Русија најавува „контрамерки“ против проширувањето на НАТО
4 април 2023Приемот на Финска во НАТО е „напад врз нашата безбедност и националните интереси на Русија“, изјави денеска (4.04) во Москва портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков. Тоа ќе повлече „контрамерки“, додаде тој без да наведе детали.
Финска попладнево во Брисел треба да биде свечено примена во НАТО како 31-ва членка на алијансата. „Ова е навистина историски ден“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Церемонијата ќе се одржи на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на воената алијанса, кои се собираат на дводневни разговори во Брисел.
Финска поднесе барање за влез во НАТО заедно со својот сосед Шведска. Приемот на нова земја секогаш треба да биде одобрен од сите претходни земји-членки, што сега се случи во случајот со Финска. Шведска сè уште се соочува со пречки, со оглед на тоа што и Турција и Унгарија го немаат ратификувано нејзиниот пристап.