1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борба против крвната одмазда во Албанија

Линдита Арапи
12 ноември 2016

Во Албанија нерадо се зборува за крвната одмазда, но таа сѐуште постои.

https://p.dw.com/p/2SGf7
Albanien | Lehrerin Liliana Luani unterrichtet Kinder von Blutracheopfern
Фотографија: DW/L. Arapi

Лилиана Луани повторно е на пат, на учителката ѝ се потребни еден час со автомобил, 45 минути со чамец и половина час пешки за да стигне до северноалбанското село Мазрек, трипати неделно. На викенд ги обиколува и тешко достапните села. Таа ги посетува децата и ги учи да читаат и пишуваат и тоа без да прима плата за тоа.

Децата не одат во училиште, нивните семејства живеат повлечено, од страв да не станат жртви на крвна одмазда. 58-годишната учителка ги нарекува „моите деца“. Лилиана Луани се грижи за 30 вакви деца од различна возраст во регионот околу Скадар и Дукаѓин. Наставата ја врши со учебници собрани преку донации, по сопствен неделен план. На учениците им дава домашни задачи кои ги контролира при следното доаѓање.

Albanien | Lehrerin Liliana Luani unterrichtet Kinder von Blutracheopfern
Несебичен ангажман на учителката Лилиана ЛуаниФотографија: DW/L. Arapi

Стара рана, која постојано наново крвари

Темата крвна одмазда во Албанија радо се премолчува. Срамот што феноменот од дамна минати времиња сѐ уште егзистира на северот на земјата, е преголем. „Канунот“, албанското обичајно право, со векови го регулирало животот на племињата во северна Албанија. Според тоа право, за убиство на член на семејството се врши одмазда со убивање еден член од противничкото семејство. Од крвата одмазда биле изземени жените и децата до 16 години. Но, денес убијците често не се придржуваат кон деталните прописи на усно пренесуваното право, неретко зад плаштот на крвна одмазда се кријат криминални мотиви. Повикувањето на „Канун“ тогаш е само изговор за легитимирање на убиството, оправдување за непочитувањето на државата и законите.  

Законодавецот повторно ја подигна казната за крвна одмазда на 30 години или доживотен затвор, но во Албанија паралелно со правосудството егзистира и земањето на правдата во свои раце. Подигнувањето обвинение поради смртни закани од противничкото семејство за многумина не доаѓа во прашање, што е доказ за недоволна доверба во судството.

Albanien Dorf Theth
Албанското село ТетФотографија: DW/L.Plani

Живот во изолација

Албанскиот омбудсман за човекови права, Игли Тотозани, во својот најнов извештај ја обвинува државата за рамнодушност кон проблемот: „Државните институции не се зафаќаат сериозно со крвната одмазда. Во полицијата не постои точна статистика за бројот на жртвите убиени поради крвна одмазда и за изолираните семејства.“ Според наводите на Албанскиот комитет за национално помирување, во 2013. година речиси илјада деца во земјата живееле во самоизолација, а моментно ги има околу 40.

Учителката Лилиана Луани не им верува на бројките: „Го знам бројот деца кои ги подучувам, но независно од тоа што велат бројките, секое изолирано дете е едно отповеќе.“ Од лично искуство, таа знае дека ваквите деца подоцна и како младинци не можат правилно да читаат и пишуваат. Тие страдаат од траумата на изолација, сонуваат за светот надвор и постојано се обидуваат тајно да побегнат. Оние кои можат да си дозволат, водат виртуелен живот преку Фејсбук или другите социјални медиуми, раскажува Луани, која секогаш се радува на средбата со децата. „Колку и да ме исцрпува оваа работа, толку и ми носи радост да ги гледам овие деца. Тие ми се прираснати за срцето. Треба само да се погледнат нивните светнати очи кога ќе ме видат, ми ги раскажуваат своите тајни, своите соништа“, вели учителката.

Albanien Liliana Luani
Лилиана Луани и новинаркатана ДВ, Линдита АрапиФотографија: DW/L. Arapi

Повеќе од обична училишна настава

Ако семејствата живеат во крвна одмазда, децата можат да се движат слободно само ако од противничката страна добијат „ветување“ за мир, вели Луани. Во спротивно, со години живеат отсечени, без да посетуваат училиште. „Но, посебно момчињата не сакаат да останат дома и вистински се доведуваат во опасност. Познат ми е случајот со Мири (името променето од редакцијата), едно 16-годишно момче кое радо носеше фризура со високо крената коса. Постојано ми велеше-не сакам да останам овде, постојано излегуваше надвор. Еден ден на улица го сретнал некој од противничкото семејство и го застрелал. Ова момче никогаш нема да го заборавам“, раскажува учителката, совладувајќи ги солзите додека ја покажува неговата фотографија.

Кога ќе ја отвори вратата на едно семејство што живее изолирано, таа знае дека не е само учителка. Зашто, во ваквите семејства не владее само голем страв, туку и голема сиромаштија. „Понекогаш организирам лекарска помош. Овие семејства често се препуштени целосно сами на себе.“ Таа се обидува овие деца да ги заштити и од преголемо медиумско внимание.

Подучувањето на децата е повеќе отколку само пишување и читање. Важна улога имаат и разговорите со членовите на семејствата. „Многу од децата растат со психологија на омраза, од нив се очекува да извршат крвна одмазда. Не  е лесно на овие деца да им се објасни дека е тоа злосторство. Се обидувам да ги научам на толеранција и помирување, но не ми успева секогаш. Влијанието на семејството е преголемо.“ Лилиана Луани доброволно работи и како психолог, воспитувачка, социјална работничка. А за децата кои ги подучува, таа врши и уште една важна улога - им влева надеж.

Во меѓувреме, државата го има увидено значењето на нејзината работа. Иако таа не може конечно да ја искорени крвната одмазда, сепак ги помага нејзините напори за подучување на децата кои живеат во изолација.