1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
21 јуни 2023

Потребен ни е нов европски пат. Нов европски пат по кој ќе зачекориме, а каде нема да може нашите први соседи, да ни прават сопки и да ни поставуваат нереални и понижувачки услови. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/4Srqq
Никола Тодоров
Никола Тодоров, автор на колумнатаФотографија: DW/B. Gerogvievski

Пред нешто повеќе од една година во април 2022 година, преку мојата колумна насловена „Бугарско вето“, предложив да усвоиме друга државна стратегија која ќе се базира повеќе на предвидливост, а помалку на молење. Предложив правецот кон ЕУ да не го напуштиме, туку напротив, да останеме на тој правец, но паралелно да отвориме и да тргнеме и по паралелен пат во истиот правец. Мојата тогашна иницијатива беше на иста линија со новата иницијатива на екс претседателот Бранко Црвенковски.Тој мој предлог од пред повеќе од една година, на кој цврсто стојам и денес е следниот: паралелно со отворањето на преговорите за членство во ЕУ, да отпочнеме и преговори за членство во ЕФТА - Европска асоцијација за слободна трговија, основана во јануари 1960 година, а која денес има четири земји членки - Швајцарија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн. Членот 56 од Конвенцијата за основање на ЕФТА предвидува дека секоја држава може да пристапи кон оваа Конвенција, под услов Советот да одлучи да го одобри нејзиното пристапување, под условите што можат да бидат утврдени во таа одлука. Откако ќе станеме полноправна членка на ЕФТА, многу полесно ќе можеме да станеме дел од Шенген зоната, која е составена од 22 членки на ЕУ, и од земјите од ЕФТА. Возможно е земја која не е членка на ЕУ да стане дел од Шенген зоната, бидејќи ниту една земја членка на ЕФТА не е во ЕУ, а сепак сите се дел од Шенген. По влезот во ЕФТА, ќе станеме и полноправна членка на Европската економска област (ЕЕО), бидејќи членки на ЕЕО може да бидат само земјите кои се членки на ЕУ или на ЕФТА.

Трнливиот пат

Европа не нѐ сака, ќе рече некој! Можеби и тука има нешто точно, особено имајќи го предвид негативното искуство на Унијата од приемот на некои пост-комунистички инстант-трансформирани квази-демократии, но во основа треба да си признаеме дека главно два фактори беа и останаа клучни пречки. Првиот е нашата неспособност да станеме нормална, развиена, економски силна, либерална европска демократија, а вториот е фактот што имаме конфронтирани историски тврдења со нашите соседи, кои за жал, пред нас влегле во европскиот клуб, па сега имаат право на вето и навика тоа вето да го користат. Иако државната историска доктрина ја наведов како втор фактор, сепак мислам дека е доминантен кочничар на нашиот европски пат во однос на бавниот и недоволно силен развој на економијата и демократијата.

Овој т.н. европски пат по кој чекориме овие 30-тина години се покажа трнлив, полн со нестандардни, често омаловажувачки препреки, изразени како „добрососедски“ вета кои во комбинација со нашата неспособност да станеме нормална, развиена, економски силна, либерална европска демократија, не` остави заглавени на вечната станица наречена западен Балкан. Привидното движење кон ЕУ, всушност е вртење во круг, па ентузијазмот на почетокот на секоја календарска година и на почетокот на мандатот на секоја нова влада, прераснува во разочарување кога ќе сфатиме дека после толку напор и чекорење по тој т.н. европски пат, повторно се наоѓаме на истото место од кое сме тргнале.

Вртење во круг

Потребен ни е нов европски пат. Нов европски пат по кој ќе зачекориме, а каде нема да може нашите први соседи, да ни прават сопки и да ни поставуваат нереални и понижувачки услови. Пат кој треба да не однесе во друштво на развиени европски демократии каде економската развиеност и степенот на развој на демократијата се поважни и повеќе ценети од државната историска доктрина.

Бранко Црвенковски Северна Македонија
Прашање е дали иницијативата на екс претседателот Бранко Црвенковски за нова стратегија кон ЕУ ќе вроди со плодФотографија: Darko Popov/MIA

Затоа се радувам што и искусниот политичар Црвенковски го видел овој пат и констатирал дека мора нешто да промениме во равенката. Затоа што сите знаеме дека е лудост повторно и повторно да го правиме истото и да очекуваме различен резултат. По овој пат, по овие услови, со овие соседи, чекориме со децении и резултатот е секогаш ист. Не стигнуваме до целта! А годините си минуваат. Моите родители сонуваа да бидеме дел од ЕУ, па сонувавме ние, па сега сонуваат моите деца. Се плашам дека ако останеме на истиов пат, без нешто да промениме, и нивните деца ќе го имаат истиот сон за членство во ЕУ и ќе ги слушаат истите рециклирани политички ветувања дека во наредните години ќе бидеме дел од европското семејство. Животот нема реприза и глупаво е, а би рекол и суицидално за нацијата, да очекуваме дека нешто ќе се смени во наредните 5-6 години, кога ништо не се сменило во последните 30 години.

Дека ни е потребен нов пат кон истата цел- наше полноправно членство во ЕУ е јасно. Проблемот е што нашата маѓепсаност да се вртиме во круг и никогаш да не можеме да ја видиме големата слика, ќе не` спречи да го направиме логичното и неопходното. Затоа, песимист сум дека иницијативата на Црвенковски ќе вроди со плод, пред се` поради нечии (а, многу се!) ситни и лични политички амбиции.

За ова да успее треба некој авторитет (центар на моќ) да ги собере, како мали дечиња, нашиве политичари од четирите најголеми партии и да им каже, јасно, директно и изречно дека ова е новиот пат по кој треба да тргнеме. Само така, ќе се ставиме на правилниот колосек кој оди во правец кон целта- наше членство во ЕУ, и ќе не` симне од овој ролер-костер, кој долги години ни предизвикува чувство на гадење и постојано осипување на бројот на патници.

Во спротивно, доколку не тргнеме по нов пат кон ЕУ, државата ќе тапка во место, младите ќе се иселуваат, демографски ќе исчезнуваме, универзитетите нема да бидат ниту во првите 2000 на ранг листите, економски ќе живуркаме, ќе правиме нови и нови отстапки и ќе добиваме нови вета, и за цело време ќе си повторуваме - Патот кон ЕУ нема друга алтернатива!

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема