1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски и Орбан го запечатија пријателството

17 септември 2024

Посетата на премиерот Виктор Орбан е знак дека Мицкоски нема намера да експериментира со нови пријателства и сојузништва туку дека ќе се потпира на сојузниците кои ги создаде неговиот претходник Груевски.

https://p.dw.com/p/4khq6
Посетата на премиерот Виктор Орбан на Македонија  е знак дека тој и неговиот домаќин, македонскиот премиер Христијан Мицкоски го запечатуваат пријателството
Посетата на премиерот Виктор Орбан на Македонија е знак дека тој и неговиот домаќин, македонскиот премиер Христијан Мицкоски го запечатуваат пријателствотоФотографија: Regierung Nordmazedonien

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе допатува во посета на Македонија до крајот на септември, објави во понеделникот (16.09.2024) министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Орбан нема да дојде во Скопје туку во некој друг град во државата, рече Муцунски. Неофицијално се споменува дека тоа ќе биде Охрид, а како можни датуми на посетата се 25 и 26 септември.

Последен пат Орбан во Македонија беше во септември 2017 година по падот на ВМРО-ДПМНЕ кога имаа приватна средба со екс – премиерот Никола Груевски во Охрид. Унгарскиот премиер тогаш дојде во улога на лидер на ФИДЕС, владејачката партија во Унгарија и сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, и во Македонија се задржа само неколку часа. Тоа беше период кога околу Груевски веќе не светеше ореолот на моќта и беше под кривичен прогон за прекршувања на законот за време на премиерската функција.

Посетата на премиерот Виктор Орбан на Македонија само по три и пол месеци од враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, е знак дека тој и неговиот домаќин, македонскиот премиер Христијан Мицкоски го запечатуваат пријателството. И дека Мицкоски нема намера да експериментира со нови пријателства и сојузништва туку дека ќе се потпира на сојузниците кои ги создаде неговиот претходник, Никола Груевски.

Блиската соработка почна практично уште пред да дојде десничарската партија на власт. На унгарските избори во 2022 Мицкоски беше во штабот на ФИДЕС. „Голема победа за Орбан. Со среќа и многу успех во четвртиот по ред премиерски мандат“, напиша Мицкоски објавувајќи селфи фотографија со Орбан. Потоа, на 18 мај 2023 Мицкоски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, во Брдо во Словенија разговараше со Орбан за интеграциите на Македонија во ЕУ и за поддршката во изготвувањето на програмата на ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори. Мицкоски и Орбан тогаш присуствуваа на средбата на Центристичката демократска интернационала, чии членови се и ВМРО-ДПМНЕ и унгарската ФИДЕС.                                             

Христијан Мицкоски и Виктор Орбан: блиска соработка
Христијан Мицкоски и Виктор Орбан: блиска соработкаФотографија: Regierung Nordmazedonien

Средба во Будимпешта

Во пресрет на изборите во Северна Македонија, во октомври 2023 Мицкоски и партискиот потпретседател Александар Николоски беа на средба со Орбан во Будимпешта. „На средбата беше направен пресек на соработката и работата на двете партии за размена на искуствата при изработка на програмата на ВМРО-ДПМНЕ за наредните избори. Беше разговарано за идни проекти и планови за развој кои би се реализирале веднаш по промената на власта во Македонија", објави тогаш Николоски на Фејсбук.

Оттука, не беше никакво изненадување што унгарскиот премиер меѓу првите ја честиташе изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ. „Честитки до ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Гордана Сиљановска-Давкова за заслужената и историска победа на денешните претседателски и парламентарни избори во Северна Македонија! Со нетрпение очекувам да работиме заедно на давање нов импулс на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ", објави Орбан на социјалните мрежи.

Соработката почна со заемот што Унгарија го даде на Македонија, кој во предизборната кампања беше најавуван дека ќе изнесува една милијарда евра, но излезе дека сумата е 500 милиони евра.

