1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп: Рубио-државен секретар, Гец-министер за правда

ЖА
14 ноември 2024

Трамп објави имиња за два други важни ресори: сенаторот Рубио од Флорида треба да биде државен секретар, а ултра-конзервативниот пратеник Гец да биде министер за правда.

https://p.dw.com/p/4mxgx
Марко Рубио  Доналд Трамп САД
Сенаторот Марко Рубио од Флорида Трамп го предложи за нов државен секретарФотографија: Evan Vucci/AP Photo/picture alliance

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп најави дополнителни кадровски решенија. За министер за правда го номинираше ултра конзервативниот пратеник Мет Гец. Меѓу другото, тој ќе ги заштити границите, ќе ги разбие криминалните организации и ќе ја врати довербата на американските граѓани во министерството, објасни Трамп.

Гец се смета за лојалист на Трамп. Со својот избор,  новоизбраниот претседател на САД  ја продолжи шемата на пополнување на неговиот кабинет првенствено со луѓе за кои верува дека можат да ја спроведат неговата агенда. Она што досега предизвика бурни реакции е  номинирањето на ТВ водителот Пит Хегсет  за министер за одбрана.

Гец е исто така изненадување за многумина. Па дури и колегите во Конгресот изгледале изненадени од веста. „Сите велеа, Боже мој“, го цитира агенцијата АП републиканскиот пратеник Мајк Симпсон од Ајдахо: „Тоа беше најголемото изненадување што сум го доживеал за долго време."

Гец е еден од жестоките бранители на Трамп во кривичната постапка против него и го поддржа во постапката за импичмент во неговиот прв мандат. Како министер за правда тој е од централно значење со оглед на правните проблеми на идниот претседател.

Новоизбраниот потпретседател Џ.Д. Венс во октомври изјави за Еј-Би-Си дека државниот обвинител ќе биде најважната функција по претседателската. Трамп е обвинет во три кривични случаи, вклучително и заговор за измама на САД во врска со неговите лажни тврдења за наводен изборен фалсификат во неговиот изборен пораз во 2020 година.

Мет Гец  САД
Ултра-конзервативниот пратеник Мет Гец да биде министер за правда на САДФотографија: Win McNameeGetty Images

Трамп го номинираше сенаторот Марко Рубио од Флорида за нов државен секретар. Тој е на линија со Трамп во неговиот цврст став против Кина. Во минатото, тој се залагаше за „прагматизам“ во врска со  војната во Украина.

Рубио има кубанско потекло, што го прави првиот државен секретар на САД со шпанско потекло. Тој првично беше еден од ривалите и критичарите на Трамп.

Рубио се кандидираше за републиканската претседателска номинација во 2016 година, но беше поразен од Трамп. Дури и за време на неговиот прв мандат, тој постојано беше на конфронтирачки курс, на пример кога се залагаше за закон што ќе го отежне излегувањето на САД од НАТО. Сепак, тој постепено се прилагодуваше на позициите на Трамп и стана еден од неговите најжестоки поддржувачи. Министерските позиции треба да бидат потврдени од Сенатот. Таму Републиканците на Трамп имаат тесно мнозинство.

Трамп ја номинираше поранешната демократска претставничка Габард за функцијата координатор на разузнавањето. Таа „ќе го внесе бестрашниот дух што ја дефинираше нејзината славна кариера во нашата разузнавачка заедница“, изјави Трамп.

Габард беше во преговори за владина функција откако ја објави нејзината поддршка за Трамп. Таа доаѓа од островите Самоа и ја претставуваше државата Хаваи како демократски член на Претставничкиот дом на САД од 2013 до 2021 година. Во тоа време, нејзините позиции честопати беа во спротивност со оние на нејзината партија.