Баросо: Историски ден за Хрватска
10 јуни 2011За две години Хрватска треба да стане 28. земја членка на Европската унија. „Денеска е историски ден за Хрватска и за Европската унија“, изјави претседателот на Комисијата на ЕУ Жозе Мануел Баросо. Тој нагласи дека се затворени и последни четири поглавја и им препорача на земјите членки на ЕУ да го направат последниот чекор за прием на земјата во Унијата.
Одлуката што денеска (10.06) ја донесе Комисијата на ЕУ, ја образложи и комесарот за проширување Штефан Филе пред новинарите во Брисел:
„Посебно сум среќен што можам да најавам дека Комисијата денеска ги заврши преговорите со Хрватска, а тоа значи кога станува збор за Комисијата, работата е завршена. Сега земјите членки треба да ја донесат конечната одлука и да решат дали преговорите може и службено да бидат затворени и да се потпише договорот за пристап. Уверени сме дека тоа ќе се случи, бидејќи преговорите ги водевме темелно“, изјави Филе и изрази надеж дека земјите членки ќе ја прифатат оценката на Комисијата на ЕУ дека Хрватска е подготвена за членство.
Последен камен на сопнување, пред затворањето на преговорите, беше правосудниот систем на Хрватска. Комесарката за правосудство и потпретседател на Комисијата на ЕУ, Вивијан Рединг, денеска меѓутоа нагласи дека се надминати последните пречки и дека пред само една година воопшто не верувала во сето ова што сега се случува околу Хрватска и завршувањето на преговорите. Рединг нагласи дека Хрватска ги одработи и исполни сите услови поради што, со мирно срце и чиста совест на земјата може да и се даде зелено светло и дека Хрватска е подготвена да стане членка на Европската унија.
Меѓутоа, не сите ја делат еуфоријата околу хрватскиот прием. Само до пред неколку дена постоеше спорот со Словенија. Посебно Франција, Велика Британија и Холандија долго време имаа забелешки. За да им се излезе во пресрет, ќе се воведе еден вид мониторинг систем, само до приемот на Хрватска во ЕУ и тоа во вид на извештаи за некои од поглавјата.
Автор: АТ/ Ален Леговиќ/ дпа
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска