1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помилувањето крена прав, но и прошетката на Красниќи

23 октомври 2024

Пред шефот на државата да донесе одлука за помилување, постапката поминува низ ресорот правда и низ Комисија за помилување кај претседателот. Сепак, можни ли се превиди?

https://p.dw.com/p/4m7Nj
По повод празникот 23 Октомври, македонската претседателка, Гордана Сиљановска Давкова помилува десет осудени лица
По повод празникот 23 Октомври, македонската претседателка, Гордана Сиљановска Давкова помилува десет осудени лицаФотографија: North Macedonia President

Одлуката на претседателката на РСМ, Гордана Сиљановска Давкова, за помилување на десет осудени лица, предизвика јавни и медиумски прашања во однос на некои од помилуваните.

Со таа одлука на тројца казната затвор им се заменува со условна казна, а седум делумно се ослободуваат од издржување на останатиот дел од казните.

Во врвот на интересот е Акиф Бејадин Равмановски, лице кое е прво на списокот помилувани со одлука на претседателката од 21-ви октомври. Причината не е само поради фактот што станувало збор за припадник на скопскиот нарко клан Барон, туку што, според медиумски наводи, тој наводно бил еден од групата која само една седмица претходно, на 14-ти октомври, учествувала во пукање во скопската населба Чаир. Тогаш од огнено оружје повреден беше 35-годишниот скопјанец Е.А.

Работен ангажман

Како можело лице што издржува казна затвор да учествува во таков инцидент?

СВР Скопје тогаш соопшти дека ги утврдило сите учесници во кривичниот настан: Л.А. (32) и И.Т. (30), кои се лишени од слобода и задржани во полициска станица за понатамошна постапка, како и А.Р. (29) и М.И. (32), осудени лица на издржување на казна затвор во КПУ Идризово, а кои во текот на 14.10.2024 година, во времето на извршувањето на кривичното дело, користеле излез од затворот Идризово, по основ на работен ангажман.

„Од лице место подигнати се траги од биолошко потекло, применети се апликатори за барутен тест од утврдените учесници во кривично правниот настан, обезбедени се видео записи од „Безбеден град", а исто така утврдено е и возилото со кое едниот сторител доаѓа на лице место, по што истото е подигнато за криминалистичко техничка обработка“, соопшти СВР Скопје.

КПУ Идризово во близина на Скопје (архивска фотографија)
КПУ Идризово во близина на Скопје (архивска фотографија)Фотографија: Petr Stojanovski

Два дена подоцна, се огласи ОЈО Скопје.

„Во врска со оружениот инцидент кој се случи на 14-ти октомври на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во Чаир, по поднесена кривична пријава од МВР против три лица, Основното јавно обвинителство Скопје за нив поведе постапка за кривично дело – Учество во тепачка од член 132 став 1 од Кривичниот законик. Од нив, за двајца надлежниот јавен обвинител поднесе предлог за определување мерка притвор до Основниот кривичен суд Скопје, додека еден осомничен во моментов е во бегство и е недостапен на органите на прогонот. За уште едно лице, четврти учесник во инцидентот, за кое постојат првични сознанија дека со акт на оружено насилство предизвикал тешка телесна повреда - прострелна рана кај оштетениот, во тек е постапка за прибирање докази. Тој осомничен во моментот е на издржување затворска казна за друго дело во КПУ „Идризово“, беше наведно во соопштението.

Засега нема информации дали последното се однесува на лицето А.Р.  и дали зад тие иницијали е лицето Акиф Равмановски, кое е помилувано со одлука на претседателката, или станува збор за некое сосема друго лице. Доколку станува збор за истото, нејасно е дали Комисијата за помилувања на претседателот (која според постапката последна ги разгледува молбите за помилувања пред да даде предлог до Сиљановска), имала сознанија за кривичниот настан и од каде би требало да дојде известувањето.

Повеќе нивоа на оценка на предлозите

Пред претседателот на државата да донесе одлука за помилување, постапката поминува низ неколку нивоа на филтрирање. На веб-страница на претседателската институција, детално е опишано како тече таа постапка. Почнува со поднесување молба за помилување до судот кој ја донел првостепената судска одлука. Молбата, заедно со потребната документација, судот ја доставува до Министерството за правда. Според законски утврдената постапка, министерот за правда ги разгледува сите документи и дава свој предлог кој го доставува до претседателот на РСМ. Комисијата за помилување на претседателот на РСМ, која е постојано работно тело во служба на претседателот, на редовни седници поединечно ја разгледува секоја пристигната молба за помилување заедно со предлогот на министерот за правда.

Министерството за правда е една од институционалните станици на патот на одлуката за помилување
Министерството за правда е една од институционалните станици на патот на одлуката за помилувањеФотографија: DW/P. Stojanovski

Комисијата со мнозинство гласови од присутните членови, утврдува мислење односно предлог кој го доставува до претседателот на РСМ. Врз основа на мислењето на Комисијата, како и врз основа на предлогот на министерот за правда, претседателот на РСМ носи конечна одлука.

Претпразнично помилување

Одлуките за помилувања што ги даваа досега македонските претседатели, никогаш не поминуваа беа реакции во јавноста. Во пракса постојат два вида помилувања: редовни и групни. Под редовни се сметаат постапките кога граѓани индивидуално испраќаат молби за помилување до Министерството за правда, кои потоа се доставуваат до Кабинетот на претседателот, односно до Комисијата за помилување која детално ги разгледува, и потоа му доставува предлози на претседателот. За групните помилувања постапката најчесто се одвива пред празници - 2 Август – Илинден и новогодишните празници. За групните помилувања, предлозите до Министерство за правда пристигнуваат од казнено-поправните домови.

Последната одлука за помилување, случајно или не, претходи исто така на празник - денешното одбележување на 23 Октомври - Денот на македонската револуционерна борба, кој е државен празник и неработен ден за сите граѓани. 

За групните помилувања постапката најчесто се одвива пред празници
За групните помилувања постапката најчесто се одвива пред празнициФотографија: MIA

Основните предуслови за едно лице да биде помилувано, подразбира тоа да демонстрира добро поведение, каење за стореното дело, да не станува збор за повторник, ниту за лице кое има повеќе дела за кои треба да одговара и во иднина. 

И Красниќи на прошетка

И додека се крав прав околу помилувањата, медиуми на албански јазик објавија дека на слобода е Кондовецот Агим Красниќи, посочувајќи дека голем број пријатели, членови на семејството и негови пријатели вчера споделиле фотографии од пречекот по неговото излегување од затвор. Засега нема информации дали е пуштен само на неколку денови и под кои услови.

Тој беше осуден во 2008 година на 15 години казна затвор за повеќе кривични дела, а по 12 години поминати во издржување на казната избега после слободен викенд од штипскиот затвор. Бегството се случи во 2020 година. Красниќи беше уапсен во Косово во април годинава, а екстрадиран во земјава во јули. До отслужување на казната му остануваат околу три години.