1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Украина: Дотур на оружје од САД преку Германија и Полска

25 април 2024

Пентагон со месеци подготвуваше пакети муниција за Украина, вклучително ракетни системи од типот АТАЦМС со дострел од 300 километри. Испораката во Украина преку Полска и логистичките центри на САД во Германија, е спремна

https://p.dw.com/p/4fA46
Ракетни системи од типот АТАЦМС
Дел од новиот пакет помош се за прв пат и ракетни системи од типот АТАЦМСФотографија: U.S. Army/Avalon/Photoshot/picture alliance

Сега сето треба да се одвива брзо – американското оружје за Украина ќе се носи преку Полска, Германија и други земји во Европа. Министерството за одбрана на САД во изминатите месеци се подготвуваше за „денот Х“, односно за позитивната одлука во американскиот Претставнички дом во врска со  новиот пакет помош од 61 милијарди долари.  На фронтот украинската војска се најде под масовен артилериски оган и поради недостиг на муниција едвај да можеше да го возврати. „Мислам дека Министерството во изминатите месеци работеше напорно за да бидеме сега подготвени", вели поранешниот врховен командант на американската пешадија во Европа, Бен Хоџис во интервју за ДВ. „Тоа значи дека  од страна на Пентагон опремата е спакувана,  тргната на страна и испратена во вистински правец, за да може сега сето брзо да се одвива и во принцип само да биде пренесено преку граница", вели и германскиот безбедносен експерт, Нико Ланге.

Децентрализирана логистика во Украина

Од украинската граница подготвен е транспортен систем за да се заштити испораката од воздушни напади од Русија. Од почетокот на големата инвазија пред две години, Украина има развиено „децентрализирана логистика“ за западната помош, вели Ланге. „Испораката не се товари на еден воз, туку се распределува на повеќе различни возови, кои често возат ноќе сѐ до местата каде ќе биде користено оружјето", вели експертот. Украина во меѓувреме има на располагање и западни камиони за пренос на тешки пратки, во случај на копнен транспорт. Ноќно време владее полициски час, што за Москва ја отежнува работата да локализира цели за дотурот, особено имајќи предвид дека има и шпиони на терен. „Руската авијација која во однос на број и квалитет на летала има огромна предност, досега не беше во состојба да уништи ни еден единствен воз или конвој, кој пренесува опрема од Полска во Украина ", вели Хоџис.

Од Германија до Полска

На полската страна од границата кон Украина се наоѓа регионалниот аеродром Жешув, кој на југоистокот на Полска е најважна логистичка точка за помошта од западните земји. Хоџис смета дека таму слетуваат авионите кои доаѓаат од Германија. „Без разлика дали со железницата, или со авионите Ц-17 кои слетуваат во Жешув ", битно е дека логистиката на американската војска може брзо да преземе чекори. За американската испорака во Украина, Германија е најважна логистичка точка „поради географската положба и зрелата инфраструктура и поради речиси 80-годишното присуство на американската војска и соработката со Германија", оценува Хоџис.

На југозападот на Германија, во сојузната покраина. "Мизау Арми Депо" се наоѓа во непосредна близина на најголемата воздухопловна база на САД во Европа, Рамштајн.

Регионалниот аеродром Жешув, на југоистокот на Полска
Регионалниот аеродром Жешув, на југоистокот на Полска, е најважна логистичка точка за помошта од западните земјиФотографија: Laine Nathan/abaca/picture alliance

АТАЦМС со дострел од 300 километри 

Дел од новиот пакет помош се за прв пат и ракетни системи од типот АТАЦМС со дострел од 300 километри, вели Хоџис и се повикува на извори во Вашингтон. Бајден до сега дозволуваше само испорака на системот со дострел од 150 километри, слично како и Скалп или Сторм Шедоу од Франција и Велика Британија.

Со новиот дотур Украина може да напаѓа командни структури и складишта за муниција и оружје на Русија, смета Хоџис. И многу повеќе од досега „наместо да се чека да стартуваат руските ракети или авиони и потоа да се пресретнуваат, многу поефикасно е да се уништи местото од кое тие доаѓаат", оценува Хоџис.

Стратешки цели сѐ до Кримскиот мост

„Ако ја погледнете ситуацијата на југот, и натаму е непроменето тоа дека трите пристапи до полуостровот Крим се меѓу најважните воени цели", вели Нико Ланге, кој работи и за Минхенската безбедносна конференција. Тој смета дека Украина во претстојните месеци ќе се обиде да погоди сѐ повеќе битни точки за снабдувањето на Крим, сѐ до најважната рута која води преку мостот, кој ја поврзува Русија со полуостровот. „Има различни типови муниција, кои само САД во моментов се во состојба да ги испорачаат", посочува експертот и објаснува дека во Европа пред сѐ  зголемувањето на продукциските капацитети за муниција  трае долго. Сега одобрениот пакет на Европејците им купува време, смета Кристијан Мелинг, шеф за безбедност и одбрана при германскиот тинк-тенк ДГАП. Тој смета дека со новата помош од САД во толкав обем, која поддржувачите на Доналд Трамп со месеци ја држеа блокирана, се купува време додека да почне   Европа самата да вооружува,со оглед на заканата од Русија и заради Украина.