1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ал-Бакр и неговото скандалозно самоубиство

14 октомври 2016

И покрај постојаното набљудување, осомничениот терорист Џабер Ал-Бакр успеа да се самоубие во затвор. Неговото самоубиство е удар за борбата против тероризмот, смета Марсел Фирстенау.

https://p.dw.com/p/2RD78
Polizei Sachsen Fahndungsbild Jaber Albakr
Фотографија: Polizei Sachsen

Ова самоубиство ќе има последици за политиката, судството и службите за обезбедување. Сѐ уште е рано за да се вперува прстот во некого, но нема ни најмал сомнеж во скандалозната природа на смртта. Имаше премногу недоследности уште и пред неговото самоубиство. За потсетување: осомничениот за тероризам, сириски бегалец, Ал-Бакр успеа да ѝ избега на полицијата и покрај големата потрага. Тој успешно се криеше сѐ додека негови сонародници не го препознаа и не ѝ го предадоа на полицијата.
Германија воздивна. Акутната терористичка опасност беше избегната. А потоа, главноосомничениот, изработувачот на бомби, успеа да си го одземе животот пред носот на затворските чувари. Неверојатно е дека успеал во тоа - без разлика на околностите. Властите морале да земат предвид дека најпознатиот и најопасен затвореник во земјата имал и таква идеја. 

Веројатно најважниот сведок, Ал Бакр сега е мртов и очигледно не може да сведочи. Во секој случај, барем постоеше мала шанса дека ќе каже нешто. Германските безбедносни агенции можеби ќе добиеја некоја информација за неговите поддржувачи и организациска структура. Индиции кои можеби ќе спречеа и некој потенцијален напад во иднина.
Настрана од овие хипотези, Ал-Бакр веројатно стана и маченик во исламските терористички кругови. Во нивното морбидно и цинично размислување, тој се ослободи од прангите на неверниците со тоа што изврши самоубиство. Доколку на нештата гледате на тој начин, самоубиството на Ал-Бакр може да се толкува и како самоубиствен напад. Вообичаено, експлодираат бомби или напаѓачи пукаат на сите страни. За среќа, во случајот на Ал-Бакр, не беа убиени невини луѓе. Но во текот на истрагата, ќе има уште жртви. Одговорните политичари и безбедносни функционери кои потфрлија ќе ја загубат работата - тешко е да се верува дека нема да биде така.