1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицковизмот е новата ера на режим

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
19 ноември 2024

Затскриено зад примитивен популизам во наводна одбрана на националните интереси се демонтира македонското општество во еднопартиски диктат полош и од времето на „едноумие“. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/4n8gs
Христијан Мицкоски, премиер на Северна Македонија
Христијан Мицкоски, премиер на Северна МакедонијаФотографија: Government North Macedonia

Најголемиот успех на премиерот Христијан Мицкоски и владата на ВМРО ДПМНЕ во изминатите пет месеци, по големата изборна победа и освојување на апсолутна власт, е инсталирањето на режим. Македонија длабоко загазува во нова ера на уривање на и онака малкуте макотрпно стекнати демократски придобивки од осамостојувањето на државата  до денес. Многу бргу излезе на виделина „груевизмот“ во ново руво со добри изгледи да биде надмината страховладата на Никола Груевски.

Затскриен зад примитивен популизам во наводна одбрана  на националните интереси се демонтира македонското општество во еднопартиски диктат полош и од времето на „едноумие“. Вакво безумие откако паметам во Македонија немало последните 50 години. Веднаш по преземање на власта почна комплетната допартизација на државата. Кадровскиот „геноцид“ е извршен во речиси сите јавни  институции на системот и државните компании. Веќе е во прилично напредната фаза девалвацијата на  општествено економскиот поредок на државата. Поделбата на извршна, законодавна и судска власт  постои само на хартија. Сѐ е во рацете на владата и на премиерот Мицкоски кој ги следи упатствата на  авторитарните десничарски лидери.  Се работи на уништување на опозицијата која жестоко се сатанизира, иако не претставува никаква пречка за донесување на одлуките и промените кои беа ветувани во предизборната кампања од победниците.

Перфидниот притисок е типичен вмровски. Прво во четири очи се повикува на оставки, ако до тоа не дојде, се оди на компромитација, јавни закани, подметнувања  и жигосувања.  Покрај компаниите и фондовите кои не се  во надлежност на владата на силен удар  се изложени комплетниот правосуден систем, од најниските инстанци до Врховниот суд и до уставните судии, обвинителствата , апелационите судови, полицијата, армијата,  разузнавачките служби,  дипломатијата, здравството, образованието, институциите во областа на културата, администрацијата, спортот....

Кадровските промени се вршат брутално како  да се работи за воен плен. Не се менуваат само вообичаените високи функционерски позиции кои припаѓаат на победниците на изборите, туку се оди многу подлабоко и пошироко со вмровизација до степен на најниските ешалони во институциите и во јавната администрација и со уцени и на локално ниво во малкуте општини кои не се под капата на ВМРО ДПМНЕ. Дополнително стравот ги расцвета сончогледите на прагот на зимата со што се воспоставува  апсолутна власт во сите сфери.

Во Македонија нема законска заштита, или прецизна одредница кои сѐ функционери се менуваат по изборите. Во демократските општества покрај Собранието, владата, претседателот на државата, владините кабинети, министрите, нивните заменици и помошници министри, мал дел од високата администрација, точно е одредено уште кој ги пакува куферите и се враќа на претходното работно место. Никој не ги менува долгогодишните докажани кадри кои професионално ги извршуваат своите работни обврски. Тоа ја обезбедува стабилноста на системот.

Тука Мицкоски не запре. На авторитарниот систем кој е веќе воспоставен со промена на преку илјада  луѓе тоа не му е доволно. Последниот удар е врз акционерските друштва, па и врз целосно приватните компании кои  не се „кооперативни“ според очекувањата на власта. Тие не можат да добијат ни денар од државниот буџет, односно ангажман од државата, или тендер без оглед дали ги исполнуваат условите.

Невиден притисок врз банките

Деновиве сме соочени со невиден притисок врз банките - владата да го регулира нивното работење и условите за давање кредити иако тоа не ѝ е во надлежност. Премиерот Мицкоски не се симнува од екраните и од социјалните мрежи делејќи популистички лекции што тој очекува да направат, како што вели општествено одговорните банки за да ја преземат и споделат  одговорноста за стотици милиони евра кредит од Унгарија. Ретки се случаите на стручни луѓе и медиуми кои предупредуваат на штетите од ваков упад во банките. 

