Венецуела - истрага за изборна измама
3 август 2017Генералната обвинителка на Венецуела, Луиса Ортега поведе истражна постапка поради сомневање за извршена измама при изборите за Уставотворно собрание. „Двајца обвинители добија овластувања да извршат истрага против четворица директори на Националниот изборен совет поради скандалозната постапка“, изјави Ортега за телевизијата СиЕнЕн. Британскиот производител на софтверската опрема за изборите во Венецуела, Смартматик, претходно соопшти дека бројките за излезноста на гласачите очигледно биле манипулирани. Со тоа фирмата ги потврдува обвинувањата за опозицијата, според која бројот на гласачи бил многу помал од оној официјално соопштениот. Власта тврди дека во изјаснувањето учествувале околу 8,1 милиони граѓани, додека од проценките на опозицијата произлегува дека на гласањето зеле учество максимално четири милиони гласачи, што не е повеќе од 20 проценти од вкупниот број. Излезноста игра голема улога, зашто ја отсликува поддршката за плановите на претседателот на државата, Николас Мадуро.
Претседателката на венецуелската Изборна комисија, Тибисеј Лусена, решително ги отфрли обвинувањата за манипулација изнесени од Смартматик, како „неодговорни“ и „без основа“. Но, дури и еден од петмината директори во Изборната комисија изрази исто така сомнеж во текот на изборите. „За првпат откако ја презедов оваа државна задача, не можам да гарантирам за вистинитоста на соопштениот резултат“, изјави Луис Рондон. Претседателот на Парламентот, Хулио Боргес тврди дека е направена огромна изборна измама и побара откажување на конститутивната седница на Уставотворното собрание.
Претседателот на државата Николас Мадуро, тоа го направи уште претходно. Седницата на 545-те делегати е одложена за утре, соопшти Мадуро на церемонија за членовите на новото тело. Седницата, како што рече тој, треба да биде „мирна, тивка и во согласност со предвидениот протокол“.
Опозицијата за денеска најави нови протести под мотото „Марш против измамата“. Се стравува од крвави безредија. Од почетокот на протестите во април, во Венецуела загинаа преку 120 луѓе. Мадуро планира легално избраниот парламент, кој не му е наклонет, да го замени со ново Уставотворно собрание, за наводно да ја извлече земјата од повеќемесечната политичка и економска криза. Неговите опоненти во тоа гледаат намера тој да добие диктаторски овластувања.
Мадуро е соочен и со растечка меѓународна изолација. ЕУ и САД не го признаваат Уставотворното собрание.