Вехабијата од Сарaево мораше порано да биде спречен
30 октомври 2011Стрелбата од калашњиковот на Мевлид Јашаревиќ врз амбасадата на САД во Сараево го постигна она што е цел на секој терористички напад - сеење страв. Професорот на факултетот по политички науки во Сараево, Владо Азиновиќ тврди дека терористичкиот напад на Јашаревиќ не е случаен. „Секој терористички напад е планиран, вклучувајќи го и овој во Сараево. Тоа подразбира идеолошка индоктринација, обука и логистика,“ вели Азиновиќ.
„Криминалното досие на Мевлид Јашаревиќ го потврдува досегашниот профил на терористи во БиХ. Тие по правило се лица од некое криминогено миље, кои во еден момент ја прифаќаат идеологијата во рамките на некоја група, која и пружа оправдување за криминалното однесување“, појаснува Азиновиќ. Тој истакнува дека властите конечно треба да се позанимаваат со центрите од каде се финансираат овие групи и се поттикнуваат за терористички акции. Но, очигледно е, предупредува Азиновиќ, дека споменатите агенции во овој случај направиле пропуст.
Безбедноста препуштена на случајност
Како е можно, лице со криминално досие, кое минатата година во Нови Пазар нападнало странски амбасадори, и за кое се знае дека престојувало во Горна Маоча, среде ден да отвори оган врз американската амбасада во главен град на една држава? „Се плашам дека безбедноста на граѓаните на БиХ е повеќе препуштена на случајност отколку на свесен напор на надлежните служби. Тоа е проблем на нефункционална држава и неодговорен однос на политичките елити кои на одговорни функции не поставуваат стручњаци, туку извршители на политички налози“, тврди Азиновиќ.
На пропусти укажува и новинарот на сараевскиот „Ослобоѓење“, Есад Хечимовиќ. Тој потсетува дека изминатите години во БиХ е воспоставена сигурна структура на различни агенции „која има смисла само ако делува превентивно на терен“. „Информаците од БиХ и Србија покажуваат дека напаѓачот повеќепати бил идентификуван како закана. Доколку тие се потврдат во официјалната истрага, неуспехот на безбедносните служби да одвратат или спречат напад на лице означено како закана, треба да има повеќекратни персонални, организациски и концептуални последици“, истакнува Хечимовиќ.
Прва адреса на која Хечимовиќ упатува критики е Известувачко-сигурносната агенција („Обавештајно-сигурносна агенција - ОСА“). Надлежните агенции во Босна и Херцеговина, вели Хачимовиќ, ни после Бугојно не го препознаа трендот на „осамени напаѓачи“, ниту пронајдоа модел за одвраќање или спречување на такви напади. „Нашите служби за безбедност, без оглед за кој ентитет или регион станува збор, треба да бидат деполитизирани и професионални, посветени на отстранување на опасноста по населението на територијата на која имаат законски овластувања“, истакнува Хечимовиќ.
Аналитичарите тврдат дека наместо политички подобни, на одговорните функции на надлежните министерства и агенции за спроведување на законот треба да се поставени стручни лица. Во спротивно, проблемот кој го има БиХ може да биде искра за обновување на мултиертничките судири, затоа што, како што истакнува Хачимовиќ, некоја наредна цел на терористички напад може да биде помалку заштитена.
Автор: Самит Хусеиновиќ/ Александра Трајковска
Редактор: Симе Недевски