За одбележување е јавниот настап на поранешниот министер за финансии Никола Поповски кој излезе со храбар и дециден став дека станува збор за опасен преседан. Поповски во телевизиско интервју јавно ќе каже: „Од ова што се случува и што го гледаме во последниве 7-8 дена, мислам дека сме сведоци на еден невиден политички притисок врз банките во Македонија да го прилагодат нивното пазарно работење по барање на политиката, на владата. Регулацијата на работењето на банките не е во владина надлежност и дека токму актуелните случувања се еклатантен пример зошто не треба да бидат таму....

Нема евтин кредит. Не се во прашање каматите, во прашање е милијардата што се повлекува. Таа ќе треба да се врати, плус каматите. Од каде ќе ја вратиме милијардата е прашањето? Била евтина? Па и бесплатно да ви ја дадат, 250 милиони одат во општините. Ги слушате ли вие овие владини конференции што ги пренесуваат и општините кои конкурираат за тие 250 милиони преку свои проекти, зашто ги трошат? За тротоари, мегапарк, канализациски цевки, ќе поправаат покриви“, вели Поповски.

Ако се потсетиме на поранешните предвремени парламентарни избори во времето на владеење на Никола Груевски кога пред секоја предизборна кампања следеше кредит од 250 милиони евра нештата ќе станат појасни. Разликата е во тоа што тоа беа кредити од финансиски институции, но без политички притисоци врз банките. Од тогаш задолжувањето стана успех на владите и удар врз стандардот на граѓаните кои ќе ги враќаат коруптивните предизборни кредити. Но овој пат се надминати сите законски ограничувања. Класична злоупотреба од позиција на власт.

Кој ги попречува преговорите со ЕУ

Уште една заблуда која владата и премиерот Мицкоски и партискиот врв на ВМРО ДПМНЕ ја лансира  дење ноќе за замајување на јавноста. Тоа се преговорите и  членството на Македонија во ЕУ.

Пред домашната јавност претставата е дека храбро и достоинствено  се бранат државните интереси.Во суштина станува збор за намерно одолговлекување да се влезе на отворената врата за продолжување на преговорите со ЕУ. За тоа единствен предуслов се уставните измени. Тоа да се постигне не се пречка ни Бугарија ни ЕУ, ниту опозицијата и домашните „предавници“. Најголемиот и единствен проблем е тоа што произлегува од продолжување на преговорите со ЕУ. Кажано со разбирливи зборови тоа  е  спроведување на реформите.

Во Македонија постои силен отпор на центри на моќ за спроведување на сериозните и тешки реформи иако за нив постојано се зборува дека сме подготвени и сме во напредна фаза. Тоа е причината што се различни изјавите на премиерот за домашни потреби од она што го кажува пред европските политичари. Дома зборува за  двосмерни улици во односите со ЕУ и со соседите и за  достоинствено непопушатање пред притисоци. Според она што веќе може јасно да се види од неговите средби со европските политичари, премиерот Мицкоски е соочен со јасен и дециден заеднички став на ЕУ:  Никој не ве попречува да ги продолжите преговорите и да ги спроведувате реформите за што ќе ја добиете нашата финансиска и стручна помош. Спроведените реформи се најсилната позиција и гаранција за членство во ЕУ.  Толку и ништо повеќе. Тој консензус за исполнување на условите за членство во ЕУ во Македонија е постигнат, се разбира ако се приклучат на тоа ВМРО ДПМНЕ и неговите коалициони партнери во поделба на власта кои само декларативно се изјаснуваат дека најзначајниот државен интерес останува членството во ЕУ. Ама во првите пет месеци во таа насока не мрдна со прст. Напротив, ги влошија односите и со соседите и со ЕУ и што е најлошо и внатре во земјата. Активностите за одземање на стекнати права е најголемата опасност со кои ќе се соочува Македонија во блиска иднина. Распадот на Југославија почна со одземање на стекнати демократски права.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.