Групна тужба против вонредната состојба прогласена од Трамп
19 февруари 2019Во спорот околу прогласувањето на вонредна состојба од страна на претседателот Доналд Трамп за изградбата на граничниот ѕид, 16 американски држави бараат правно разјаснување. Во нивната тужба поднесена до федералниот суд во Сан Франциско, постапките на Трамп се опишани како прекршување на Уставот на САД.
Американскиот претседател, против волјата на Конгресот и под изговор за наводна криза, ги прераспределил федералните фондови за изградба на ѕидот, стои во тужбата. Неговата одлука за прогласување национална вонредна состојба минатиот петок Трамп ја образложи со „инвазија" на дрога, шверцери на луѓе и криминални банди на мексиканската граница.
Во меѓувреме, пак, стотици противници на претседателот на САД, Доналд Трамп, се собраа во Вашингтон да протестираат против неговото објавување на вонредна состојба. Демонстрантите пред Белата куќа донесоа транспаренти на кои е напишано „Трамп го корумпира уставот“ и „Повеќе не сакаме крал“.
Еколошкиот активист Сем Кук, кој носеше транспарент на кој Трамп е наречен „слуга-диктактор“, рече дека претседателот на САД ги „прекршил правилата за да ги постигне целите“.
Адвокатката Алисон Фулц рече оти Трамп ја „измислил кризата“ за да прогласи вонредна состојба и дека се „однесува како дете“.
Трамп за време на изборната кампања во 2016 година вети изградба на ѕид на границата со Мексико за да ја запре илегалната имиграција.
Бидејќи Конгресот не одобри пари за тоа, Трамп во петокот прогласи вонредна состојба, што му овозможува да го користи, меѓу останото, буџетот на Пентагон.
Демократите и некои републиканци тоа го осудија како злоупотреба на овластувањето, а опозицијата се надева дека ќе се изгласа „заедничка декларација“ во Конгресот со која командата на претседателот ќе биде блокирана.