1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата измама на Доналд Трамп е повик за будење

Михаел Книге
15 февруари 2019

Во обид да си ги засили позициите во базата, претседателот Трамп објави вонредна состојба со цел да го финансира ѕидот кон Мексико. Тоа е измама, но и повик за будење на законодавците и Конгресот, смета Михаел Книге.

https://p.dw.com/p/3DRNb
USA - Trump besichtigt Mauer-Prototypen
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Ngan

Да почнеме со добрите вести: Барем нема да има нова блокада на владата.

Лошите вести? Откако го потпиша законот кој мина во Конгресот за финансирање на владата, претседателот на САД Доналд Трамп исто така прогласи вонредна состојба за да го исполни ветувањето од кампањата дека ќе изгради „голем, убав ѕид“ на границата со Мексико.

Трамп немаше да биде Трамп доколку не направеше ваков спектакл. И покрај принудниот шатдаун, тој, самопрогласениот најдобар преговарач во светот, не успеа да постигне договор со Конгресот кој би вклучувал и пари за неговиот ѕид. И да не забораваме дека исто така не успеа да го исполни предизборното ветување дека Мексико ќе плати за ѕидот. Со потпишувањето на законот за финансирање на владата, но и на вонредната состојба, Трамп и формално потврди: aмериканските даночни обврзници, а не Мексико, ќе платат за ѕидот.

Трикови за замачкување

За да го замати овој факт, Трамп се послужи со еден од неговите најпопуларни трикови - се фали дека ја решил кризата без да спомене дека тој самиот ја создал истата. Секако, состојбата на границата е тешка. Но тоа е хуманитарна криза, а не национална катастрофа, како што со право заклучи спикерот на Конгресот, Ненси Пелоси. Уште поважно, временски долготрајниот процес на изградба на ѕидот многу малку ќе ја олесни кризата која се случува во моментов на границата.

Но, вистинската цел никогаш и не беше да се подобри актуелната состојба. Токму затоа вонредната состојба е измама. Вистинската намера на Трамп е да им приреди малку акција на неговите тврди поддржувачи. Со заобиколувањето на, како што тој вели, слабиот Конгрес, Трамп се претставува како одлучен лидер, кој- ако дојде дотаму- ќе ги предводи пратениците во одбрана на она што тој погрешно го претставува како национален интерес.
Притоа, иако вонредната состојба е непопуларна кај мнозинството Американци, таа има поддршка од најжестоките поддржувачи на претседателот- и кај многу републиканци во Конгресот кои уште еднаш се предомислија иако првично беа против ваквиот чекор.

Michael Knigge Kommentarbild App
Михаел Книге

Легалноста на маневарот на Трамп сигурно ќе биде предизвикана пред судовите, не само од активистите за човекови права, туку и од земјопоседниците кои ќе бидат принудени да се откажат од дел од своите имоти согласно домашните правила кои сега се во сила.

Вечни вонредни состојби

Притоа, важно е да се напомене дека прогласувањето на вонредна состојба од страна на Трамп, иако прилично безобразен потег, сепак не е невообичаен во САД.

Како што неодамна објави „Атлантик“, во 1995 година САД прогласија вонредна состојба која никогаш не заврши. Борбата против тероризмот е само една од вкупно 31 активни вонредни состојби во САД, а кои опфаќаат сѐ „од нередите во Бурунди до движењето на чамците во близина на Куба“.
Слично како што стори со налудничавата декларација дека увозот на челик и метал од Европа и Канада е закана за американската национална безбедност, што му овозможи да ѝ воведе тарифи на конкуренцијата, Трамп едноставно ги користи дупките во политичкиот систем на САД на начин на кој малкумина веруваа дека е можен.

Токму затоа Конгресот мора да ја преземе својата улога на коректор на владата и претседателот. Наместо да си игра со оган давајќи им на потенцијално неодговорни претседатели широки овластувања за воведување вонредни состојби, Конгресот треба да им го одземе или барем драстично ограничи ова право.

Наместо постојано да се жалат поради надминување на овластувањата кога нивниот претседател не седи во Белата куќа, законодавците од двете страни треба конечно да ја искористат можност да го скротат Трамп и да му ја одземат нему и на идните претседатели можноста во иднина да ги злоупотребуваат ваквите „вонредни состојби“.