1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
19 јули 2023

Ние, Македонците, треба да докажеме дека сме поумни, потрезвени и повеќе Европејци од Бугарите и да испратиме порака дека во оваа ера нема место за сеништата од минатото. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/4U5cy
Протести во Скопје, 12.07.2022
Протести во Скопје, 12.07.2022Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Знам дека речиси и да нема Македонец кој ќе се согласи Бугарите да влезат во Уставот, а причината за тоа, признале ние или не, е долготрајната нетрпеливост помеѓу двата јужнословенски народa (Анти) која е намерно продуцирана од екс-комунистичките лидери, но и македонскиот инает кој, за волја на вистината, беше поттикнат од несмасните и антимакедонски, бугарски потези. Но, реалноста и реал политиката налагаат размислување со памет наместо со срце. Ако размислувам емотивно по ова прашање, никогаш под вакви околности не би прифатил Бугарите да влезат во нашиот Устав, но ако размислувам рационално, опортунитетниот трошок за државата е поголем ако не влезат, отколку ако станат дел од нашиот Устав. Да бидеме реални, невозможно е да ги почнеме преговорите за наше членство во ЕУ без малото бугарско малцинство да стане дел од нашиот Устав. 

„Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ, Евреите, Ерменците, Египќаните и останатите јужно словенски народи, како што се делови од бугарскиот народ, словенскиот народ, хрватскиот народ и црногорскиот народ, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена македонска држава...“ 

Европски, а не бугарски диктат 

Ова е мој предлог со кој сакам да ја збогатам дебатата за уставните измени. Зошто се решив на овој чекор?

Прво, со вака дефинираната преамбула се прави разлика, диференцијација помеѓу Македонците и Бугарите како различни и посебни јужнословенски народи.

Второ, промената на Уставот на барање на Бугарија и нивното инсистирање, покрај македонскиот народ, во уставот да влезе и бугарскиот народ, де факто значи јавно признавање на Бугарија на современата реалност за постоењето на различни нации.

Трето, не можам повеќе да ги гледам овие од СДСМ како се прават големи Eвропејци и како ВМРО го преставуваат како анти-ЕУ елемент и кочничар на нашите европски интеграции, додека ја уништуваат државата, која секој ден во секој поглед пропаѓа.

Никола Тодоров
Никола Тодоров, автор на колумнатаФотографија: DW/B. Gerogvievski

Четврто, од досегашнава дебата, заклучив дека никој нема против Бугарите да влезат во Уставот, но дека стравот е дека ова нема да биде последно барање, туку ќе следат и други условувања од бугарска страна на нашиот пат кон ЕУ.

Петто, од посетите на првата и втората европска тројка можам да заклучам дека промената на нашиот Устав не е под бугарски, туку под европски диктат. Паметно или не, ова е дел од нашата Преговарачка рамка и доколку не ги направиме побараните уставни измени, нашиот пат кон ЕУ ќе биде повторно долгорочно блокиран.

Шесто, ако никој нема против Бугарите да влезат во Уставот и ако тоа не го правиме под бугарски, туку под европски диктат (диктат на клубот во кој ние молиме да влеземе), тогаш не гледам причина новата блокада на нашиот европски пат да биде плод на познатиот и често неразбран во светот - македонски инает.

Седмо, моментумот е секогаш клучен и често пресуден во политиката, во војна и во мир, па и во битката за освојување на срцето на некоја убава дама.

Осмо, сонувам да нема граници помеѓу демократските европски народи, а тоа за нас нема да биде можно без да ги исполниме условите или диктатот на оние кои се во клубот во кој ние молиме да влеземе.

Деветто, самите сме си криви што се доведовме во оваа состојба на зависност и подреденост со тоа што во раните деведесетти подлегнавме на глупостите од типот „Солун е наш“ и „наше ќе биде и солунско поле“, па поведени од овие незрели, романтични политички ставови, пропуштивме да станеме членка на ЕУ заедно со Унгарија, Чешка и Словачка, а пред Бугарија.

Десетто, сметам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на следните избори со и без уставните измени, па „фаќањето“ на овој европски воз само ќе помогне на ВМРО побрзо да се брендира како модерна европска партија, а воедно и ќе го одземе единствениот адут на кој игра актуалната владеачка гарнитура. 

Депопулација наместо бугаризација 

Затоа сметам дека сега, повеќе од кога било ни се потребни луцидни и креативни решенија кои ќе ја намалат болката од најновата присила на која сме изложени на најдолгиот пат кон ЕУ, кој пат, драги мои европски лидери, повеќе вклучува изживување и малтретирање отколку фини европски манири. Не велам дека ова е најдоброто, но сметам дека е добра основа за размислување. 

Не се плашете. Бугаризација на Македонија е невозможна. Таа можност е нула, за разлика од можноста од србизација или албанизација на пример, кои се далеку повеќе возможни. Но, сепак верувајте дека ни бугаризација, ниту србизација или албанизација на Македонија ќе се случи. Она што многу е веројатно да се случи е депопулација. Македонија да стане презадолжена и нефункционална држава на антагонизми, пензионери и административци, без млади, со девастиран приватен сектор и без можност за прогрес. Тоа е најголемата опасност која не демне, а која можеби можеме да ја одложиме ако веќе не можеме целосно да ја отстраниме, со наш влез во ЕУ.

Затоа, денес во ерата на подемот на вештачката интелигенција, ние, Македонците, треба да докажеме дека сме поумни, потрезвени и повеќе Европејци од Бугарите и да испратиме порака дека во оваа ера нема место за сеништата од минатото.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема