Говорот на Иванов во ОН: Малку стратегија, многу домашна пропаганда!
28 септември 2014Минимум надворешно-политичка стратегија и максимум домашно-политичка пропаганда. Вака генерално, аналитичари го оценуваат обраќањето на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, пред Генералното Собрание на ОН. Иако неговиот прв говор пред Советот за безбедност провладини кругови го дефинираа како „историски чин“, според аналитичарите „говорницата, сама по себе, не ја дава ни суштината, ни длабочината на кажаното“. Таа се очекува исклучиво од силината на аргументацијата на говорникот.
И покрај неколку добри моменти, двата говори во суштина беа политички неубедливи, стратегиски плитки и проѕирни, тие и покрај вербалната алармантност нема никого ниту да замислат, а уште помалку да привлечат особено внимание, вели поранешниот македонски амбасадор во ОБСЕ, Арсим Зеколи.
„Тешко е да се разбере што сакаше претседателот Иванов да постигне со ставот дека 'човековите права и достоинство на македонските граѓани се негираат од земја членка на НАТО и ЕУ'. Таквиот вокабулар, во кој воопшто не се спомнува името на Грција, е најблаго речено некоректен и непартнерски кон НАТО, ЕУ и земјите членки, кои секако не се воодушевени од таков 'озборувачки' тон искажан на глобален форум, од земја кандидат која бара членство во нивните организации. Таквиот став покажува отсуство на свест за солидарност во партнерството и раѓа сомнежи за пораките и адресите на кои Иванов ги упатува критиките. Дотолку повеќе, што тој во обраќањето отиде и чекор понатаму, имплицирајќи дека НАТО и ЕУ се 'дисфункционални семејства кои не ги почитуваат правилата на однесување', оценки што се музика за ушите на предводниците на антизападните политики ширум светот“, оценува Зеколи.
Тој смета дека претседателот покажал и несфатлива неконзистентност и непринципиелност во однос на меѓународното право.
„Иванов речиси дваесет пати го потенцира меѓународното право кога треба да се подвлече нашиот спор за името. Интересно и индикативно е што принципот на меѓународното право отсуствува во неговото обраќање поврзано со војната во Украина, за која тој вели дека 'најголеми жртви се невините граѓани и материјалните загуби', но не го спомнува во контекст на газењето на меѓународното право врз суверенитетот и интегритот на таа земја од страна на Руската Федерација. За разлика од Иванов, српскиот претседател Николиќ во врска со Украина ја потенцираше и Картата на ОН, и територијалниот интегритет и меѓународното право. Бугарскиот претседател, пак, директно потенцира дека 'Бугарија не ја признава анексијата на Крим и ја осудува Руската Федерација за кршење на меѓународното право'“, споредува Зеколи.
Пропушти да поентира
Во однос на забелешките за (не)почитувањето на меѓународното право, дел од соговорниците на ДВ сметаат дека претседателот токму во таа сфера не ја искористил шансата да поентира. Според професорот Јове Кекеновски, не е доволно само „патетичното набројување“ на се‘ она што го издржала државата, во смисла на непринципиелни и нелегални блокади.
„Иванов свесно пропушти да поентира токму на прекршувањето на меѓународното право. Тој јасно и гласно побара од ОН максимално да се посветат во изнаоѓањето заемно прифатливо решение, наместо да побара исправање на нанесената неправда на Македонија со прекршување на меѓународното право. За да не бидеме сведоци на анемичен говор и постојано да 'плачеме', потребeн беше еден храбар и правно аргументиран говор, во кој јасно ќе се кажеше дека при нашиот прием во ОН, спротивно на Повелбата, ни се наметнати два неправни услови за прием: Прво, да прифатиме привремена деноминација на нашето име. Второ, да преговораме со Република Грција за промена на своето име! Со овие неправни услови, Македонија без нејзина вина е доведена во нерамноправна положба во однос на другите држави и во постапката за прием, но и по приемот. Требаше да се потенцира дека е повреден принципот на 'суверена еднаквост' на државите, содржан во член 2, став 1 од на Повелбата на ОН. Односно при донесувањето на Резолуцијата 817/1993 на Советот за безбедност и Резолуцијата 47/225 (1993) на Генералното собрание, повредени се членот 4, став 1, како и членот 2, ставови 1 и 7 од Повелбата на ОН. Исто така повреден е и принципот на неповредливоста на правната личност на државата, бидејќи една држава има неотуѓиво право на самостоен и независен избор на своето име. Прекршени се и други задолжителни правни принципи на општото меѓународно право, како на пример, правото на самоопределување на народите, правото на избор на сопствено име кое е во исклучива внатрешна јурисдикција на секоја држава, забрана за дискриминација по ниту една основа и друго“, констатира Кекеновски.
