Повторно висока американска претставничка во Тајван
26 август 2022Американската сенаторка Марша Блекбурн се сретна денеска со претседателката на Тајван, Цај Инг-вен, за време на третата посета на претставници на американските законодавни власти на земјата во само еден месец. Тензиите во регионот пораснаа уште на почетокот на месецов поради посетата на претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси.
Кина револтирана од посетата на Пелоси започна воени вежби, бидејќи состаноците со претставниците на тајванските власти ги смета за провокација. Кинеската амбасада во САД соопшти дека најновата посета на американската сенаторка Блекбурн на Тајван покажува оти Вашингтон не сака стабилност во регионот.
Кина, која го смета Тајван за своја територија, на што се противи владата во Тајпеј, започна воени вежби во близината на островот по посетата на Пелоси на почетокот на август.
Една недела подоцна Тајван го посетија пет американски конгресмени, а вчера сенаторката Марша Блекбурн слета во Тајпеј.
Повеќе: САД и Кина се на воен пат кој никој не го посакува
Блекбурн, ја претставува во Сенатот американската држава Тенеси и е член на одборот за оружје и трговија, пристигна во тридневна посета на Тајван.
На состанокот во претседателската палата, Цај Инг-вен ги пофали сите овие посети. „Во последно време многу јавни личности од широкиот спектар во американското општество го посетија Тајван. Овие срдечни изрази на љубезност и силна демонтрација на поддршка ја зацврстуваат одлучоста на Тајван да се брани“, соопшти тајванската претседтателка.
Блекбурн изјави дека „се радува што ќе продолжи да го поддржува Тајван додека напредува како независна нација“. САД како и поголемиот број земји, немаат формални дипломатски односи со Тајван, но имаат закон кој ги обврзува да обезбедат средства за негова одбрана.