1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов од Бан бара поголем ангажман во спорот со Грција

ЕМФ/миа27 септември 2014

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов од генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун побара интензивирање на процесот на барање решение за спорот со Грција околу името.

https://p.dw.com/p/1DLvU
Фотографија: MIA

Средбата на македонскиот претседател Ѓорге Иванов и генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун се одржа во Њујорк, а присутни беа и македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски, како и посредникот во разговорите со Грција, Васко Наумовски. Од кабинетот на Иванов информираат дека макеоднскиот претседател „оцени дека со нелегалните блокади на заслуженото членство на Република Македонија во НАТО не се создава амбиент на сигурност и стабилност на Балканот, и затоа е потребно Советот за безбедност да опстои на безусловно почитување на своите резолуции“.

Иванов побарал да се почитува меѓународното право, меѓународните договори и пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Од македонска страна на средбата била изразена оценка дека е потребна поголема посветеност и добра волја од страна на Грција. Иванов нагласил дека разговорите треба да се водат во рамките поставени од резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Хаг, и без нивно кршење и надминување. Од македонска страна повторно било оценето дека се потребни директни средби на високо ниво меѓу двете земји, за да се надмине статус кво ситуацијата во земјата.

Präsident Gorge Ivanov Mazedonien Ban Ki Moon UN Generalsekretär New York USA
Бан Ки Мун и Ѓорге Иванов во ОН во септември 2012 година (архива)Фотографија: MIA

„Претседателот Иванов побара од генералниот секретар Бан Ки Мун процесот да добие поголем интензитет и побара поголема ангажираност од страна на генералниот секретар за активност од страна на Обединетите нации во процесот на изнаоѓање решение за наметнатиот спор со Република Грција“, се информира од кабинетот на Иванов.

Иванов во Генералното собрание на ОН повика на почитување на пресудата за Македонија

По средбата со Бан Ки Мун, македонскиот претседател Ѓирге Иванов се обрати пред Генералното собрание на Обединетите нации. Тој ја повика Европската унија да не остави празен простор на Балканот и да го продолжи интегрирањето, вклучително и на Република Македонија. Иванов воедно повика на почитување на меѓународното право во спорот со Грција:

„Нашиот јужен сосед продолжува од ден на ден да го крши меѓународното право. Продолжува со непочитувањето на резолуциите на Обединетите нации од 1993 година и Времената спогодба од 1995 година. Продолжува да ја игнорира пресудата на највисокиот правен авторитет во светот. Пресудата не важи само за државата што нe‘ блокира. Пресудата важи erga omnes, за сите држави-членки на меѓународните организации во кои и натаму сме блокирани. Со секоја блокада во нашите европски и евроатлантски интеграции, се поткопува меѓународниот правен поредок. Со толерирањето на блокадите се создава опасен преседан. Преседан за меѓусебно блокирање и уценување мотивирано од тесно државни интереси, на сметка на колективните интереси на Европската унија и НАТО“, истакна македонскиот претседател во обраќањето пред Генералното собрание на ОН.

Пред шефовите на делегациите на државите од светот, Иванов го спореди евроатлантското интегрирање на Балканот со светилник кој ги насочува државите кон заедничка цел. Тој предупреди на опасност доколку тој светилник згасне и се загуби европската перспектива на Балканот:

„Со политиката на проширување, Европската унија долго време беше светилник што го осветлуваше патот на државите од Источна и Југоисточна Европа кон напредното европско семејство. Неодамна бевме известени дека во наредните пет години тој светилник привремено нема да работи. А, кога не работи светилникот, постои опасност да се случи бродолом. Нашиот регион на Југоисточна Европа е се‘ уште ранлив, а бурата не е далеку. Сакам да пратам порака до партнерите во Европската унија. Одлагајќи го проширувањето, Унијата создава вакуум во историски најпорозниот геополитички простор. А, сите знаеме дека не постои вакуум во геополитичкиот простор. Порано или подоцна, вакуумот се стреми да биде пополнет. Затоа, неопходно ни е час поскоро да ги интегрирате сите земји од Западен Балкан во ЕУ“, рече Иванов кој ги повика балканските држави да ги применат искуствата од помирувањето на европските држави по Втората светска војна, за да се создаде европеизиран Балкан.

Mazedonien Gorge Ivanov bei der PK mit NATO Anders Fogh Rasmussen in Brüssel
Иванов ги повика балканските држави да ги применат искуствата од помирувањето на европските држави по Втората светска војнаФотографија: MIA

Во синоќешното обраќање пред ГС на ОН, македонскиот претседател се осврна и на ширењето на терористичката закана низ Блискиот Исток.

„Неодамна, на шестиот Форум на Алијансата на цивилизациите на ОН се зборуваше за единство во различностите. Но, додека светот зборува за единство во различностите, радикални екстремисти се единствени во намерата да ги уништат различните. Додека зборуваме, милиони искрени верници низ светот ја чувствуваат болката што им ја нанесуваат поединците и групите со затворени умови задоени со религиски фундаментализам. Додека зборуваме, се спроведува систематско уништување на поединци и заедници. Додека зборуваме, стотици илјади се прогонети. Нивните домови се опустошени, нивните светилишта се уништени, нивното минато е избришано, а нивната иднина е доведена во прашање“, рече Иванов.

Шефот на македонската држава повика на обнова на светскиот поредок, разнишан од терористичките напади на 11 септември 2001 година и последиците кои произлегоа по нив, како и од економската криза од 2008 година, преку возобновување на меѓународниот правен поредок. Во тој контекст, Иванов потсети дека при обраќањето во Генералното собрание во 2012 година, првиот ваков собир по Хашката пресуда во случајот што Македонија го покрена против Грција, во исто време се одржуваше состанок на ОН за владеење на правото, меѓу другото и за почитување и спроведување на пресудите на меѓународните судски тела.

„Оттогаш минаа две години, и ние се‘ уште дебатираме. Се‘ уште чекаме да се испочитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Непочитувањето на врвните правни авторитети укажува на ерозија на културата на почитување на меѓународното право во светот. Ерозијата го суспендира владеењето на правото и остава простор за анархичност“, заклучи македонскиот претседател.

Согласно темата на годинашното Генерално собрание, во рамките на кое генералниот секретар Бан Ки Мун свика и климатски самит, Иванов посвети дел од своето обраќање на прашањето на климатските промени и предупреди на нарушениот баланс меѓу економскиот развој и уништувањето на здравата животна средина за идните генерации. Претседателот потсети дека и Балканот во текот на годинава беше соочен со екстремни климатски настани и укажа на тоа што Македонија го прави на овој план.