1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСловачка

Зошто Фицо вклучи аларм во ЕУ

Матијас Рајхе
3 октомври 2023

Сè уште не е јасно дали победникот на изборите во Словачка, Фицо ќе успее да формира владина коалиција. Ако тоа се случи, единството во ЕУ по прашањето за војната во Украина најверојатно ќе биде доведено во прашање.

https://p.dw.com/p/4X4JL
Роберт Фицо, победникот на изборите во Словачка
Роберт Фицо, победникот на изборите во СловачкаФотографија: Radovan Stoklasa/REUTERS

Многу европски политичари гледаат на Роберт Фицо и неговата партија Смер како еден вид  тројански коњ на Путин.  Само унгарскиот премиер Виктор Орбан се радува на левичарскиот популист и пријател на Кремљ - затоа што секогаш е добро да се работи со патриот. На Фицо му се припишуваат слични амбиции како и на унгарскиот презирач на  владеењето на правото, Орбан.

Затоа, многумина размислуваат како европарламентарецот Дитмар Кестер. Портпаролот за надворешна политика на европските Социјалдемократи беше на пат кон парламентарната седница во Стразбур кога изјави: „Изборниот успех на Фицо не е добар за ЕУ ​​и за почитувањето на човековите права“. Според Костер, постои и ризик од пукнатини во заедничкиот пристап на Европската унија кон руската војна против Украина.

Фицо против поддршка за Украина

Причината за оваа изјава е што можниот следен словачки премиер  сака да ја прекине воената поддршка за Украина што поскоро, бидејќи смета дека оваа помош само го пролонгира конфликтот. Проблем со оваа позиција има и шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, кој внимателно изјави: „Не e мое право да кажам дали ми се допаѓа некој изборен резултат." Сега треба да се почека и да се види што ќе се случи понатаму. „Од почетокот на војната, земјите-членки на ЕУ покажаа неверојатно единство и донесоа одлуки за поддршка на Украина. Сега треба да видиме што ќе се случи по изборите и дали ќе го задржиме нашето единство,“ изјави Борел.

Роберт Фицо Словачка
Роберт Фицо најави дека сака да ја прекине воената поддршка на Словачка за Украина што поскороФотографија: Darko Bandic/AP Photo/picture alliance

Словачка прими многу бегалци

Досега ЕУ можеше да се потпре на раководството во Братислава. Како директен сосед на Украина, Словачка прими многу бегалци и предаде противвоздушен систем веднаш на почетокот на војната. Освен тоа, војници на НАТО се стационирани и во Словачка. Роберт Фицо, пак, користи реторика насочена против НАТО и ЕУ од избувнувањето на војната. Тој, вели, не сака Словачка да биде управувана од невладини организации и американската амбасада.

Мајкл Галер исто така е загрижен за развојот. Политичарот на ЦДУ е портпарол за надворешна политика на Европската народна партија, ЕНП, најголемата парламентарна група во Парламентот на ЕУ. Тој верува: ако Роберт Фицо го оствари тоа што го кажуваше за време на изборната кампања, дека нема повеќе да има ни еден куршум за Украина, тогаш тоа е причина да бидеме загрижени.

„Навистина нема потреба од друг шеф на влада кој е ментално близок со криминалниот режим на Путин“ и кој може да ја блокира Европската унија - што се однесува на дополнителни санкции против Русија. Според Галер, Европската унија сега треба јасно да ѝ порача на следната словачка влада „дека ние и натаму очекуваме солидарноста да продолжи".

Можна е поголема тежина за Вишеградската група

Во моментов е тешко да се процени дали Роберт Фицо навистина ќе ја повлече поддршката за Украина доколку стане словачки премиер. Сепак, Унгарија, Чешка, а во меѓувреме и Полска се исто така прилично скептични во однос на политиката на ЕУ за Украина, со што  таканаречената Вишеградска група  може да добие нова политичка тежина.