Заврши процесот за нападите на Ѓерба
6 февруари 2009Блиските на загинатите ја постигнаа својата цел - барем делумно. Некои од нив посакуваа и построга казна за Кристијан Ганчарски. Јудит Адам Каумајл, адвокатката што ги застапуваше германските тужители, смета дека нејзините клиенти се задоволни од пресудата. Важно е тоа што правдата победи и тоа што беше согледана вината на еден од соучесниците, изјави таа и додаде: „Висината на казната сама по себе и не е толку битна.“
Директна вмешаност во организирањето
Судскиот процес траеше четири недели и на крај судот одлучи: Германецот Ганчарски, кој ја сменил верата во ислам, бил член на терористичката мрежа Ал Каеда и имал блиски контакти со нејзиниот шеф, Осама Бин Ладен. За сето ова посведочија изјави на сведоци, видео-снимки, како и неговите посети на Авганистан. Покрај тоа, тој знаел за самоубиствените напади врз синагогата на Ѓерба и соработувал во нивното организирање. За сето ова добива затворска казна од осумнаесет години.
Адвокатот на Ганчарски, Себастиен Боно, по пресудата изјави дека казната била нелогична и неприфатлива. „Кристијан Ганчарски не му верува на француското правосудство. Ќе размислиме за поднесување приговор“, соопшти Боно.
Она што се случи не може да се поправи
Осудениот, пак, со смиреност ја прими пресудата. Таткото на пет деца за време на целата постапка упорно тврдеше дека е невин. Немал никаква врска со нападот врз синагогата. Од пред пет години е во притвор во Франција.
За семејствата на загинатите, пак, ова претставува еден вид завршница на болниот процес на барање правда. Катерине Кристинс, чиј татко беше еден од загинатите во Тунис, е задоволна од процесот: „Семејствата на сите загинати, од Франција, Германија и Тунис, сите се обидувавме да го победиме тероризмот. Сега ни олесна. Правосудството си ја изврши задачата, тоа е добро“, изјави таа.
Меѓутоа, сите потенцираат - она што се случи пред седум години не може да биде поправено. Загинаа 21 лице, животи се уништија. Многумина се здобија со тешки рани, кои се` уште ги потсетуваат на трагичниот случај.