ЕК: Хрватска може да се приклучи во ЕУ
10 јуни 2011Најчувствителна тема кога станува збор за поддршката на хрватските граѓани за членството во ЕУ беа настаните поврзани со Хашкиот трибунал. Имено, ЕУ сите овие 6 години, колку што траеја претпристапните преговори, инсистираше на безусловно спроведување и покренување постапки против хрватските државни службеници и воени команданти за кои имаше сомневање дека се одговорни за воени злосторства извршени за време на војната во Хрватска. Со оглед дека општо прифатено мислење во Хрватска е дека тоа беше праведна одбранбена војна, сосема очекувано поддршката на хрватските граѓани за членствто во ЕУ, најмногу опаѓаше по апсењето и испорачувањето на генералот Анте Готовина, како и по изрекувањето на пресудата против него во Хашкиот трибунал, според која тој доби 24-годишна затворска казна.
Предрасуди и престиж
Така, поддршката во јуни минатата година достигнуваше 53 насто, додека по споменатата хашка пресуда во мај годинава таа изнесуваше само 44,6 проценти. Еден месец подоцна кривата, сепак, застана на 50,7 насто.
Може да се очекува дека наредното истражување на јавното мислење ќе покаже уште поголема поддршка, со оглед дека во меѓувреме мнозински католичката Хрватска ја посети папата Бенедикт Шеснаесетти, кој притоа порача дека е „логично, праведно и потребно Хрватска да влезе во ЕУ“.
Дел од хрватските интелектуалци сметаат дека и недостатокот од системски и квалитетно информирање во минатите години придонесе за бројни предрасуди во врска со членството во ЕУ, кои во предизборните кампањи неуспешно ги користеа некои помали партии. Така, меѓудругото, се сугерираше дека по потпишувањето на пристапниот договор Брисел ќе ја забрани продажбата на некои традиционални прехранбени производи, но и оти Хрватска ќе го загуби суверенитетот над своето копно и море. Голем број хрватски граѓани сметаат дека местото на нивната држава е во ЕУ, првенствено поради географската положба и цивилизациското наследство и самото влегување во „напредна Европа“ во добар дел го сфаќаат и како доказ за економската и културна супериорност над останатите држави настанати со распадот на СФРЈ. Се разбира, од ова треба да се изземе Словенија која во Хрватска се доживува како „мала Австрија“ и која поради тоа, како што се смета и претходно, станала членка на Унијата.
Апатија пред се’ поради погрешното информирање
Кога говорат за позитивните страни на членството, Хрватите пред се’ го издвојуваат искористувањето на фондовите на ЕУ, инвестициите во развојот, можното зголемување на конкурентноста и патувањето без пасош.
Актуелната забележлива апатија на хрватските граѓани за прашањето на евроинтеграцијата може да се припише на долготрајноста на преговорите и условувањето од Брисел за целосна соработка со Хашкиот трибунал, но уште поважно е да се истакне погрешното комуницирање на владата со граѓаните. Иако властите ги истакнуваат значителните средства кои ги вложија во прилично малку кампањи, опозицијата истакнува дека вистинските информации задоцниле половина деценија. За квалитетно информирање сега е веќе јасно, повеќе нема ни време.
Автор: Синиша Богданиќ / Симе Недевски
Редактор: Елизабета Миошевска Фиданоска