САД: Нападот врз Ружди е „ужасен“
13 август 2022„Овој насилнички акт е ужасен“, изјави американскиот советник за национална безбедност Џек Саливен. Белата куќа соопшти дека сите во американската влада се молат за брзо опоравување на 75-годишниот писател Салман Ружди.
Ружди беше нападнат со нож вчера претпладне (12.08) на отворена бина во Њујорк од страна на 24-годишно момче. Писателот беше пренесен во болница со рани на вратот и стомакот. Според официјални наводи, тој се лекува во локална болница и приклучен е на респиратор. Менаџерот на Ружди, Ендру Вајли, кого го цитира „Њујорк Тајмс“, наведува дека писателот не може да зборува и дека најверојатно ќе го загуби едното око.
Мотивот за нападот сѐ уште не е јасен. Салман Ружди е роден во 1947 година во Мумбај, Индија. Неговата книга „Сатански стихови“ е забранета во Иран од 1988 година, затоа што многу муслимани ја сметаат за богохулство. Една година по објавувањето на книгата, тогашниот ирански лидер, ајатолахот Хомеини, во 1989 година издаде фатва, повикувајќи на смрт на Ружди.