Смртоносен пожар на бензиска пумпа во Русија
15 август 2023Најмалку 27 лица загинаа во експлозија и пожар на бензинска пумпа во Дагестан, руска република на Кавказ, соопшти утрово руското Министерство за вонредни ситуации. Во експлозијата се повредени 102 лица, од кои 27 починаа, се наведува во соопштението на министерството на Телеграм.
Пожар избувнал во сервис за поправка на автомобили на автопат во Махачкала, главниот град на Дагестан, на брегот на Каспиското Море, во понеделникот вечерта и се проширил на блиската бензинска пумпа, каде предизвикал експлозија, соопштија претходно утрината претставници на локалните власти.
Зафатена површина од 600 квадратни метри
На видео објавено од министерството се гледа како пожарникарите се обидуваат да ги изгаснат високите пламени. Според руската новинска агенција ТАСС, пожарот се проширил на површина од 600 квадратни метри.
На пожарникарите им требале повеќе од три и пол часа за да го изгаснат пожарот, јави ТАСС, повикувајќи се на руските противпожарни служби.
Авион ги превезува повредените во Москва
Во Махачкала е испратен авион да ги евакуира тешко повредените во Москва, соопшти руското Министерство за вонредни ситуации на Телеграм.
Експлозијата се случи во понеделникот вечерта во 21 часот и 40 минути по локално време, напиша на Телеграм Сергеј Меликов, шеф на администрацијата на Дагестан. „Ги истражуваме причините за експлозијата“, додаде тој.
Република Дагестан е една од 83 федерални единици на Руската Федерација и се наоѓа на најјужниот дел на земјата. Махачкала се наоѓа на околу 1.600 километри од Москва.