1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сириецот Ал-Бакр се самоубил во затвор

ЕМФ /дпа/ртр/афп
13 октомври 2016

Осомничениот за тероризам Џабар ал-Бакр, кој беше фатен благодарение на тројца негови сонародници, се самоубил во затворот во Лајпциг. Полицијата бара расчистување на случајот.

https://p.dw.com/p/2RAmE
Fahndung nach Syrer Dschaber Al-Bakr nach Sprengstoff-Fund in Chemnitz
Фотографија: picture-alliance/dpa/Polizei Sachsen

Министерството за правда на германската покраина Саксонија соопшти дека Џабер ал-Бакр се самоубил вчеравечер, околу 21 часот, во затворот во Лајпциг. Според информации на АРД, осомничениот терорист се обесил во ќелијата. Детали за случајот се најавени за денеска, на прес-конференцијата на министерот за правда на Саксонија, Себастијан Гемко.

Бранителот на Сириецот изјави дека самоубиството предизвикува „шок и ужаснатост“. Александер Хибнер за ВДР5 рече дека затворските службеници „уште во понеделникот“ знаеле за лабилната состојба во која се наоѓа Сириецот. Ал Бакр стапил во штрајк со глад. „Со оглед на сите околности, морало да се претпостави дека постои ризик од самоубиство“, нагласи Хибнер. Раководителот на затворот вчера го информирал дека Ал Бакр најверојатно „кршел лампи и манипулирал штекери“, па поради тоа ќе биде под надзор. Очигледно, оценува Хибнер, ваквите мерки на набљудување „не биле доволни“.

Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезие денеска за утринската програма на АРД и ЗДФ изјави дека настаните од Лајпциг бараат „навистина брзо и опширно разјаснување“ од страна на правосудните власти. Тој рече дека е сигурен оти тоа ќе следува „со најголема сериозност со оглед на драматичноста на ситуацијата“.

Политичари на СПД и на Зелените реагираа шокирано на информацијата за самоубиството на Ал Бакр. „Како може некој кој наводно е под постојано набљудување да биде пронајден обесен?“, праша пратеникот на Зелените Тобијас Линднер на Твитер. Пратеникот на СПД Јоханес Карс, пак, напиша: „Што се случува во Саксонија?“

Ал Бакр тврдел дека Сиријците кои го совладаа знаеле за неговите планови

Сириецот Џабар ал-Бакр беше уапсен во Лајпциг во понеделеникот, поради сомневање дека планирал терористички напади. Тој беше во бегство од саботата, а на крајот го совладаа тројца негови сонародници кај кои побарал да преспие. Претходно, во стан во Кемниц, од каде побегна Ал Бакр, беа пронајдени 1,5 килограми експлозив. Според сознанија на тајните служби, 22-годишниот Сириец имал контакти со терориостичката милиција „Исламска држава“. По апсењето, Ал Бакр во текот на сослушувањето тврдел дека тројцата Сиријци кои го совладаа и викнаа полиција, наводно знаеле за неговите планови. Нејасно е колку се веродостојни ваквите негови тврдења. Сѐ уште нема одговор ниту на прашањето - дали тројцата Сиријци кои го совладале се третираат сѐ уште како сведоци или како осомничени.