Берлин го заострува тонот кон Вашингтон
10 јули 2014САД се запознати со случајот, но не сакаат да ја коментираат истрагата на германските правосудни органи или тврдења за работењето на тајните служби, изјави Кејтлин Хајден, портпаролка на американскиот Национален совет за безбедност.
Портпаролот на американската влада Џош Ернест го потенцираше значењето на германско-американското безбедносно партнерство. Таа соработка ја зајакнува како националната безбедност на Германија, така и на САД, рече тој. Ернест не ги коментира конкретните обвинувања за постоење шпион во Министерството за одбрана во Берлин кој наводно им доставувал информации на Американците. Тој само додаде дека се водат разговори меѓу германски и американски дипломати, како и меѓу експерти од тајните служби и правосудните органи на двете земји.
„Ова е многу глупаво“
Владата во Берлин во меѓувреме го заострува тонот кон Вашингтон. Министерот за финансии Вофлганг Шојбле ги обвини САД за „глупавост“ во аферата. Германија без партнерството на американските тајни служби нема да може да се одбрани од многу терористички закани, но тоа не значи дека „Американците кај нас можат да врбуваат третокалсни луѓе“, изјави Шојбле на дебата во телевизијата Феникс. Тоа е многу глупаво, а за толкава глупавост може само да се плаче, рече Шојбле, додавајќи дека на канцеларката не и‘ е забавно, или како што рече министерот - Меркел 'is not amused'.
Канцеларката Меркел пак изјави дека со САД се водат разговори за обвинувањата за шпионажа. За најновиот случај на шпионажа изјава ќе даде Сојузниот обвинител, рече таа. Во врска со најновите откритија денеска (10.07) заседава парламентарната Комисија за контрола на работењето на тајните служби.
Министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен во изјава за „Берлинер цајтунг“ рече дека Вашингтон мора „заедно со нас да постигне еднаков агол на гледање на иднината на нашата соработка“.
Во Берлин се размислува за преземање контрамерки, кои одат дури до евентуално протерување на соработници во американската амбасада. Наредната недела шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер ќе отпатува во САД. Вицепретседателката на Бундестагот, Клаудија Рот, побара веднаш да запрат разговорите со САД за договорот за слободна трговија.
Осомничениот бил референт
Соработникот на Министерството за одбрана, кој е осомничен за шпионажа, бил референт во одделот за политика и надлежен за меѓународна соработка во делот на вооружувањето. Налог за негово апсење не е издаден, со оглед на тоа што досега има само индиции дека се занимавал со шпионажа, но нема конкретно дело за кое би бил обвинет. Обивнителството соопшти дека при претресот на неговата канцеларија и домот се запленети компјутери и носители на податоци кои сега се предмет на истрага.