Шок по крвавата роденденска забава во Алабама
17 април 2023Од пукање за време на тинејџерска роденденска забава во американската сојузна држава Алабама загинале најмалку четворица, а 28 се повредени, од кои некои се борат за живот, изјави Џереми Буркет од локалната полиција на прес конференција во неделата вечерта. Властите засега не соопштуваат детали за возраста на жртвите и за заднината на инцидентот. Нејасно е и дали е идентификуван само еден стрелец и дали некој е уапсен.
Истрелите одекнале во саботата вечерта во танц клуб во местото Дејдвил, околу 70 километри североисточно од градот Монтгомери. Американските медиуми известуваат дека меѓу загинатите се пред се` тинејџери, собрани за да го прослават 16-от роденден на едно девојче.
Една од жртвите, според медиумите, бил нејзиниот постар брат Филставиус Даудел, спортист на кого му претскажувале блесакава кариера на фудбалските терени. „Беше многу, многу скромно момче, не се караше со никого, секогаш имаше насмевка на лицето", изјавила неговата баба за локалниот весник „Монтгомери адвертајсер“.
Од истрелите била повредена и неговата мајка, но таа е меѓу преживеаните.
Американскиот претседател Џо Бајден реагираше со шокираност и револт на новото крвопролевање, одново инсистирајќи на заострени закони за оружје во САД, каде секоја година од оружено насилство смртно страдаат илјадници луѓе.
„Во што се претвори нашата земја, кога децата не можат без страв да отидат на роденденска забава? Или кога родителите секој ден треба да живеат во страв кога нивните деца одат во училиште, кино или парк?", запраша Бајден, алудирајќи и на друг крвав инцидент во сојузната држава Кентаки, каде во градот Луисвил во саботата вечерта е пукано во група луѓе, при што според полицијата најмалку две лица се убиени, а четири се ранети. Неколку дена претходно, во вооружен масакр во банка во градот смртно настрадаа пет лица.
Без суштинско заострување на законите за оружје, експертите не гледаат шанса за запирање наоруженото насилство во САД.
Но, за да го издејствуваат тоа, Демократите на претседателот Бајден се зависни од кооперативната подготвеност на Републиканците во Конгресот, а таа на оваа тема не е на повидок. Многумина во Републиканската партија се блиски на силната лобистичка организација за оружје, НРА. На нејзиниот годишен собир на викендот во Индијанополис се појавија и познати Републиканци како Доналд Трамп и Мајк Пенс.
Масакрите и пукањето станаа секојдневие во САД, во земјата е во оптек повеќе оружје отколку било каде во светот. Само од почетокот на оваа година, невладината организација Ган вајаленс архив регистрирала повеќе од 5.000 смртни случаи поврзани со оружено насилство, во што не се вклучени самоубиствата. На крајот на март во училиште во Нешвил во сојузната држава Тенеси беа застрелани три деца и тројца возрасни луѓе.