„Кој ќе дојде до социјален стан, добил на лото!“
22 април 2024Кошмарот на Амир Шраф (името е сменето од страна на редакцијата) започнал точно на 24 декември 2022 година, кога самохраниот татко на три деца, кој по потекло е од Авганистан и веќе 16 години живее во Германија, добил отказ на договорот за кирија заради наводна лична потреба на сопствениците. Тоа што следува е судбина која актуелно ја делат стотици илјади луѓе во Германија – повеќемесечна очајна потрага по стан што може да си го дозволат. Со десетици неодговорени писма, стотици конкуренти и бескрајни редици за термин за гледање на стан -доколку човек воопшто има среќа да биде меѓу поканетите. И тоа само за на крај да се добие задолжителниот одговор: „Жалиме, но се одлучивме за друг кандидат!“ Шраф поднел тужба против откажувањето на договорот за кирија и за ДВ вели: „Ситуацијата со становите во Германија станува сѐ подраматична.“
400.000 нови станови годишно - целта е недостижна
Колку е експлозивна состојбата на германскиот пазар покажуваат бројките. Во Германија има недостиг од 800 илјади станови, тенденцијата е растечка. Повеќе од 9,5 милиони лица, пред сѐ самохрани родители и нивните деца живеат на тесен простор, велат од Сојузниот завод за статистика.
Амбициозната цел за изградба на 400 илјади нови станови на годишно ниво, вклучително и 100 илјади социјални, се чини недостижна поради високите камати и зголемените трошоци за градба. Според институтот ИФО, во 2023 година биле изградени само 245 илјади станови, годинава ќе бидат само 210 илјади. Понудата е мала, побарувачката е голема, па така и кириите енормно се зголемуваат. Сѐ повеќе луѓе како Шраф во својот очај се обраќаат до организации како Германското здружение на потстанари, кое се залага за интересите на потстанарите. Петер Кокс, директор на здружението за регионот Бон, за ДВ вели дека „во големите општини како Диселдорф, Келн, или Бон, речиси 50 проценти од луѓето веќе имаат право на потврда за социјален стан, односно стан каде висината на киријата е ограничена. Во денешно време не се ‚вообичаените‘ приматели на социјална помош оние кои секако често ги користат нашите советувања, туку и луѓе од средната класа.“
„Домувањето е социјално прашање на 21 век“ е само фраза?
Кога канцеларот Олаф Шолц зборува за тоа дека домувањето е клучното социјално прашање во Германија, тоа е со добра причина. Имено, за малата понуда на простор за живеење по достапна кирија не се борат само самохрани родители со деца, луѓе без работа, студенти и бегалци, туку и сѐ повеќе луѓе од средната класа. Тоа е социјален експлозив.
Кокс вели дека неговата организација сега има рекордни 25 илјади членови и тој број секој ден станува сѐ поголем. „Луѓето се многу очајни. Изминатите години доживеавме кај нас да доаѓаат не само луѓе кои имаат акутно нови проблеми, како неможност да се доплати за потрошената електрична енергија“, вели Кокс и додава дека доаѓаат и луѓе кои со години ги немало, затоа што сега „на пример им ги откажуваат становите во обид да ги издадат повторно за повисока кирија“.
Се зголемува и бројот на бездомници
Доаѓаат и лица кои во борбата за стан извисуваат и мора да кампуваат надвор, или да шетаат од пријател до пријател, или да преспиваат во државни сместувалишта. Кокс проценува дека нивниот број само во реонот Бон изнесува веќе 3500 лица, десетпати повеќе отколку пред неколку години. Тој итно апелира дека „се потребни 15 илјади домови за 30 илјади лица кои во следните години ќе се доселат во Бон, а 10 илјади од тие единици за домување треба да бидат градени со субвенции, ако се земе предвид фактот дека на здрав пазар околу 12 до 14 проценти од становите се субвенционирани, или со фиксна висина на киријата.“
Германија - земја на потстанари
Германија е земја на потстанари и тоа убедливо број еден во Европа. Повеќе од половина од населението не живее во сопствени четири ѕида, а земјата е единствена во ЕУ во која бројот на кираџии е поголем од бројот на сопственици на простор за живеење. Германија сега го плаќа цехот за политичките грешки од минатото, кога сојузната држава илјадници станови продаде на приватни инвеститори, а покраините наголемо се повлекоа од изградбата на социјални станови. Матијас Бернт, експерт за политика за домување, за ДВ вели: „Порано имавме четири милиони социјални станови и 15 милиони домаќинства под кирија, сооднос од 1 спрема 4. Денес имаме еден милион социјални станови и 21 милиони домаќинства кои живеат под кирија, значи сооднос од 1спрема 21. Кој сега во овие услови успее да добие социјален стан, добил на лото.“
Бернт е шеф на истражувачкиот проект „Политика и планирање“ на институтот во Лајбниц за просторни социјални истражувања. Тој забележал дека кризата е особено нагласена во големите и универзитетските градови. Во Берлин, на пример, има сѐ повеќе станови за издавање на краток период, додека кириите за нов кираџија во просек се двојно повисоки отколку за оние кои одамна имаат договори. Сојузната влада очајно се обидува да преземе контрамерки и ја продолжи кочницата за зголемување на кириите до 2029 година. Според неа, при склучување на нов договор за закуп, киријата не смее да биде повисока од 10 проценти од вообичаената кирија за тоа место. Исклучоци има за новоградби, за модернизирани или делумно уредени станови. Тоа се дупки во законот, кои мора итно да бидат затворени, смета Бернт.
„Мислам дека краткорочно ни треба посилно регулирање на пазарот за станови под кирија. Не е можно во Берлин половината од становите со помош на трик да се нудат како делумно уредени и издавачите на тој начин да го заобиколуваат ограничувањето на киријата со тоа што ќе стават маса и шкаф во станот и потоа ќе бараат страшна разлика во висината на киријата.“