1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

САД ќе ѝ испорачуваат и мини на Украина

ЖА
20 ноември 2024

Според извештаи на медиумите, американскиот претседател Бајден ја проширува поддршката за Украина и со испорака на противпешадиски мини. Без американска помош, поразот би бил неизбежен, предупреди претседателот Зеленски.

https://p.dw.com/p/4nBhY
Војна во Украина
Војна во Украина - САД ќе испорачаат противпешадиски миниФотографија: Oleg Petrasiuk/Ukrainian Army via AP

Американскиот претседател  Џо Бајден  наредил испорака на мини во Украина. Ова го јавува новинската агенција АФП, а пренесува „Вашингтон пост", повикувајќи се на високи претставници на американската влада. Потегот има за цел да го забави напредувањето на руските војници во Донбас, пишува весникот.

Сепак, употребата на мините, познати и како противпешадиски мини, ќе биде ограничена на источна Украина. Дополнително треба да се испорачаат специјални мини кои се самоуништуваат по одреден временски период или чие полнење на батеријата е временски ограничено. Покрај тоа, украинската војска веќе вети дека нема да ги поставува овие мини во густо населените области.

Руската војска постави густи мински полиња на работ на окупираните територии во Украина. Употребата на мини е меѓународно забранета. Таканаречената Отава конвенција од 1999 година забранува употреба, производство и пренос на ова оружје. Сепак, конвенцијата не беше потпишана од Русија и  САД.  Украина го ратификуваше документот во 2005 година.

Американската помош е од витално значење за опстанокот на Украина. Украинскиот претседател  Володимир Зеленски  во интервју за американската телевизија Фокс њуз призна дека Украина би можела да ја загуби војната  доколку пресуши претходната масовна поддршка од САД  кога  Доналд Трамп  ќе ја преземе функцијата во Белата куќа. Сепак, Украина ќе ја продолжи борбата. Иако Украина има своја индустрија за оружје, нејзиното производство не е доволно. „Нема да биде доволно да се преживее“, истакна Зеленски.

Украина стравува дека Трамп - како што беше најавено за време на изборната кампања - може да ја намали или целосно да ја запре американската воена поддршка. Непосредно пред промената на кормилото, според пишувањата на медиумите, Бајден неодамна дал дозвола за употреба на  ракети АТАЦМС   со дострел до 300 километри  и на руска територија.

Украинската војска останува во дефанзива на фронтот. По повеќе од 1.000 дена војна, сè уште нема мир на повидок. Зеленски, сепак, предизвика внимание со изјавата. „Можеби Украина треба да надживее некого во Москва за да ги постигне своите цели и да ја врати целата национална територија“, рече Зеленски во парламентот, мислејќи на  рускиот претседател   Владимир Путин.  Таму тој презентираше план за тоа како неговата земја би можела подобро да го издржи рускиот притисок.

Во меѓународните медиуми веќе некое време се шпекулира дека  војната во Украина  може да биде замрзната по линијата на фронтот без Киев легално да ѝ отстапи територија на Русија. Но, Зеленски категорично ги отфрли формалните правни цесии на територијата. „Не се откажуваме од правата на Украина на нејзината територија“, нагласи шефот на државата.