1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претседателката го помилува, МВР го приведе Акиф Равмановски

ДТЗ
24 октомври 2024

Пред да излезе од затвор, еден од помилуваните е повторно приведен поради сомнеж за обид за убиство. Вештачењата потврдиле дека тој пукал кон 35-годишен скопјанец во Чаир

https://p.dw.com/p/4mBpJ
затвор
Пред да излезе од затвор, еден од помилуваните е повторно приведен поради сомнеж за обид за убиство. Вештачењата потврдиле дека тој пукал кон 35-годишен скопјанец во ЧаирФотографија: Petr Stojanovski

По излегувањето од затвор, еден од помилуваните Акиф Бејадин Равмановски е повторно приведен поради сомнеж за обид за убиство. Вештачењата за присуство на барутни честички потврдиле дека тој со пиштол пукал кон 35-годишен скопјанец во Чаир со намера да го убие, при што го погодил во ногата. 

Неколку дена по потпишувањето на одлуката Равмановски да излезе од затвор, откако се најде на списокот на помилувани од претседателчката Гордана Сиљановска Давкова, Обвинителството бара повторно да му биде одреден притвор поради обид за убиство. 

„По наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, полицијата полициски службеници непосредно по излегувањето од КПУ „Идризово“ – Скопје лишија од слобода лице на кое со одлука на претседателот на Северна Македонија извршувањето на изречената казна затвор му беше заменето со условна осуда, бидејќи за истото лице е поведена истрага за ново кривично дело – убиство од член 123 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик“, соопшти Обвинителството. 

обвинителство
По наредба на јавен обвинител, полицијата го привела Акиф Равмановски непосредно по излегувањето од КПУ „Идризово“ – СкопјеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Вештачења како доказ 

За него се водеше претходна постапка во врска со оружениот инцидент кој се случи на 14 октомври на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во Чаир. Вештачењата за присуство на барутни честички кои беа извршени по наредба на јавниот обвинител ги потврдиле првичните сознанија дека тој пукал. 

„Веднаш по пристигнување на вештиот наод, денеска е донесена Наредба за истрага на осомничениот, а до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје ќе биде доставен предлог за определување мерка притвор. За истиот настан, по поднесена кривична пријава од МВР против три лица, Основното јавно обвинителство Скопје за нив поведе постапка за кривично дело – учество во тепачка од член 132 став 1 од Кривичниот законик“, се додава во соопштението.

Гордана Сиљановска Давкова
Помилувањата на претседателката предизвикаа лавина реакцииФотографија: North Macedonia President

Лавина реакции 

Равмановски беше помилуван со одлука на претседателката од 21 октомври. Според наводите на медиумите, станува збор за припадник на скопскиот нарко клан Барон, поради што одлуката за помилување предизвика лавина реакции во јавноста.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова изјави дека Комисијата за помилување се водела од конкретни дела во врска со помилувањата за неколкумина затвореници што ги добија по повод Денот на Македонската револуционерна борба, 23 Октомври. Таа смета дека Комисијата за помилување е составена од експерти кои се врвни во својата област и оти треба да ја почитува нивната работа. Потенцираше дека не ги знае ниту имињата на помилуваните, а при потпишувањето на одлуките се водела од делото. „Личностите се навистина интересни во негативна смисла на зборот, тоа е факт, тоа сега го гледам“, рече таа во средата (23.10). 

Претседателката помилуваше десет осуденици, меѓу кои и поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески. На листата на помилувани се и Шенол Маслани од скопско Арачиново, Акиф Равманоски и Марјан Ефремов, првоосомничен во аферата „Шпион“, чија казна затвор се намалува за три месеци.