1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вишеград си води сопствена политика за бегалците

Кристоф Хаселбах / Е.М. Фиданоска16 февруари 2016

Земјите од Вишеградската група бараат затворање на Балканската рута. Тоа би можело да значи исклучување на Грција од Шенген-зоната.

https://p.dw.com/p/1Hw19
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Вишеградската група (Полска, Чешка, Словачка и Унгарија) е основана пред 25 години со цел да се поттикне европската интеграција на четирите поранешни комунистички држави. Денес земјите се членки на ЕУ, но се чини како да поттикнуваат европска поделба.

Идејата на канцеларката Ангела Меркел за распределба на бегалците во ЕУ за нив е ужас. Тие го отфрлаат и планот Турција да ги спречува бегалците да заминуваат натаму во насока на Европа, а ЕУ од Турција да презема контингенти со бегалци. „Контингенти“, вели словачкиот министер за надворешни работи Мирослав Лајчак за магазинот „Шпигел“, „ја зголемуваат желбата за миграција“. Владите на државите од Вишеградската група сметаат дека пред сѐ канцеларката Меркел е одговорна за бегалскиот прилив. „Замислата е едноставна“, рече неодамна саркастично словачкиот премиер Роберт Фицо: „Ќе си поканам гости, а кога ќе забележам дека ми станува премногу, ќе чукнам на вратата на соседот и ќе му речам: грижи се за моите гости.“ Словачка не сака да биде тој сосед.

Europäische Volkspartei Madrid Angela Merkel und Viktor Orban
Учтива форма, содржински разлики: унгарскиот премиер Орбан и канцеларката МеркелФотографија: Reuters/A. Comas

Нема друг избор?

Државите од Вишеградската група сега сакаат да го решат проблемот со свои раце. За таа цел сакаат затворање на Балканската рута. Унгарскиот премиер Виктор Орбан вели дека друг избор нема: „Ако се слушавме ние, регионот одамна ќе беше затворен“, рече тој неодамна. Словачкиот министер за надворешни работи Лајчак за „Шпигел“ вели. „Сѐ додека нема заедничка европска стратегија, легитимно е државите на Балканската рута да си ги штитат границите. Ние во тоа ќе им помогнеме.“ Орбан е уверен дека со тоа не се следат индивидуални интереси, туку дека се исполнува европска мисија: „Мора да обезбедиме сигурност на континентот.“ Шефовите на држави или влади на Вишеградската група сметаат дека на тој начин им даваат поддршка на земјите долж Балканската рута. Чешкиот премиер Бохуслав Соботка зборува за „солидарност“ со земјите од Западен Балкан.

Кога централноевропските ЕУ-држави есента се спротивставија да примат повеќе бегалци, од страна на Западот беа многу критикувани. Дури се размислуваше како казна да им се скратат пари од ЕУ-фондовите. Но, во меѓувреме тие имаат сѐ повеќе приврзаници. За време на викендот дури и францускиот премиер Валс отфрли воведување цврсти квоти и со тоа ѝ заби нож в грб на Меркел. И Австрија тендира сѐ повеќе кон изолирање.

Infografik Flüchtlingsroute und Grenzkontrollen im Schengen-Raum Deutsch
Бегалски рути и гранични контроли во Шенгенската зона

Шенген под сѐ поголем притисок

Доколку Македонија и Бугарија навистина ја затворат границата кон Грција, тоа практично би значело одење во насока на исклучување на Грција од Шенгенската зона. Шенген веќе не е светост дури ниту во партијата на Меркел, ЦДУ. Волфганг Штајгер, генерален секретар на Економскиот совет на ЦДУ, за весникот „вВлт“ изјави дека ако некоја земја ги повредува своите обврски за обезбедување на надворешната граница на ЕУ, „тогаш Шенген мора да се придвижи во насока на Централна Европа“.

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер во плановите за изолирање гледа голема опасност. Заедно со својот партиски пријател, вицеканцеларот Зигмар Габриел, тој упати писмо до сите социјалдемократски шефови на влади во ЕУ, министри за надворешни работи и лидери на партии. Во него се вели: „Не може едноставно наново да се дефинираат надворешните граници на Европа, и тоа без да бидат консултирани погодените земји членки“. Двајцата политичари стравуваат дека во Грција, која и онака е економски слаба, би избил целосен хаос. За заедничко европско решение не останува многу време. В четврток шефовите на држави или влади во Брисел ќе стартуваат со нов обид. Тоа ќе биде веројатно еден од последните.