Молкот не нѐ штити од сексистички говор на омраза
22 август 2023Многу примери - малку пријави и невидлива превентива. Иако сексистичкиот говор на омраза кон младите девојки зема се поголем замав, најчесто преку коментари на новинарските извештаи на социјалните медиуми, тој негативен тренд не резултира со соодветен обем на институционални постапки против него.
Илустрација за состојбата е и фактот што, на пример, во Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) не пристигнала ниту една жалба за медиум, кој известувајќи сензационалистички и непрофесионално, „инспирирал“ натамошно ширење и мобилизација на злонамерните содржини и мизогини наративи.
„Сме реагирале за такви случаи сами или заедно со ЗНМ, но жалби не сме имале, што само говори за ниското нивно на свест колку е ова проблем“, вели Катерина Синадиновска, поранешна претседателка на СЕММ.
„Покосени" од траумите
Слична е и состојбата во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Taму претставките за вакви случаи може да се избројат на прстите од една рака. Меѓу нив е случајот со19-годишна девојка која поднела претставка до Комисијата, откако во емисија на Јутјуб јавно бил исмејуван нејзиниот изглед за матурската вечер. Пораките што ги добила потоа, а биле предизвикани од емисијата, дополнително влијаеле на повреда на нејзиното достоинство и придонеле кон загрозување на нејзиното психофизичко здравје. Комисијата утврдила дека преку сексуално објективизирање на изгледот на девојката, пријавениот предизвикал повреда на нејзиното достоинство и создал заканувачка, непријателска и понижувачка средина. Комисијата му препорачала да ја отстрани емисијата, јавно да се извини и во иднина да се воздржи од содржини кои продуцираат вознемирување во јавниот медиумски простор врз основа на пол и род или која било од дискриминаторските основи наведени во Законот.
Некои од жртвите велат дека немаат ни сила некаде да се жалат, бидејќи буквално се чувствуваат „покосени" од траумите што им ги предизвикале мизогини и сексистички пораки. Таков е случајот и на 17- годишната М.Е. жртва на родово базирано вознемирување преку интернет.
„Поминав низ толку тешки трауми, што не сакав да бидам будна, сакав целиот тој период буквално да го преспијам, да избегам од реалноста. Особено е тешко ако таквиот „момент“ го живеете во мало место, каде вообичаено ништо не се случува, па веднаш станувате тема на денот, на месецот и на годината. Не сакав да се жалам поради страв дека поради тоа може одново да се соочам со истиот наратив. Сакав само да ме остават на мир, да ме заборават“, објаснува девојката.
Токсична култура
На социјалните медиуми говорот на омраза во последните години зема замав и е еден од главните извори на мизогинија и сексизам. Во анализата на родово-базирани содржини „Сексистички говор на омраза кон млади девојки“ што ја изработи Институтот за комуникациски студии, биле анализирани повеќе од 1.500 коментари на новинарски извештаи на Фејсбук за два случаи - две исчезнати малолетнички во Чаир и две исчезнати девојчиња во Центар, во периодот од март до мај 2023. Случаите биле избрани заради содржината на коментарите што ги предизвикале на социјалните медиуми, кои станале плодна почва за развивање на родово-базирани злонамерни и вознемирувачки содржини.
Основата за креирање на таквите содржини најчесто биле новинарските објави, па оттука во заклучните согледувања во анализата се посочува дека е значајна улогата на медиумите и нивното известување без сензационалистички јазик во насловите, бидејќи во такви сензитивни случаи тоа може да влијае на површно донесување заклучоци од страна на читателите. Се посочува и дека е важно да се воспостават интерни политики и лица одговорни за регулирање на коментарите со негативни содржини, со цел да се спречи нивно понатамошно ширење.
„Императив е медиумите да ја препознаат тежината на оваа ситуација", вели претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски.
„Многу е загрижувачки да се биде сведок на она што се случува на социјалните мрежи каде младите девојки и жените воопшто, се честа мета на мизогини и сексистички забелешки во делот за коментари на новинарските дела и на платформите на социјалните медиуми. Ваквите погрдни забелешки не само што ја намалуваат вредноста на дискусијата, туку и овековечуваат токсична култура што го поткопува достоинството и вредноста на половина од нашето население. ЗНМ цврсто верува во слободата на изразување, но таа слобода не треба да биде слободен простор за омраза, предрасуди или дискриминација. Императив е медиумите да ја препознаат тежината на оваа ситуација. Отсуството на сеопфатна политика за регулирање и управување со негативните содржини во нивните делови за коментари, прави лоша услуга за самите идеали на одговорното новинарство“, укажува претседателот на ЗНМ.
Вели дека Здружението е посветено на поттикнување почитувана и инклузивна дигитална средина за сите поединци и ги повикува медиумите да преземат решителни чекори за да го заштитат достоинството на нивните читатели и да се погрижат новинарските платформи да останат бастиони на остроумна дискусија и дебата.
„Иако, за жал, тоа не се случува често, има и одговорни медиуми кои се грижат за модерирање на коментарите. На ова прашање ќе посветиме особено внимание и во наредниот период, кога заедно со нашите партнерски организации ќе работиме на креирањето на новиот Кодекс на новинарите“, најавува претседателот на ЗНМ.
Госпоѓо, бидете си домаќинка!
Но, мета на сексистички говор на омраза не се само млади девојки, туку и возрасно-хетерогена „армија“ од новинарки, министерки, пратенички, уметници и други јавни личности.
„Госпоѓо, доколку не знаете, а очигледно дека не знаете и не ве бива за таа работа, седете си дома, бидете си домаќинка и ви посакувам успех“.
Вака кандидат за градоналник и се обратил на претседателка на општински Совет, во дебатна емисија на тв-медиум, а инсертот со посочената изјава го објавил и на неговиот Фејсбук профил. Дополнително, изјавата била преземена и објавена на повеќе интернет -портали, со што се зголемил опфатот и интензитетот на вознемирување кое го претпрела жената. По поднесена претставка КСЗД постапувала за овој случај и дала препорака за отстранување на повредата на правото на еднаквост.
Според Комисијата, ваквиот говор кој ја промовира идејата дека местото на жените не е во политиката и во процесите на донесување одлуки само заради нивниот пол и род, е сексистички и регресивен говор кој придонесува кон исклучување на жените од јавниот живот и претставува вознемирување како форма на дискриминација.
Од Комисијата потсетуваат дека Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените, чиј потписник е и РСМ, во членот 5 бара државите-членки да ги изменат општествените и културни шаблони на мажите и жените заради елиминирање на практиките засновани на идејата за стереотипизација на половата улога или за инфериорноста или супериорноста на кој било од половите. Членот 7 бара државите-членки да ја елиминираат дискриминацијата врз жените во јавниот и политичкиот живот - жените мора да имаат право на глас и можност да бидат бирани под еднакви услови со мажите, да учествуваат во формулацијата на владината политика, да бидат носители на јавни функции, да можат да учествуваат врз еднаква основа со мажите во невладини организации и јавни и политички асоцијации.
Брутална лавина
Сепак, најчеста мета на напади и натаму се новинарките.
„Во една од последните анализи на ПИНА, се покажа дека дури 81,6 проценти од анкетираните новинарки се соочиле со директно вознемирување на интернет поради нивната работа", посочува Катерина Синдиновска.
„Текстовите што ги пишуваат, интервјуата што ги подготвуваат или самите ги даваат, ставовите што ги презентираат, па дури и самото споменување на името на новинарките во некаков коментар во негативен контекст - е доволно за да тргне таа лавина на онлајн напади, кои се честопати и брутални. Во анализите на ЗНМ несомнено се потврдува фактот дека сексистичкиот говор се користи постојано, со што е јасно дека овие напади се базираат и на пол, не само на професијата или ставот. Жените како професионалци се секогаш поизложени на удар особено во општества каде што родовата еднаквост е далеку од потребното ниво, а во новинарството тоа е особено видливо, оти е јавна професија, па оттука е и „слободата“ што напаѓачите ја чувствуваат преку достапноста и можностите за директна комуникација“, укажува поранешната претседателка на СЕММ.
Тоа што нападите кон жените новинарки најчесто се случуваат преку социјалните мрежи, при што напаѓачите се анонимни профили, т.н. „ботови“ кои користат виртуелни приватни мрежи со што лесно ја кријат нивната трага во интернет просторот, според Синадиновска, не може да биде оправдување за слабата институционална реакција.
„Постапката за откривање на овие луѓе е комплицирана и бара и меѓународна соработка, но дури и во оној дел каде самите македонски институции можат да покренат своја постапка, тоа не се случува. Има подобрување особено во делот на работата на МВР, но кај Обвинителството и судството проблемите се очигледно потешки за решавање. Јас лично бев со години предмет на постојани онлајн напади, а мојата тужба против еден напаѓач кој притоа работеше во агенција за обезбедување, имаше секојдневен пристап до оружје и ми испраќаше пораки дека ќе дојде денот кога ќе му паднам во раце, беше одбиена во еден трагикомичен судски процес“, вели Синадиновска.
"Новинарките не треба и не смеат да бидат напаѓани само заради фактот што си ја вршат професионално нивната работа. А тоа се случува во многу ситуации“, додава Чадиковски.
Ги истакнува фактот што ЗНМ заедно со МВР изработиле протокол за пријавување напади врз новинарки во онлајн сферата, со што таа процедура сега е многу поедноставена.
Да се зголемат капацитетите
Во едно од заклучните согледувања во анализата на ИКС се вели дека „имајќи предвид дека овие дела не се соодветно препознаени од страна на релевантните институции, ниту пак се санкционираат креаторите на овие содржини, потребно е да се зголемат капацитетите на институциите за соодветно препознавање и постапување во овие случаи".
Во Комисија за спречување и заштита од дискриминација велат дека многу добро ги препознаваат посочените дела, но дека им недостигаат ресурси за поголема ефикасност.
„Комисијата сѐ уште не располага со доволно финансиски и човечки ресурси особено во делот на работата на превентивната и заштитната улога, односно во спречувањето и заштита од дискриминација“, вели претседателот на Комисијата, Исмаил Камбери.
- Институциите се соучесници во „Јавна соба“
„Врз основа на фактот што сѐ повеќе претставки пристигнуваат од страна на граѓаните, на моменти се креира забавување во однос на ефективноста и ефикасноста на работата. Тоа се гледа во фактот што голем дел од предметите, особено оние што бараат повеќе истражување или се покомплексни, се завршувани надвор од законскиот рок, кој е 60 дена. Недостигот на човечки и финансиски ресурси е исто така нотиран и во последните извештаи на Европската Комисија“, потсетува Камбери.
Бидејќи за 2023 година не им биле дозволени нови вработувања, Комисијата побарала алтернативни начини за екипирање: трајно преземање на административни службеници од други институции. Така од вкупно 16 вработени административни службеници, 13 биле преземени од други институции, односно не бил направен дополнителен товар на буџетот, објаснува претседателот на КСЗД.
Како важен чекор го посочува фактот што во завршна фаза е усогласувањето на Меморандум за соработка со Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ). Со Меморандумот се утврдува рамката во која се реализира соработката меѓу страните - за работи од заеднички интерес: активности насочени кон заштита и спречување дискриминација во програмите на давателите на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на платформите за споделување видеа; соработка при конкретни случаи на поттикнување или ширење дискриминација, нетрпеливост или омраза во програмите, организирање заеднички активности - работилници, обуки, семинари и кампањи од јавен интерес.