Вели дека од шефот на државата очекувал да најави дека земјата ќе вопостави нова релација на директни односи со ОН, односно дека ќе покрене постапка за анулација на наметнатите два неправни услови, дека ќе почне да дејствува активно, како правно така и политички, наместо да се моли максимално да се посветат во изнаоѓањето заемно прифатливо решение.
Каде е инклузивната политика?
Според дел од аналитичарите, Иванов и не морал да оди до Њујорк за да се обрати пред претставници на светското семејство на народите, со оглед дека настапил со типичен говор за внатрешна употреба. На таков говор укажува и универзитетската професорка, Мирјана Малевска. Нејзините забелешки се насочени и кон отсуството на објективна анализа за причините што раѓаат верски фанатизам, односно за отсуството на инклузивна политика на меѓуетничка толеранција.
„'Самопомошта' е еден од основните начела на реализмот во меѓународната политика. Од нашата земја се очекува и се бара да си 'самопомогне'. Да ги реши проблемите кои ги има и да стане членка на НАТО и ЕУ. Толку. Говорот на претседателот Ѓорге Иванов во ОН е пред се‘ за домашна употреба. Не велам дека кај нас и на Балканот нема екстремизам и верски фанатизам. Има, и тоа е познато. Но треба да се потсетиме на лекциитe од 2001 година. Дека мала екстремистичка група може да добие широка народна подршка, доколку постои длабоко нeзадоволство од статусот на групата. Дека ако не се води инклузивна политика на меѓуетничка толеранција, ќе се појави уште поголем радикализам. Дека ако безочно се трошат ресурси за анахроно создавање на нов националн идентитет на мнозинството, на сметка на малцинството, ќе се најде некој што ќе се спротивстави на радикален начин. Срцепарателни говори нема да ги трогнат големите играчи на меѓународната сцена. Не помагаат поплаки, не помагаат закани за Балкански калифат! Накусо, по делата не‘ ценат“, укажува Малевска.
Во тој контекст, Зеколи забележува дека и во двата говора, претседателот изнесол ставови и оценки кои се сосема несоодветни за еден таков форум, длабоко некоректни за клучните стратегиски партнери на Македонија, но и провокативни кон голем дел од нејзините граѓани. „Тоа го потврдуваат домашните реакции кои уследија по неговите импутации дека 'ИСИЛ и Џаб хат ал Нусра се групирани во етно-национални одреди, за да ја извезат џихадистичката идеологија'. Очигледна беше намерата на Иванов да ја искористи можноста за дефамација на Албанците како наводна 'муслиманска загроза', плитко криејќи се зад квалификативот етно-национални одреди, и покрај предупредувањата упатени од Исламската верска заедница, за кои токму Иванов не покажуваше ни слух ни должна почит. Иванов не се осврна на социјалните предуслови како што се криминалот, корупцијата, непотизмот или социјалната нееднаквост, како фактори кои директно придонесуваат кон радикалните општествени феномени и појавата на тероризам. Воедно, смешно и незрело е да се жалите дека немате финансиски капацитети за одбрана, додека пак десетици милиони евра се расфрлаат на градење на мегаломански проекти. Недостигот на самокритичност и интроспективност кон самите себе, целосно ја девалвираат острицата на критиките и забелешките упатени кон другите“, оцени Зеколи.
Генерално, обраќањето на македонскиот претседател во ОН падна во сенка на два домашни настани. Првиот, обраќањето на премиерот Груевски по повод „сто дена од Владата“, на кој, одговарајќи на новинарско прашање соопшти дека Владата не размислува за предвремени, туку за избори во 2018 година. И вториот - анкетата на Републиканскиот институт (ИРИ), според чии резултати - ако утре се одржат парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ би освоила 29 отсто од гласовите, СДСМ 10 , ДУИ 13, а ДПА 3 отсто.
Вниманието на власта и опозицијата и нивните меѓусебни вербални пораки останаа фокусирани исклучиво на домашен терен, далеку од говорите и пораките од Њујорк.