1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се врати ли сјајот на старата „Пошта“?

ДТЗ
2 октомври 2024

Владата планира да го реновира опожарениот објект на „Пошта“ и тој во 2028 година да стане мултифункционален за потребите на Скопје „Европска престолнина на културата“ за 2028 година.

https://p.dw.com/p/4lKpX
Пошта
Ќе се врати ли сјајот на старата „Пошта“?Фотографија: Transportministerium Nordmazedonien

Владата планира да го реновира опожарениот објект на „Пошта“ и тој во 2028 година да стане мултифункционален. Ваквата идеја ја презентираше министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Тој вели дека е донесена владина одлука да биде реновирана централната зграда на Македонска пошта, со цел да биде подготвена и за потребите на Скопје „Европска престолнина на културата“ за 2028 година.

„Ние веќе разговаравме со амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, пред тој да замине од функцијата. Разговаравме неколку пати, бидејќи седум години имало тенденција Министерството за култура да ја преземе Пошта и таа да има друга намена. Разговаравме и со министерот за транспорт и врски, Александар Николоски и донесовме одлука на Влада дека таа ќе биде реновирана и ќе има друга намена, ќе има намена за мултифункционален комплекс“, изјави министерот Љутков за време на посетата на НУ Национална опера и балет, во одговор на новинарско прашање.

Во врска со ова, формирана е работна група од претставници и од Европски комисија, од Министерство за транспорт и врски и од Министерство за култура и туризам.

Повеќе од една деценија негрижа

По повеќе од една деценија од пожарот кој ја зафати главната Пошта во центарот на Скопје, повторно се отвора прашањето околу потребата за реконструција на објектот. Амбасадорот на Европската унија, Дејвид Гир и заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски неодамна на средба во Скопје го покренаа ова прашање и посочија дека оштетениот објект на централната зграда на Пошта треба да се реставрира и заштити. 

„Негрижата за културното наследство доведе до овој степен објектите кои ни се од културолошка и архитектонска важност да останат незаштитени. Тоа нема да го толерираме. Денешната средба со евроамбасадорот Гир беше токму во таа насока, оштетениот објект на централната зграда на Пошта да го реставрираме и да го заштитиме како објект кој има културна вредност во историјата на Македонија“, изјави Николоски на 8 август.

Изминативе години, во повеќе наврати беше најавувано дека со европска помош и средства ќе се врати стариот сјај на архитектонско дело изградено во 1974 година. Во 2013 година во просториите на централната Пошта избувна голем пожар кој ја уништи куполата и фреските во шалтер собата, но оттогаш наваму веќе 11 години речиси ништо не е направено за негова заштита. 

Централната пошта, дизајнирана од македонскиот архитект Јанко Константинов, е една од најубавите градби што излегле од урнатините на разорниот земјотрес во 1963 година. Денес, централната канцеларија на Поштата е во урнатини и е отворена за временски непогоди. Поради тоа, објектот, којшто е изграден за да го симболизира подигнувањето и реконструкцијата на градот Скопје по земјотресот во 1963 година, во 2021 година се најде и на листата на седум најзагрозени споменици и локалитети на листата на Еуроностра и Европската инвестициска банка.

Зградата на Пошта изгоре во пожар во 2013 година. Во пожарот настрадаа куполите и муралот на Борко Лазески. Ревизорите во 2014 година утврдија дека е уништена и опрема вредна 10.000 евра, како и марки во вредност од 92.000 евра.

Објектот е изработен од армиран бетон, во форма на лотос. 

Пошта - руина средe центарот на Скопје