1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Берлин уапсен Сириец осомничен за тероризам

ЕМФ /агенции
3 ноември 2016

Обвинителството покрена истрага против Сириецот, кој е осомничен за членство во странско терористичко здружение.

https://p.dw.com/p/2S4bU
Deutschland Syrer unter Terrorismus-Verdacht in Berlin festgenommen
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Zinken

Сириецот е уапсен во неговиот стан во берлинската населба Шенеберг (на фотографијата), соопшти полицијата. Уапсениот навел дека има 27 години и дека потекнува од Сирија.

Постои сомневање дека е член на странско терористичко здружение. Сириецот, како што се наведува, во Германија е од 2015 година. Во текот на денот се очекуваат повеќе информации од страна на обвинителството.

Според информации на весникот „Велт“, пак, уапсениот е Тунежанец и се вика Ашраф Ал-Т. Тој заедно со уште еден 27-годишник со германско потекло бил опсервиран подолго време. Неименуван иследник за весникот изјави дека сѐ уште не е јасно како изгледале конкретно можните планови за напади. Тоа би требало да стане појасно откако ќе се изврши анализа на разговорите од неговите апарати за комуникација.

Зголемена готовност по случајот Ал Бакр

Германските безбедносни служби подолг период се во состојба на зголемена готовност поради стравувања од исламистички мотивирани напади. Пред неколку недели возбуда предизвика случајот на осомничениот терорист Џабер ал-Бакр, кој изврши самоубиство во затворот во Лајпциг. Ал Бакр имаше статус на бегалец во Германија, а во неговиот дом во Кемниц беше пронајден експлозив. Се претпоставува дека планирал да изврши напад на берлинскиот аеродром Тегел. Безбедносните служби сметаат дека тој дејствувал по налог на терористичката милиција „Исламска држава“.