1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФинска

Турција ја „крена рампата“ за прием на Финска во НАТО

ЖА / агенции
31 март 2023

Финците мораа долго да чекаат, но конечно и Анкара даде зелено светло: како последна членка на НАТО, Турција даде согласност за прием на Финска во Алијансата. За Шведска е поинаку.

https://p.dw.com/p/4PWv8
урција даде зелено светло за прием на Финска во НАТО
Турција даде зелено светло за прием на Финска во НАТОФотографија: Andrea Ronchini/Pacific Press Agency/IMAGO

Патот на Финска во НАТО конечно е слободен. Како последна членка на НАТО, Турција во четвртокот вечерта се изјасни за прием на нордиската земја, големо мнозинство во турскиот парламент гласаше „за“. Остануваат уште само неколку формалности и Финска ќе стане 31 членка на НАТО. 28 од вкупно 30 сегашни членки одлуката ја донесоа уште одамна, Унгарија тоа го направи претпоследна, во понеделникот.

„Финска е сега спремна да се приклучи на НАТО“, напиша финскиот претседател Саули Нинисто на Твитер веднаш по изјаснувањето на турскиот парламент. Без поименично да ја спомене Турција, тој се заблагодари на сите 30 членки за довербата и поддршката, ветувајќи дека неговата земја ќе биде силен и способен партнер. И финската премиерка Сана Марин преку Твитер упати колективна благодарност до сите земји кои се во составот на НАТО. Финскиот претседател и премиерката ја истакнаа својата натамошна поддршка за соседот Шведска во напорите да му се придружи на сојузот. 

Турски парламент, Финска, НАТО
Големо мнозинство од пратениците во турскиот парламент гласаа за ратификување на договорот за прием на Финска во НАТОФотографија: Hakan Nural/AA/picture alliance

За Финците, согласноста од Анкара доаѓа во посебен момент, со оглед што в недела во земјата се одржуваат парламентарни избори. Но, дури и во случај на промена на владата во Хелсинки, во приемот на Финска во НАТО ништо нема да се смени, со оглед на широкиот консензус кој владее во земјата за таа тема.

Една од клучните причини за единственоста е околу 1340 километри долгата граница со Русија. Под впечатокот на руската агресорска војна во Украина,  Финска во мај ланската година, заедно со Шведска, се одважи на поднесување барање да се припои кон НАТО- по децении неутралност.

За разлика од Финска, приемот на Шведска уште е оневозможен со нератификувањето на договорот од страна на Унгарија и на Турција. Турција ја обвинува Шведска за недоволни напори во сузбивањето на „терористички организации“ и ја критикува за оглушување на барањата за екстрадиција на лица кои Анкара ги смета за терористи. Изговорите од Будимпешта се понебулозни – наводно причина се шведските изјави околу правната држава и корупцијата.

Кога и дали двете земји ќе дадат свој „амин“ за Шведска, е нејасно. Шведска се надева тоа да се случи до следниот самит на НАТО во литванскиот главен град Вилнус во јули годинава. 

Приемот на Финска пак, по завршените формалности, би можел да биде „запечатен“ уште следниот вторник, на средбата на министрите за надворешни работи на НАТО.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема