БиХ во шок по терористичкиот напад
29 октомври 2011Лицето кое ја нападна американската амбасада во Сараево е Мевлид Јашаревиќ, 23-годишен државјанин на Србија од Нови Пазар. Директорот на разузнавачката служба на БиХ, Алмир Џуво изјави дека Јашаревиќ порано ја посетувал Горна Маоча, вехабиско упориште во близина на Брчко, во кое полицијата во 2010 година во рација уапси десетина вахабисти. На Јашаревиќ во 2005. година му било судено за разбојништво во Австрија од каде потоа бил протеран во Србија.
„Мевлид Јашаревиќ во раните утрински часови во петокот ја минал границата, влегол во БиХ и извршил терористички акт. Многу е тешко, кога некој ќе одлучи да стори нешто индивидуално, да го следите и да го спречите“, изјави Џуво. Тој не знаеше дали напаѓачот имал соучесници, но во соработка со српските служби се испитува и таа можност.
Во текот на ноќта и утрово, српската полиција уапсила вкупно 15 лица од регионот на Санџак, за кои постои сомневање дека се дел од радикално вахабистичко движење, на кое му припаѓал и Јашаревиќ.
Граѓаните бараат пресметка со екстремистите
Босанската полиција вели дека се уште е рано да се говори за мотивите на нападот. Според изјави на очевидци, напаѓачот извикувал пароли против САД. Тој во меѓувреме се наоѓа во болница, бидејќи бил ранет во колено при нападот.
Јашаревиќ вчера отвори оган од автоматско оружје врз зградата на амбасадата. Во нападот биле ранети двајца полицајци, а напаѓачот бил застрелан од снајперист од кровот на зградата на амбасадата.
Водечките босански политичари го осудија нападот и најавија преземање мерки за засилување на безбедносните служби во земјата. Граѓаните на Сараево се во шок. Од институциите тие бараат да се преземат мерки со кои „ќе им биде затворена вратата на луѓето со сомнителни цели и радикални политички идеи, кои ги остваруваат по пат на тероризам“. Одредени невладини организации ја обвинуваат државата дека не успеала на време да им застане на патот на „екстремистичките групи кои со години отворено делуваат во БиХ“.
Автор: Самир Хусеиновиќ/БГ
Редактор: Александра Трајковска