1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албански калуѓерки во борба против крвната одмазда

А. Фајст/ З. Јордановски22 јануари 2015

Во Албанија ни строгиот комунистички режим, ни младата демократија не успеаја да ѝ стават крај на мрачна средновековна традиција. Калуѓерки од Скадар ги посветиле своите животи на помошта на жртвите на крвната одмазда.

https://p.dw.com/p/1E93E
Albanien - Ordenschwester Christina Färber
Фотографија: Rolf Bauerdick

Животот е нивна мисија, но смртта им е придружник. Калуѓерката Кристина на гробиштата во Скадар, град на северот на Абанија. Тааа е припадничка на еден калуѓерски ред од Швајцарија. Овде често мораше да доживее дека беа убивани луѓе од нејзината општина - жртви на крвна одмазда, како 22-годишниот Џин Марку.

„Со брат му излегол отспротива на куќата за да изнесе на пасење неколку овци. Тогаш дошол одмаздникот и пукал. Жалам, повторно задоцнив зад смртта.“

Речиси сите луѓе за чиј живот се борат сестра Кристина и сестра Михаела потекнуваат од овдешниот планински регион. Овде владее канунот, обичајно право од Средниот век. Тој уредува се’. Ако дојде до смртоносна кавга меѓу две семејства, канунот заповеда крвна одмазда.

„За мене крвната одмазда е една голема рана на оваа земја. И, ако се впуштиш во разговор со луѓето, ќе видиш дека под површината таа е многу длабока и инфицирана рана,“ вели сестра Михаела.

Недалеку одовде двете калуѓерки сами го изградија нивниот мал манастир, за да можат да им помагаат на страдалниците. Во хронично сиромашната Албанија такви има се’ повеќе. Семејства, посебно со деца, не можат да платат посета на лекар. Поради тоа калуѓерката Кристина, која по струка е медицинска сестра, во некои денови не може да крене глава од работа.

Ни денес не и’ останува многу време. Една мајка моли за помош - син и’ бил замешан во некоја престрелка, во која бил убиен некој млад човек од друго семејство. Тоа сега сака да се одмазди. Сестра Кристина прашува:

„Го знаете ли одмаздникот?“

Albanien Blutrache
Фотографија: DW

„Ништо не знаеме, не знаеме кога имаат намера да убијат, туку само дека некогаш ќе дојдат.“

Да се чека додека некој ден дојде одмаздникот.

Што значи тоа за директно засегнатиот ни покажува сестра Михаела. Еднаш неделно таа со автомобил носи во манастирот момчиња загрозени од крвна одмазда за да си поиграат неколку часови. Преостанатото време тие го минуваат изолирани и сокриени во семејниот дом. Според средновековниот канун, само крвта на машките наследници е доволно добра за одмазда. Вакви тури се опасни и за калуѓерката:

„Ова можам да го работам само со божја заштита. Во секој случај би била беспомошна ако некој не‘ пресретне и навистина има намера да ме убие мене или некое од децата. Тоа веројатно не би можела да го спречам“.

Нскоро пристигнаа на целта. Од автомобилот излегуваат 4 момчиња. Двајца се браќа. Нивниот чичко пред повеќе години убил двајца мажи. Нему му е загубена трагата, па затоа сега цел на одмаздата се двете момчиња.

„Цело време сум само дома, не смеам да излезам надвор, можам само да тепам време - ова не е живот,“ вели момчето.

За кратко време калуѓерките донесоа во манастирот вкупно 10 момчиња од околината.

Тие овде имаат на располагање два часа за разговор, смеење, играње - пауза за да здивнат. Кое од овие деца уште ќе биде живо наредниот ден, недела или година?

Albanien Kinderzeichnung gegen Blutrache in Tirana
Фотографија: DW/A. Muka

На тој ден момчињата посакаа да играат глума. Тема - крвната одмазда.

„Додека сум жив, се’ ќе носам пиштол на ременот и никогаш нема да простам.“

Потоа следува бурна престрелка.

Само игра - а сепак, тоа е и нивна судбина.

Моменти како овој сестра Кристина потоа во длабока тишина ги расправа со бога.

„Не му се лутам на бога. Најмногу се лутам на ситуации во кои нема имиња, нема сторители - се лутам на структурно насилство. Тогаш можам да бидам бесна и му го кажувам тоа и нему, дека сум неизмерно лута, и пред него го излевам сиот мој бес“.

Квечерина сестра Михаела по втор пат ја вози опасната тура и ги враќа момчињата назад дома. На крајот од нивната игра во манастирот, како што раскажуваат, меѓусебно се помириле. Но, во реалноста би било поинаку.

„Ако му се случи нешто на брат ми, сосем јасно ќе ја одмаздам неговата крв.“

Ова е секојдневие за двете калуѓерки во земјата во која владее канунот - закон без милост.