1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиРусија

Поплави во Русија: Водостојот во поплавените области расте

ЖА
12 април 2024

Луѓето во руските региони Оренбург и Курган и натаму се борат со поплавите: илјадници куќи се под вода, бројни населби се евакуирани.Намалување на водостојот се очекува дури по два дена.

https://p.dw.com/p/4egbI
Russland Orsk Überschwemmungen nach Dammbruch
Фотографија: Administration of the city of Orenburg/AP/picture alliance

Во поплавените области во јужните руски региони долж границата со Казахстан, ситуацијата останува тензична: во Оренбург, нивото на водата на реката Урал продолжи да расте - за речиси 70 сантиметри во рок од 24 часа, што, според заменик-градоначалникот Алексеј Кудинов, доведе до  поплавување на натамошни куќи.

Околу 100 други жители се пренесени на безбедно. Кулминацијата најверојатно ќе се достигне во петок, изјавил Кудинов, како пренесе државната новинска агенција РИА. Се очекува поплавите да се повлечат за два дена. Според властите, нивото на водата во Оренбург изутрината изнесувало 11,29 метри. Критичната граница со тоа е надмината за речиси два метри. Воедно, властите предупредија на можни прекини на електричната енергија во некои квартови, бидејќи надојдената вода ја загрозува и енергетската инфраструктура.

Русија поплави
Илјадници луѓе се евакуирани од поплавените области во РусијаФотографија: Russian Emergency Ministry Press Service/dpa/picture alliance

16 медицински установи под вода

Оренбург се наоѓа на околу 1.200 километри југоисточно од Москва, во истоимената област. Веќе се  поплавени големи делови од градот,  кој има 550.000 жители. Илјадници луѓе беа евакуирани во текот на изминатиот викенд, откако браната повеќе не можеше да го издржи зголемувањето на нивото на водата. Руската влада прогласи вонредна состојба во областа. Според гувернерот на регионот, Денис Паслер, поплавени се околу 12.000 згради и 16 медицински установи. Вкупната штета предизвикана од поплавата се проценува на над 40 милијарди рубљи – што изнесува околу 400 милиони евра.

Евакуирано село во Курган

Во североисточниот регион Курган, селото Каминское на реката Тобол исто така морало да биде евакуирано поради брзото зголемување на нивото на водата. Гувернерот на Курган, Вадим Шумков, на Телеграм објави дека нивото на водата е зголемено за 1,4 метри.

Русија поплави Орск
Во руските региони Оренбург и Курган илјадници куќи се под водаФотографија: Yegor Aleyev/TASS/dpa/picture alliance

Тобол, на чии брегови се наоѓа Каминское, тече и низ истоимениот град Курган, каде живеат околу 300.000 луѓе. Таму исто така се можни поплави во наредните денови, изјави Шумков. „Можеме само да се надеваме дека поплавната површина ќе се шири и земјата ќе апсорбира колку што е можно повеќе вода по својот пат." Во Курган се врши зајакнување на една брана.

Вонредна состојба и во Казахстан

Руските региони Курган и Оренбург се граничат со Казахстан, каде што исто така се случија големи поплави. Според казахстанското Министерство за вонредни ситуации, речиси 100.000 луѓе биле пренесени на безбедно од поплавите. Вонредната состојба продолжува да важи во осум од 17-те провинции во Казахстан.

Оваа година се случил сплет на повеќе фактори, кој предизвикал невообичаено силни поплави. Според руските експерти за цивилна заштита, земјата веќе била полна со вода уште пред зимата. Влажната земја замрзнала под многу обилни снежни врнежи, а потоа кога температурите брзо се зголемија во пролетта, смесата се стопила - придружена со обилни дождови.