1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шекеринска, НАТО и Македонија

20 ноември 2024

Доделувањето на функцијата заменик шеф на НАТО на кандидатка од Северна Македонија е уште една меѓународна валоризација на Преспанскиот договор. Пишува Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/4nBcu
Радмила Шекеринска
Радмила Шекеринска избрана за нов заменик генерален секретар на НАТОФотографија: DW/P. Stojanovski

Во Северна Македонија ретко има добри политички вести и затоа изборот на поранешната министерка за одбрана  Радмила Шекеринска за втор човек на НАТО  е дочекана со бран од позитивни реакции. „Ќе ми биде привилегија да служам како заменик генерален секретар на НАТО под лидерството на генералниот секретар. Решена сум да работам со сите НАТО сојузници за посилна и побезбедна Алијанса“, порача таа преку мрежата Х.

Навистина се работи за голема вест, особено затоа што во трката за престижното место Шекеринска успеа да ја победи бугарската кандидатка Марија Габриел што е само по себе успех ако се знае геостратешката важност на Бугарија за НАТО. Таа важност особено се зголеми по руската инвазија врз Украина поради улогата на бафер зона која ја има Црното Море помеѓу НАТО и Русија.

Меѓутоа, за среќа, овие аргументи иако важни во односот на НАТО кон земјите членки од регионот, не беа пресудни Бугарија уште еднаш да ликува над западниот сосед. Заслугата за оваа дипломатска победа бездруго и припаѓа на Шекеринска која според западните стандарди поседува беспрекорно политичко досие за да застане на самиот врв на НАТО. Изборот согласно  правилата во НАТО  го направи, новиот генерален секретар, Холанѓанецот Марк Руте.

Либерал по политичка вокација и редок пример за константно присуство во политиката и тоа на професионална основа,  поранешната министерка за одбрана Шекеринска  се издвојува од типичниот профил на македонски политичари кои најчесто привремено влегуваат политиката, а потоа и исчезнуваат. За успехот Радмила Шекеринска долго да се одржи  во политичките води,  се разбира има повеќе толкувања во зависност од партиската афилијација на посматрачите, но пливањето во нашето локално политичко мочуриште е само по себе тешка дисциплина. Особено ако сте жена, бидејќи мажите сѐ уште ја сметаат политиката за нивен ексклузивен клуб. Шекеринска успеа да се издигне над редовните арсенали навреди и мизогинија со кои овде ги „поздравуваат“ жените политичарки, и не потклекна под притисоците да замине од политиката.

Горчливото апче

Шекеринска уште во почетокот на кариерата го има покажано својот  сенс за политика.  На нејзина иницијатива, иако многумина сметаа дека државата не е подготвена, во 2005 година откако една година претходно поднесе апликација, Македонија доби кандидатски статус. Потсетувајќи се на 15-годишнината од тој процес Шекеринска во 2020 ќе изјави за ДВ:

„Имав мал тим во Секторот за евроинтеграции во тогашната влада, но доволен за да го препознаеме политичкиот момент кој е неповторлив. И тогаш, како и пред три години за НАТО, имаше скептици,  дури и во СДСМ.  Но тоа не ме одврати од намерата да го направиме тој скок, и конечно да се стекнеме со статус на земја кандидат за членство во ЕУ“.

Токму тоа е задачата и одговорноста на политичарите – да го препознаат политичкиот момент кој често е неповторлив. Пред таков момент сега се наоѓа актуелната влада која треба да направи исчекор кон европската интеграција. Ако е за утеха, горчливото апче го голтна претходната влада прифаќајќи ја преговарачката рамка, и сега останува на сегашната да го направи наредниот чекор. Северна Македонија е со лимитирана дипломатска мрежа а со тоа и лимитирани капацитети во лобирањето во моќните центри, и затоа е од голема важност лидерите на земјата да се визионери и навреме да ги антиципираат случувањата кои можат да влијаат врз иднината на државата.

Таков беше и моментот со Преспанскиот договор и  влезот во НАТО  на кои Шекеринска е поддржувач и водеше активна политика за тие да се остварат, и кои беа отскочна штица за државата, без оглед што има и критики и оценки дека претходната влада направила историска грешка. Но при големи одлуки секогаш има и големи поделби и од тоа не треба да се плаши ниту еден политичар кој сака да ја води напред земјата наместо само да владее.

Денес кога државата преку Шекеринска добива голема и важна улога во НАТО, непопуларните одлуки добиваат на значење и ја потврдуваат својата исправност. Доделувањето на функцијата заменик шеф на НАТО на кандидатка од  Северна Македонија  е уште една меѓународна валоризација на Преспанскиот договор, по  приемот на нашата земја за полноправна членка. Важно е да се каже и дека Шекеринска се наоѓаше на политички функции во државата токму во времиња кои беа пресвртница за развојот на земјата. Како млад кадар таа доби одговорност да биде на чело на евроинтеграциите во државата уште во 2002 година кога таков ресор за првпат беше воведен во владата. Нејзиното искуство беше скромно тогаш, но нејзините инстинкти во политиката беа силни, и токму тие инстинкти подоцна ќе ја доведат до функцијата министерка за одбрана каде стана видлива за НАТО и за стратешкиот партнер САД.                    

Владата ги бере ловориките

Согласно партиското војување кое повеќе од три децении е одлика во домашната политика, владата барем додека го подготвувавме овој текст, го игнорираше ова важно достигнување на Северна Македонија. Како да е ерес да се честита на политичкиот противник што успеал да добие толку висока меѓународна функција која значи и признание и шанса за државата. Од честитката на амбасадорката Агелер, сепак, стана јасно дека владата молкум застанала зад кандидатурата на Шекеринска, што пак од друга страна е израз на политичка зрелост за која треба да се даде признание. Но веста од НАТО заслужува и јавна честитка од владата бидејќи Шекеринска отсега е најважниот и најгласниот амбасадор на Северна Македонија во Европа и во светот. Функцијата што ја доби поранешната шефица на одбраната е на линија и на залагањата на претседателката  Гордана Сиљановска Давкова  за повеќе жени во политиката, па со право се очекува и таа да го поздрави изборот доколку нејзините залагања се искрени.

Поуката што треба да се извлече е дека тешките и непопуларни одлуки се тие што ја водат нашата држава напред а не кокетирањето со националистите и квази патриотите. И бездруго најважната порака е дека секој лидер преку политиката што ја води самиот избира дали ќе заврши како азилант во некоја далечна земја бегајќи од законот во својата татковина, или ќе израсне во ценет и признат функционер во меѓународни рамки кој ќе има надлежности и над другите држави.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски со гордост раскажува за неговото учество на состаноците на НАТО и за можноста нашата држава да носи одлуки заедно со големите сили, а кои се однесуваат на иднината и безбедноста на светот. НАТО е Алијанса под чиј безбедносен чадор се наоѓаат околу една милијарда население и е важно да се биде дел од тој клуб. Тука Мисајловски е сосема во право. Но тоа што тој не го кажа е дека за да се стигне до таму беа донесени тешки и непопуларни одлуки кои ВМРО-ДПМНЕ не само што не ги поддржа туку и ги попречуваше. Дури и денес додека владата ги бере ловориките на меѓународен план од членството во НАТО, таа гради амбиент во кој носителите на тешките одлуки, Заев, Димитров, Шекеринска и другите од тогашниот тим се сатанизираат и им се загрозени животот и безбедноста. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар