1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Разочарување меѓу дворјаните на виконтот Гренел

16 ноември 2024

Во Скопје, Белград, Бања Лука, врвните политичари беа сигурни дека „добриот пријател“ Гренел ќе стане државен секретар на САД. Еуфоријата спласна, него го нема на ниедна од клучните функции. Пишува Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/4n46N
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски и Ричард Гренел
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски и Ричард Гренел во Вашингтон, 07.07.2024Фотографија: Nordmazedonischer Premierminister Hristijan Mickoski

Утрото на 6 ноември изгледаше како директно од Мар-а-Лаго во Флорида да пристигнал автоматот за исполнување желби. Не во вид на славниот џубокс „Вурлицер“, туку во лицето на вистинскиот Дедо Мраз на балканските патриоти, популисти, националисти, десничари, крајни десничари, нативисти, суверенисти – Доналд Трамп.

Нема никакво сомнение дека второто доаѓање на Трамп во Белата куќа ќе предизвика шокантни бранови низ целиот свет. Ќе видиме какви ќе бидат тие. Нема да се занимаваме со тоа какви ќе бидат идните односи со ЕУ, со Германија, на пример, со Кина или Русија, со војните во Украина и на Блискиот Исток. Она што изгледа прилично интригантно е како таа еуфорија во Белград, Бања Лука, Тирана, а за нас посебно важно, во Скопје, наеднаш ја снема. Или се претвори во грицкање нокти. Откако Трамп почна да ги објавува своите номинации за идните министерски и други позиции и кога стана јасно дека во идната највисока номенклатура нема место за „балканскиот виконт“ – Ричард Гренел.

Во Белград провладините медиуми и провладините аналитичари не можеа да дочекаат кога Трамп ќе го номинира Гренел за државен секретар, нивниот најголем пријател од опкружувањето на новоизбраниот претседател. Во Скопје, некои од политичарите објавуваа дека доаѓа „златното доба“ за Македонија, по неколкуте средби со Гренел и овде и во Вашингтон. И тука поголемиот дел од политичарите на новата власт веруваа дека доаѓањето на Гренел за шеф на Стејт департментот е неизбежно, како што Земјата се врти околу Сонцето.

„Мојот добар пријател Ричард Гренел“

Најдалеку отиде министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, рано утрината на 6 номеври. Тој мислеше дека ги знае сите тајни на дневно-ноќните сеанси во Мар-а-Лаго за распределба на функциите пред да се случи победата и по неа.

Муцунски му честиташе победа на Трамп објавувајќи фотографија на која тој и премиерот Христијан Мицкоски седат со Гренел и напиша: 

„Со нетрпение очекувам да работам со мојот добар пријател Ричард Гренел и новата администрација на Трамп да ја унапреди нашата заедничка визија за глобален мир и просперитет. Заедно, можеме да изградиме силни партнерства и да поттикнеме позитивни промени на меѓународната сцена“.

Ваков аматеризам, поплавен од нескротливата желба сопствениот адут да се проектира во одлуките на транзицискиот тим и на самиот Трамп, без да се знае што навистина се случува во Мар-а-Лаго, не е забележан во аналите на македонската дипломатија. Тоа може да му се припише на неискуството на Муцунски, на екстремното брзање да се нареди во стројот на американските победници (а таму самиот Гренел да му помогне да се смести), но во основа тоа покажува длабока неумешност да се разбере што се случува во Америка, кои ќе бидат приоритете на идната администрација и каде ќе биде регионот, и Македонија како негов мал дел, во плановите и активностите на следната екипа на Стејт департментот.

Муцунски можеше да ја препрати истата честитка до сенаторот од Флорида, Марко Рубио, номинираниот за државен секретар и да ги исфрли или смени зборовите „мојот добар пријател Ричард Гренел“, а другото да остане исто. Според она што пишуваат новинарите од Вашингтон и Њујорк, Рубио лесно ќе ја помине номинацијата во Сенатот, па Муцунски посрамотен од избрзаната честитка можеби ќе причека сенаторот од Флорида и официјално да стане државен секретар и да ги испрати сличните поздрави.

Премиерот Мицкоски беше малку поумерен, но во слична егзалтација. Тој меѓу првите неколкумина во Европа му ја честита победата на Трамп утрото на 6 ноември, пред Муцунски. „Оваа победа е потврда на длабоката верба на американскиот народ во принципите на слободата и демократијата. Со нетрпение очекуваме натамошно продлабочување на нашето цврсто партнерство и соработка, особено во областите на безбедноста, економскиот развој и демократските реформи“, напиша Мицкоски во честитката.

Спласната еуфорија

Но подоцна во денот и тој не издржа, па се се пофали пред новинарите колку бил близок со некои луѓе од тимот на Трамп. „Знаете, на почетокот на август или на крајот на јули во Македонија беа Хауард Лутник, кого што можевте да го видите како стои веднаш до семејството на господинот Трамп денеска на прес-конференцијата. Господинот Лутник е претседател на транзицискиот тим во којшто се пет члена, меѓу кои е и Дон Џуниор, односно синот на претседателот Трамп. Tаму е и сега потпретседателот Џеј Ди Венс, таму е самиот нов претседател на САД, таму е госпоѓата Мекмахон и претседател на тој тим е Хауард Лутник, Тој беше тука, разговараме за многу проекти, остана подолго време, комунициравме денеска, разменивме и по некоја порака“, рече Мицкоски.

После тој прв еуфоричен ден, атмосферата кај владините луѓе спласна, па тие гледаа како еден по еден нивните пријатели, или фаворити ако сакате, ги снемува од списокот на номинираните.

Во оваа битка за наклоност, српскиот претседател, како и многупати досега, отиде најдалеку од регионалните лидери. Тој пет дена по изборите лично разговараше со Трамп за да му каже дека поддршката во Србија за неговиот избор за претседател на САД „била најголема во цела Европа“, а потоа во изјавата на неговиот профил на Инстаграм рече: „Благодарен сум му на Трамп што одлично знаеше многу работи за Србија. Немате да верувате – дури зборуваше и за спортските успеси на нашата земја“. И разговорот го окарактеризира како „одличен, содржаен и многу срдечен“.

Ричард Гренел
Критичарите на Ричард Гренел ги потсетија луѓето вклучени во транзицијата во САД на неговата бодликава личност, која на погрешен начин комуницираше со некои клучни луѓе блиски до Трамп, напиша „Политико“Фотографија: Sven Hoppe/dpa/picture alliance

Но Вучиќ не би бил тоа што е ако не се претстави во посјајно светло отколку што е, па подоцна на новинарите им изјави дека бил меѓу првите 15 светски лидери со кои разговарал Трамп. Тоа не е ни блиску до вистината, туку многу далеку – до телефонската конверзација со Вучиќ, Трамп веќе разговараше со најмалку 60 светски лидери. На некои и директно им се јави и ги најде во неочекувани околности. На пример, телефонот на ирскиот премиер Сајмон Харис заѕвони кога тој со автобус беше во северниот дел на Ирска во кампањата за изборите што ќе се одржат на 29 ноември. Тој на оние што го чекаа насобрани во еден мал град им се извини затоа што доцни 20 минути. „Извинете, но ме задржа претседателот Трамп“.

Вучиќ, пак, веднаш ги пренасочи очекувањата од Гренел (кому му даде и орден, а со кого и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, планира големи инвестиции на местото на урнатиот од НАТО генералштаб), кон оној што сега во голем дел од американската јавност се претставува како копретседател на САД – Илон Маск. „Трамп одлично ја познава Србија, посебно Илон Маск, кој беше заедно со него. Мислам дека неговата победа донесе мал зрак надеж за светот“, го дообјаснуваше потоа разговорот српскиот претседател.

Како да се допре до Рубио?

Ако го нема Гренел во првата постава на луѓето околу Трамп, тогаш кого нашите нови власти би го претставиле како „добар пријател“? За синот на кубанските емигранти, Марко Рубио, тоа не би можело да се каже. Тој е сенатор од 2010. Рубио влезе во претседателската трка во 2016 година, соочувајќи се со преполното поле на Републиканската партија во кое беше вклучен и Трамп. Тој ја напушти трката откако Трамп го порази во неговата родна Флорида. Рубио и Трамп разменија вербални удари за време на трката, при што Трамп го нарече Рубио „Малиот Марко“. Рубио одговори со навреда за големината на рацете на Трамп и нарекувајќи го „измамник“ и „вулгарен“.

Нивниот однос се подобри кога Трамп беше во Белата куќа. Како заменик-претседател на Комитетот за разузнавање на Сенатот и член на Комитетот за надворешни односи, Рубио сега често разговара за странски воени и економски закани, особено за Кина. Тој предупредува дека Кина, Иран, Северна Кореја и Русија сè повеќе соработуваат против САД.

„Сите тие споделуваат една цел, а тоа е, тие сакаат да ја ослабат Америка, да ги ослабат нашите сојузи, да ја ослабат нашата позиција и нашата способност и нашата волја“, рече тој во говорот минатиот март.

Јасно е дека светогледите на Рубио во надворешната политика пролетуваат над Балканот. А да не ја споменуваме Македонија.

Второто големо очекување на балканските дворјани од виконтот Гренел беше тој евентуално да стане советник за национална безбедност на Трамп. Надежите за таа функција или онаа во Стејт департментот се зголемија кога Трамп на крајот на септември во Њујорк се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Покрај Трамп, на таа средба беше и Ричард Гренел. Тоа за овдешните дворјани изгледаше како непобитен доказ дека за Гренел е предодредена голема функција.

Марко Рубио
Како да се допре до Марко Рбио?Фотографија: Michael Brochstein/ZUMAPRESS/picture alliance

Но во првото распределување на номинациите местото советник за национална безбедност отиде кај конгресменот Мајк Волц (исто од Флорида), уште пред да биде објавена онаа на Рубио. 

