1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе од една деценија ветувања за обнова на Поштата

ДТЗ
8 август 2024

Негрижата за културното наследство го остави незаштитен овој објект од голема културолошка и архитектонска важност. И по 11 години од пожарот, објектот е оставен на забот на времето.

https://p.dw.com/p/4jF2J
Пошта Скопје
Повеќе од една деценија празни ветувања - ќе се обнови ли конечно опожарената Пошта?Фотографија: Transportministerium Nordmazedonien

По повеќе од една деценија од пожарот кој ја зафати главната Пошта во центарот на Скопје, повторно се отвора прашањето околу потребата за реконструција на објектот. Амбасадорот на Европската унија, Дејвид Гир и заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски на средба во Скопје го покренаа ова прашање и согласни се дека оштетениот објект на централната зграда на Пошта треба да се реставрира и заштити. 

„Негрижата за културното наследство доведе до овој степен да објектите кои ни се од културолошка и архитектонска важност да останат незаштитени. Тоа нема да го толерираме. Денешната средба со евроамбасадорот Гир беше токму во таа насока, оштетениот објект на централната зграда на Пошта да го реставрираме и да го заштитиме како објект кој има културна вредност во историјата на Македонија“, вели Николоски.

Ниту лесен ниту евтин проект

Тоа нема да е ниту лесен ниту евтин проект. Според надлежните, ќе биде потребно вложување на многу енергија, време, знаење и сериозни средства, но централниот објект на Пошта како дел од историското и културното значење на земјата од време на брутализмот мора да биде заштитен и ставен во функција.

Министерството за култура во наредниот период ќе треба да направи обиди со поддршка од ЕУ да се направи реконструкција и да се заштити објектот со културна вредност за државата и повторно да се стави во функција.

„Централниот објект на Пошта е од огромно историско и културно значење за Македонија како еден од најзначајните објекти од времето на брутализмот и мора да биде заштитен во својата основна форма и ставен во функција”, вели Николовски. 

Изминативе години, во повеќе наврати беше најавувано дека со европска помош и средства ќе се врати стариот сјај на архитектонско дело изградено во 1974 година. Во 2013 година во просториите на централната Пошта избувна голем пожар кој ја уништи куполата и фреските во шалтер собата, но оттогаш наваму веќе 11 години речиси ништо не е направено за негова заштита. 

Дејвид Гир и Александар Николоски
Оштетениот објект на централната зграда на Пошта треба да се реставрира и заштити, се согласија Дејвид Гир и Александар Николоски Фотографија: Transportministerium Nordmazedonien

Загрозени објекти

Централната пошта, дизајнирана од македонскиот архитект Јанко Константинов, е една од најубавите градби што излегле од урнатините на разорниот земјотрес во 1963 година. Денес, централната канцеларија на Поштата е во урнатини и е отворена за временски непогоди.

Поради тоа, објектот, којшто е изграден за да го симболизира подигнувањето и реконструкцијата на градот Скопје по земјотресот во 1963 година, во 2021 година се најде и на листата на седум најзагрозени споменици и локалитети на листата на Еуроностра и Европската инвестициска банка.

Во Извештајот на Еуроностра беше потенцирана итноста на покривање на објектот, поради изложеност на атмосферски влијанија кои дополнително го уништуваат објектот. Експертите проценија дека вкупните трошоци за рехабилитација може да бидат од редот на 10 милиони евра со минимално времетраење на работите од три години.

Како да се забрза обновата?

Евроамбасадорот Дејвид Гир изминативе години во повеќе наврати апелираше да се забрза реконструкцијата на Поштата, со укажување дека просторот место заборавен, треба да биде отворен и вратен. Оттогаш се сменија бројни директори и министри коишто најавуваа дека „многу скоро“ ќе започне процесот на обнова, но никој не го исполни ветувањето дека нема да се дозволи „негрижата на институциите да биде пострашна од пожарот“. 

Како една од причините, коишто се наведуваа, е недостигот на финансиски средства, со оглед на тоа што Пошта е меѓу најголемите загубари, кои тешко опстојуваат без државна помош.

Зградата на Пошта изгоре во пожар во 2013 година, во време кога директор беше кадарот на ДУИ, Рафиз Алити. Иако првично се тврдеше дека пожарот избил поради стара инсталација, една година подоцна на судски процес беше утврдено дека причината за пожарот е човечки фактор. Внукот на Алити, Арменд Фазлиу, како шеф на неговиот кабинет беше осуден на две години затвор. 

Во пожарот настрадаа куполите и муралот на Борко Лазески. Ревизорите во 2014 година утврдија дека е уништена и опрема вредна 10.000 евра, како и марки во вредност од 92.000 евра.

Објектот е изработен од армиран бетон, во форма на лотос.

 

Пошта - руина средe центарот на Скопје

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема