Случаи на сексизам во Мекдоналдс низ цел свет
17 септември 2022Први сопствени заработени пари и собирање работно искуство, за да не мора постојано да се молат родителите за џепарлак, вака веројатно многу млади луѓе си ја замислуваат својата прва работа. Но, за Матилде Симон од Хавр, во Франција, нејзиното прво работно место во филијала на Мекдоналдс станало кошмар. 23-годишната активистка своите искуства ги изнесе во Европскиот парламент, заедно со три други погодени од расизам, мобинг и сексуално вознемирување во филијали во Бразил и во САД. Илјадници вработени во цел свет раскажуваат зачудувачки слични приказни.
Сексистички забелешки
Во 2018 година Матилде започнала да работи во концернот со голема жолта буква М, кој радо се рекламира со весели детски лица, со хепи милс. Матилде вели дека на почетокот постоело чувство на припадност кон фамилија, сѐ изгледало пријателски. Но, по кратко време била завртена друга страница: „Кога ми требаа информации, претставникот на вработените ми рече: ‘Ќе ги добиеш само ако ме допреш по гениталиите.' Додека работев во кујната, паѓаа реченици како: ‘Уште го имаш твоето убаво мало задниче.'"
Веќе две години претходно десетина вработени во САД се пожалиле кај надлежните служби поради сексуално вознемирување на работно место. Бразилецот Габриел Милбрат сведочи дека бил навреден на расистичка база во филијала на Мекдоналдс во јужната држава Парана, а кога еднаш задремал на кауч во просторијата за пауза, забележал како неговиот менаџер над него врши сексуални дејства врз себе. Ова се доживувањата кои погодените ги пренесоа и во Европарламентот.
„Култура на затворање очи“
Мариа Ноихл, баварска сцијалдемократска пратеничка во Европскиот парламент, и Манон Обри, пратеничка од Левицата од Франција, сакаа овие приказни да се слушнат и во Брисел, со намера да укажат на потребата од промена на европските закони. Досега на концернот Мекдоналдс му успеваше во бројните судски постапки да ја отфрли одговорноста за систематската дискриминација и сексуално вознемирување. Во судниците на одговорност беа повикувани само директори и менаџери.
Преку 90 проценти од рестораните на синџирот за брза храна функционираат на база на франшиза. А оној кој таму се жали, често „лета“ од работа или станува изолиран, тврдат засегнатите. Организирање на вработените во синдикати во некои земји, како САД и Бразил, не е можно, ни во Франција долго време не постоеја „жешки линии“ за поплаки. Така, се етаблирала „култура на затворање очи“, истакна европратеничката Ноихл. Култура, во која во „Мекдоналс се води грижа за исти салфетки, исти сендвичи, исти компирчиња, но не и исти права.“
Нова регулатива треба да ги обврзе претпријатијата
Според Кристјан Брагасон, генерален секретар на Европскиот синдикален сојуз во областа на исхраната (ЕФФАТ), проблемот се наоѓа во системот на франшиза. Законите често не ја опфаќаат оваа структура. Затоа, ЕУ мора да се погрижи за корекција, за што се согласни и Обри и Ноихл. За тоа треба да се погрижи нова регулатива, која предвидува одговорност и на мултинационалните концерни, односно обврска на матичните концерни за сите нивни ресторани. Предлог-законот предвидува мултинационалните концерни со своите партнери да склучуваат договори со кои ги обврзуваат на запазување на законските одредби за однесување, а Европскиот парламент треба да го разгледува предлогот есенва.
За да не гледа немоќно додека нешто се придвижи на европско рамниште, Симон во Франција се приклучила кон Мекдроитс, колектив чија цел е борба против сите форми на дискриминација во Мекдоналдс: расизам, сексизам и хомофобија. Со помош на колективот е организиран и штрајк во нејзиниот ресторан, по што добила отказ, а и сите останати кои учествувале во штрајкот во Хавр, морале да си дадат оставки. За ваква пракса известуваат и други вработени во концернот во САД, Бразил или Велика Британија.
Засегнатите се жалат на отуство на реакција од концернот
Мекдоналдс во меѓувреме за оваа година најави нови уедначени стандарди во цел свет, кои содржат и превенција од сексуално вознемирување. Но, детали не се соопштени, Мекдоналдс не реагираше на прашањата на Дојче веле, ниту на барањата на синдикатите. На веб-страницата стои дека Мекдоналдс ќе им пружа помош на купувачите на франшиза со опционални обуки.
Матилде раскажува дека обуката за превенција во Франција е во форма на видео-игра, во која менаџерите, службениците и соработниците при одделни мали сцени треба да одберат опција каква форма на дискриминација тие претставуваат. За сексизам постои и ваков пример: една жена кревањето на нешто тешко му го препушта на својот машки колега, со зборовите: „Ова е претешко за мене.“
Засегнатите се надеваат дека новата регулатива ќе го принуди Мекдоналдс на промени. Но, Ноихл знае: додека да се затнат сите дупки во европските закони, ќе поминат години. Засегнатите, без оглед на овој долг процес, планираат да продолжат да се борат за своите права сѐ додека Мекдоналдс не покаже спремност да седне со нив на иста маса.