Амнести: Светот стана помрачно место во 2016 година
22 февруари 2017Повеќето од нас ќе се согласат дека 2016-та беше тешка и депресивна година во која изгледаше дека на лошите вести им нема крај: од шокантни изборни и референдумски резултати до безбројни терористички напади, бегалци во голема нужда и разурнувачки конфликти во земји како Сирија, Јемен и Јужен Судан. Новиот извештај на Амнести Интернешенел (АИ)покажува дека 2016 година не само што се чувствуваше како ужасна година, туку навистина беше најлоша година за човековите права забележана досега.
„Светот во 2016 стана помрачно и понестабилно место“, пишува генералниот секретар на оваа организација за човекови права, Салил Шети во извештајот. „Реалноста е дека ја започнуваме 2017 година во длабоко нестабилен свет, исполнет со стравови и несигурност за иднината“.
Повреди на човековите права ширум светот
Годишниот извештај на АИ за состојбата на човековите права ширум светот во 2016 година документира сериозни прекршувања на човековите права во 159 земји, од кои во најмалку 23 се извршени и воени злосторства. Во Јужен Судан организацијата документира распространето систематско злоставување и употреба на хемиско оружје, што според АИ достигнуваат ниво на воени злосторства. Во Мјанмар, десетици илјади луѓе од народот Рохингја се протерани од своите домови со таканаречените „операции на расчистување“. Исто така драстично се зголемија размерите и интензитетот на хајките за замолчување на критичките гласови во многу земји во светот. Она што изненадува е дека меѓу 159-те земји кои ги прекршиле човековите права наоѓаме и земји-предводнички на демократијата како Франција, Велика Британија и САД. „Не може да се каже дека еден дел од светот бил подобар или полош од другиот. Во 2016 година гледаме глобален тренд на подривање на човековите права и на тоа мора да му ставиме крај веднаш“, вели Тирана Хасан, директор за кризен менаџмент во АИ.
Политика на демонизација
Еден од најголемите проблеми во 2016 година, според извештајот, е подемот на говорот на омраза ширум Европа и во САД. Политичарите зачестено покажуваа волја да демонизираат цели групи на луѓе. Изјавите на Доналд Трамп за време на предизборната кампања беа исполнети со омраза кон жените и ксенофобија, додека унгарскиот премиер Виктор Орбан користеше јазик на поделби за да го распламти антибегалското расположение и да ја префрли вината за економските проблеми врз бегалците.
„2016 беше година во која циничната употреба на 'ние против нив' наративите за вина, омразата и стравот на глобално ниво достигнаа степен кој не е виден од 30-те години на минатиот век“, пишува Шети во извештајот. „Премногу политичари одговараат на легитимните економски и безбедносни стравови со отровна и раздорна манипулација на идентитетската политика во обид да освојат гласови“.
Што е уште поопасно, оваа опасна реторика „ние против нив“ доведе до пораст на националистичката „политика на цврста рака“, вели Хасан. Според неа, најлесни цели на оваа тактика се обично бегалците и мигрантите.
Имено, 36 земји во 2016 го прекршиле меѓународното право незаконски протерувајќи бегалци во земји во кои нивните права се под закана. Меѓу нив е и Европската Унија, која направи „дил“ со Турција за враќање на бегалците во оваа земја, наместо да ги прими оние во нужда.
Растот на национализмот, меѓутоа, не само што директно ги загрозува најранливите луѓе, туку придвижува глобално назадување во почитувањето на човековите права, се вели во извештајот. Во него, покрај тоа, се истакнува дека многу влади во светот ги затворале очите пред воените злосторства во 2016 година и не успеале да ги изведат пред лицето на правдата оние кои ги прекршуваат човековите права.
„Дури и државите кои некогаш тврдеа дека се шампиони на човековите права сега се презафатени со нивно уназадување на домашен терен за да укажуваат на одговорноста на други“, наведува Шети во извештајот.
Неуспех да се одговори на предизвиците
Дури и земји со силно досие во почитувањето на човековите права се мачат да остварат глобално влијание. Германија зазема многу принципиелна позиција за заштитата на бегалците која беше заснована на меѓународното право, вели Хасан. Но таа ја критикува Германија дека не успеала да изврши притисок врз државите кои ги повредуваат човековите права, како на пример Јужен Судан.
„Ужасна грешка на Германија беше тоа што одбра да ги стави настрана повредите на човековите права и продолжи да ги затоплува односите со Јужен Судан без да осигура каков било вид на одговорност на јужносуданската страна. Зајакнувањето на економските и политичките односи на сметка на повредите на човековите права е многу опасен преседан за моќна и влијателна влада како германската“, вели Хасан.
„Мора да имаме одговорно меѓународно лидерство, потребни ни се влади кои ги исполнуваат своите должности за заштита на најранливите“.
Големото прашање во 2017, според извештајот на Амнести Интернешенел, е колку светот ќе допушти да се извршуваат злосторства пред да преземе акција.