Запрашан за коментар на наводите дека Унгарија делува како параван на Кина во заемот од 500 милион евра за земјава, министерот за надворешни работи во синоќешното (16.09.2024) интервју рече дека не видел кредибилни докази за ваквото тврдење и дека заемот е од земја членка на Европската Унија, која во моментов претседава со ЕУ.

„Унгарија е земја чиј премиер редовно одржува билатерални средби со највисоките претставници на дел од земјите кои ги набројавте. Дури од нив е примен во нивните главни градови, со кои врши трговија, со кои има одлична дипломатска и економска соработка“, рече Муцунски. Унгарија како земја која е најблиска до регионот на Западен Балкан, сака стабилност и препознава потенцијал во новата влада во Скопје“ додаде тој.

Унгарија препознава потенцијал во новата влада во Скопје: шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски
Унгарија препознава потенцијал во новата влада во Скопје: шефот на македонската дипломатија, Тимчо МуцунскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Орбан честиташе за Преспанскиот договор

Интересно е што наспроти жестоките критики на ВМРО-ДПМНЕ, Виктор Орбан, во јули 2018 испрати писмо со честитки до Зоран Заев по повод склучувањето на Преспанскиот договор. Во писмото, кое Орбан го потпиша и во име на вишеградската четворка, го поздрави решението што Македонија и Грција го најдоа во врска со прашањето за името. Орбан и Заев имаа заедничка но протоколарна фотографија на самитот 16+1 што се одржа во Будимпешта во 2017 година, додека пак на состанокот на Централноевропската иницијатива во Загреб наредната година, „успешно се избегнаа" бидејќи тој се одржа три недели по бегството на Груевски во Будимпешта.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан го бранеше давањето азил на поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој побегна од својата земја откако беше осуден на двегодишна затворска казна за корупција. Тој за Ројтерс тогаш изјави дека „ќе беше многу потешко, ако не и невозможно, да се одбрани унгарската граница без Груевски".

„Го познавам овој човек, тој ми беше колега долго време“, рече Орбан и коментираше дека македонските правни постапки против Груевски се политички обоени и затоа не треба да влијаат на унгарските власти.

Орбан, кој победува на изборите во Унгарија од 2010 наваму, го импресионираше и Доналд Трамп кој на неодамнешната дебата со Камала Харис одговарајќи на нејзиниот коментар дека е предмет за потсмев на светските лидери, ја наведе поддршката на Орбан за него.

„Да кажам само за светските лидери, Виктор Орбан, еден од најпочитуваните луѓе“, рече Трамп. „Тие го нарекуваат силен човек. Тој е тврд човек, паметен, премиер на Унгарија".

Кога Трамп преживеа обид за атентат на 13 јули, Орбан беше меѓу првите лидери кои се јавија и му посакаа добро. Исто така и за вториот обид за атентат. „Јасно е дека животот на претседателот Трамп е во опасност, до неговата победа. Се молиме за вас, господине претседателе!“, објави Орбан. Тој го посети Трамп на Флорида двапати оваа година откако ја поддржа неговата претседателска кандидатура.

Еурактив во написот од пред пет дена цинично ќе констатира: „Повеќето Американци никогаш не слушнале за унгарскиот премиер Виктор Орбан него, но тој има еден обожавател во САД: Доналд Трамп".

И премиерот Христијан Мицкоски оцени дека Унгарија е „вистински пријател“ на Северна Македонија бидејќи владата на премиерот Виктор Орбан со заемот од 500 милиони евра, далат конкретна помош наместо да го тапкаат по рамо. „Јас сум благодарен бидејќи кога на човека му е тешко треба да ги види тогаш вистинските пријатели. Инаку рамото ми отпадна од поттапнување колку сме ние добри, а за жал никој не ни помага кога ни е тешко“, рече тој во јули образложувајќи го унгарскиот заем.

 

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар