1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСоединети Американски Држави

САД: Аризона го спречи драконскиот закон за абортус

ЖА
2 мај 2024

Врховниот суд во Аризона во април врати во сила закон стар 160 години кој предвидува речиси целосна забрана на абортусот. Парламентот сега го спречи, и со гласовите од редовите на Републиканците.

https://p.dw.com/p/4fQ5Y
САД Аризона абортус
Враќањето на законот стар 160 години со пресуда на Врховниот суд на Аризона предизвика огорчени протестиФотографија: Joel Angel Juarez/The Republic/USA TODAY Network/IMAGO

Пратениците во Парламентот на американската сојузна држава Аризона го спречија враќањето кон забрана за абортус која датира од 1864 година. По Претставничкиот дом, и Сенатот изгласа укинување на  законот стар 160 години,  кој беше повторно воведен со пресуда на Врховниот суд на Аризона и инаку ќе требаше да стапи во сила за неколку недели.

Законот од 1864 година предвидува забрана за абортус во сите фази на бременост, па и во случаи на силување или инцест. Исклучок се предвидува само доколку е загрозен животот на засегнатата жена.

При гласањето со резултат 16 спрема 14 гласови, двајца пратеници од редовите на  Републиканската партија  дале поддршка на своите колеги од Демократската партија.

Се очекува гувернерката Кети Хобс брзо да го потпише документот. Моментално во Аризона се забранува абортус од 15 недела на бременост.

Врховниот суд на Аризона во април дозволи примена на драконскиот пропис од 1864 година, кој не ги криминализира директно жените кои сакаат  прекин на бременост,  туку лицата кои ќе им помогнат – лекарите.

Темата абортус се очекува да игра важна улога во изборната кампања пред претседателските избори во ноември во САД.

Во јуни 2022 година Врховниот суд на САД со своето конзервативно мнозинство  го укина општото право на прекин на бременоста во земјата, кое важеше 50 години и оттогаш сите сојузни држави можат да донесуваат сопствена регулатива. Со тоа е настанато шаренило од правни прописи, додека абортусот  во некои сојузни држави е практично забранет, во одделни и натаму владеат полиберални закони.