Напад врз синагога во Тунис
10 мај 2023Во напад на синагогата Ла Гриба на тунискиот остров Ѓерба, која на еврејскиот празник Лаг Баомер ја посетуваат аџии од цел свет, убиени се двајца посетители и еден чувар. Министерството за внатрешни работи на Тунис соопшти дека напаѓачот, и самиот чувар, бил убиен од безбедносните сили.
Се вели дека припадникот на обезбедувањето прво пукал во својот колега, а потоа „бесцелно“ пукал пред синагогата. Повредени се уште четворица верници и петмина чувари. Во тек е истрага за текот на нападот и неговата заднина. Според туниското Министерство за надворешни работи, убиените посетители на синагогата се 30-годишно лице од Тунис и 42-годишно лице од Франција.
Годишниот аџилак во најстарата зачувана синагога во Африка редовно привлекува Евреи од Европа и Израел во Ѓерба. Синагогата Ла Гриба е популарна дестинација и за туристите. Зградата со величествено дизајниран ентериер датира од 1920 година.
Според извештаите на израелските медиуми, за време на нападот во синагогата имало околу 1.000 луѓе. За време на празникот Лаг Баомер секоја година важат зајакнати безбедносни мерки. Синагогата Ла Гриба е под строг надзор во текот на цела година од 2002-та, кога во напад на исламистичката терористичка организација Ал Каеда врз синагогата беа убиени 20 лица, меѓу кои и 14 германски туристи.
Тунис нема дипломатски односи со Израел, но по исклучок им дозволува на неговите граѓани да влезат во земјата како дел од организираните тури за празникот. Според еврејската заедница во Тунис, во таа земја живеат само околу 1.800 Евреи, од кои поголемиот дел во Ѓерба. Во средината на 20 век во Тунис имало околу 100.000 Евреи.