Трамп на својот профил на социјалната мрежа Truth Social објавувајќи ја номинацијата рече дека Волц е „експерт за заканите што ги претставуваат Кина, Русија, Иран и глобалниот тероризам“ и „шампион на мојата агенда за надворешната политика Америка прво и ќе биде огромен шампион во нашата потрага по мир преку сила“. Волц е познат јастреб околу Кина. Тој ја нарече Кина „егзистенцијална закана“ за САД во интервју за Фокс њуз во 2020 година. Истиот ден, во понеделникот, Трамп објави дека ќе ја постави конресменката од Њујорк, Елизе Стефаник за амбасадор во ОН.

Кога потоа „Њујорк тајмс“ објави дека се очекува Доналд Трамп да го именува сенаторот Марко Рубио за свој државен секретар, некои од најнаклонетите кон Гренел МАГА онлајн воини побрзаа да стават сомнеж во изборот и дали одлуката всушност била направена од Трамп. Веројатно, балканските дворјани внимателно ги читаа вестите во вторникот (12.11) во кои се велеше дека сојузниците на Рик Гренел тврдат оти номинацијата на Рубио не е завршена работа. „Сè уште ја чекаме одлуката од претседателот Трамп и раководството на кампањата за тоа каква е нивната официјална одлука“, рече еден сојузник на Гренел во вторникот наутро за американското издание на „Политико“. „Она што го слушавме е дека не е донесена одлука“.

Подоцна во вторникот наутро, самиот Гренел одговори на објавата велејќи дека одлуката не е конечна и неговите сојузници не се откажуваат од борбата: „Престанете да се мачите. Не е точно“.

Гренел беше поранешен директор за национално разузнавање на Трамп, а исто така служеше како негов амбасадор во Германија и негов специјален претседателски пратеник за мировните преговори за Србија и Косово. Тој е контроверзна личност во круговите на Трамп, и покрај тоа што има воспоставено блиски односи со членовите на семејството на Трамп, вклучувајќи ги Меланија Трамп и Џаред Кушнер.

На некои луѓе блиски до Трамп не им се допадна тоа што изгледаше дека Гренел активно лобира за улогата на државен секретар - големо „не“ во светот на Трамп.

Зад сцената во изминатите неколку дена, критичарите на Гренел, исто така, ги потсетија луѓето вклучени во транзицијата на неговата бодликава личност, која на погрешен начин комуницираше со некои клучни луѓе блиски до Трамп, напиша „Политико“.

Веста за изборот на Рубио за државен секретар значеше дека „мојот добар пријател Гренел“ (Муцунски) отишол прилично назад во новата номенклатура.

Расолот допрва ќе стаса

Од целиот круг луѓе од околината на Трамп што ги познаваат овдешните дворјани останува само Хауард Лутник, копретседавачот на транзицискиот тим на Трамп. Милијардерот од Волстрит и неговата транзициска копретседавачка, Линда Мекмахон, до денот на инаугурацијата на 20 јануари имаат задача да пополнат околу 4.000 позиции во федералната влада.

Лутник гледа дека додека тој се занимава со транзицијата други луѓе ги пополнуваат клучните места. Тој го сака местото министер за финансии. Меѓу Лутник и инвеститорот Скот Бесент, како и меѓу нивните поддржувачи, владее вистинска „студена војна“ кој да ја добие наклонтоста на Трамп за оваа исклучително важна функција.

Еден од главните фактори што ја одложува одлуката е количеството на контрола што Лутник ја извршува при одредувањето на информациите што доаѓаат до новоизбраниот претседател. Бесент, сопственик на хеџ-фонд, ќе се состане со Трамп во Мар-а-Лаго во петок, објави „Вашингтон пост“.

Министерот за финансии е моќна позиција чија јурисдикција ги вклучува финансиските пазари, издавањето на американскиот долг, прашањата за економската национална безбедност, даночната политика и јачината на доларот. Бесент, кој беше малку познат во политичките кругови во Вашингтон пред кампањата, се здоби со важност на националната сцена откако се појави како еден од главните економски советници на Трамп. Тој одржува блиски врски со традиционалистите од Волстрит.

Во оваа тешка битка за позиции Трамп можеби ќе го врати Лери Кудлоу, врвен економски советник за време на првиот мандат, во неговата администрација, напиша „Волстрит џорнал“. За време на првиот мандат на Трамп, Кудлоу го водеше Националниот економски совет и тогаш често беше на телевизија, минимизирајќи ја сериозноста на економскиот колапс предизвикан од Ковид-19 и предвидуваше брзо закрепнување.

Можеби веќе во сабота или недела ќе се знае дали Хауард Лутник, еден од оние луѓе кои дојдоа во Скопје да се сретнат со Мицкоски, ќе биде дел од врвниот круг околу Трамп. А и да биде, политички и економски тој нема да има никакви врски со Македонија, освен да му каже некој добар збор на Марко Рубио за македонските политичари додека овој размислува за Кина и Иран. А во меѓувреме да се чека „мојот добар пријател Ричард Гренел“ да добие некоја нова функција од далеку понизок ранг за Западен Балкан. Расолот допрва ќе стаса за политичко отрезнување од политичката еуфорија. Дополнително, кога се знае дека токму првата администрација на Трамп одигра огромна улога во изработката на Преспанскиот договор и неговото потпишување. Толку колнат од овдешните популисти и националисти.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар