Кина воведува санкции против Пелоси
5 август 2022Кинеските власти денеска објавија дека воведуваат санкции за претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси поради нејзината посета на Тајван на почетокот на оваа недела.
Во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи се вели дека Ненси Пелоси ја игнорирала загриженоста на Кина и решителното противење на Пекинг за нејзината посета на Тајван, кој Кина го смета за дел од својата територија.
Во соопштението се вели дека посетата на Ненси Пелоси била провокативна и оти го поткопува суверенитетот и територијалниот интегритет на Кина.
Повеќе: САД и Кина се на воен пат кој никој не го посакува
Се наведува дека ќе бидат воведени санкции против Ненси Пелоси и нејзиното потесно семејство, но не се прецизира какви ќе бидат санкциите.
Според новинската агенција Асошиејтед Прес, ваквите санкции се главно симболични.
Ненси Пелоси беше највисокиот американски функционер што го посети самоуправниот остров во последните 25 години. Кина го смета Тајван за своја територија и се противи на негов контакт со странски влади.