како жртва на заговор. Според наводите на претседателот на клубот Бартомеу, повод за истрагата на ФИФА била анонимна пријава од почетокот на февруари. Бартомеу смета дека казната е непримерно висока и неправедна. Тој нагласува дека во центарот за млади играчи на Барселона не тренира ниту едно дете чии родители за тоа не дале согласност.
Плановите за идната сезона, меѓутоа, засега се отворени. Неизвесно е што ќе биде и со планираниот трансфер на германскиот голман Марк-Андрес тер Штеген, кој моментно брани во Борусија Менхенгладбах.
Наводно, клубот на Лионел Меси бил предмет на критика поради сумата која била платена за бразилската супер ѕвезда Нејмар. Прво се говореше дека за него биле платени 57,1 милиони евра, а подоцна дека тој трансфер чинел преку 86 милиони евра.
Шпанските даночни власти на тоа реагираа со истрага поради сомнеж за затајување данок. Барселона потоа, според сопствени наводи, „доброволно“ платила 13,5 милиони евра данок. Истовремено, управата на каталонскиот клуб тврди дека „сѐ било легално“.